Како Џихан Ахмед се протна низ Комисијата за избори и именување во Собранието незабележана?
Да не беше реакцијата од невладиниот сектор, кандидатката за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Џихан Ахмед, веројатно ќе беше изгласана и незабележано ќе се протнеше во ова тело и покрај незадоволителните одговори кои ги даде на интервјуто, а кои во јавноста ги актуелизираше Мрежата за заштита од дискриминација.
Препорачано
Всушност, и покрај тоа што интервјуата на кандидатите се емитуваат на страницата на Собранието, сепак мал број луѓе ги гледаат, а пратениците кои членуваат во Комисијата за избори и именување, имаат дискреционо право да ги одберат тројцата кандидати кои ќе ги предложат за членови. Тоа е одговорот како кандидатката Ахмед ја помина прелиминарната селекција и се најде меѓу предложените за членка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација заедно со уште двајца од вкупно 14 кандидати.
„Слободен печат“ се обиде да дознае дали за изборот на членови во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација собраниската Комисија за избори и именување прави ранг-листа и дали има јавност во гласањето, а за таа цел се обративме до неколку пратеници кои членуваат во неа. Одговори не добивме.
Пратеничката од СДСМ Сања Лукаревска објави видео на Фејсбук, од кое станува евидентно дека предлагач на Џихан Ахмед е пратеникот од Вреди, Беким Ќоку. Лукаревска го спори ова предлагање.
Атанас Аврамов од Мрежата за заштита од дискриминација вели дека изборот се прави со дискреционо право на пратениците, и покрај тоа што претходно има интервјуа и јавна расправа. Во комисијата за избори и именување во Собранието членуваат пратениците Ѓорѓија Сајкоски, Дафина Стојаноска, Никола Мицевски, Жаклина Пешевска, Ели Панова, Миле Лефков, Сања Лукаревска, Љупчо Николовски, Арбана Пашоли, Илире Даути, Борислав Крмов и Даниел Стојчевски. Тие имаат и свои заменици.
Јавната расправа служи за проверка на кандидатите и тоа колку се кандидатите стручни во областа на еднаквоста и недискриминација. Граѓанските организации, кои ги поставуваа прашањата, се поканети од страна на Собранието за да може да помогнат да се изберат најдобрите кандидати. По правило, пратениците треба да го земаат предвид и самото интервју на кандидатите при именувањето. Важно е да се потенцира дека пратениците одлучуваат дискреционо, преку гласање, за тоа кого ќе предложат за член, и ќе ја испратат таквата одлука на гласање на пленарна седница. Граѓанскиот сектор не е вклучен во гласањето и дознава кој е предложениот член преку официјалниот сајт на Собранието. Со оглед на состојбата со дискриминацијата во земјата, уште еднаш апелираме таквите тела за еднаквост да бидат пополнети со кадри коишто ги исполнуваат законските услови, вели Аврамов за „Слободен печат“.
Интервјуто на Џихан Ахмед во Собранието таа го даде минатата недела, на 20 јануари, а видеоматеријалот од нејзините одговори на прашањата беше актуелизиран една недела подоцна благодарение на Мрежата за заштита од дискриминација која обвини дека Собранието продолжува да ја партизира оваа комисија составена од 7 члена.
На видеото се гледа како Атанас Аврамов од Мрежата за заштита од дискриминација бара од кандидатката Џихан Ахмед да посочи на кој темел од Истанбулската конвенција таа би работела за време на нејзиниот мандат и со кое постојано тело од Обединетите нации би воспоставила комуникација за третирање на дискриминаторските практики во однос на образованието.
-Јас со Истанбулската конвенција би работела на пример од кога е усвоен Истанбул. Тие промени како што биле во почетокот, сега многу работи се сменија. Порано за време на Ататурк имало забрана да одат, еве „забулени“. Секој има право да оди на работа, училиште како што сака. Не да се дискриминираат луѓето или тие жени што носат марама или се од друга етничка припадност или од друга раса. Мислам дека ако се гледа од тие години како што било порано, сега имаат малку пошироко поле. Имаат повеќе слобода и секој може да се изрази. Така што, јас ова вака би го продолжила како што е сега моментално во Истанбул, одговори кандидатката Џихан Ахмед.
Откако видеото од интервјуто стана многу вирално, дури тогаш Ахмед самата ја повлече кандидатурата, под притисок на бројните јавни критики. Тоа го направи синоќа, а денеска во 11 часот е закажана Пленарната седница во Собранието каде треба да се гласаат предложените кандидати.
Поранешниот министер за правда Кренар Лога на Фејсбук напиша дека Џихан Ахмед имала „лош ден на своето претставување во Собранието“ и напиша дека „вистинските виновници се претставниците на Вреди“ и покрај тоа што кандидатите за членство во КСЗД доставуваат изјава дека не членуваат во партиски орган.
Со голема веројатност ѝ било кажано дека се е само формалност и дека гласовите за нејзин избор се обезбедени. Токму ова е стапицата во која би паднале над 90 проценти од сите оние кои претходно биле избрани на позиции од ова ниво, без да поминат низ интервју од ваков тип. Сепак, вистинските виновници се претставниците на Вреди, односно оние кои ги менаџираат кадровските прашања, затоа што не ги подготвуваат своите кандидати за „тешко“ (телевизиско) интервју и за настап во собраниската сала. Сите не се навикнати на камери, ниту пак на највисоката институција во државата. Со моралното повлекување од кандидатурата, Џихан заслужува само почит – ништо повеќе, ништо помалку. Ниту еден навредлив или тенденциозен коментар не смее да биде демотивирачки фактор за пробивање на професионалниот пат и кариерата на една млада жена, а во овој случај професорка. Јас лично не ја познавам Џихан, но јавно ѝ порачувам дека, исто како и таа, сите ние сме имале моменти на слабост, колебање или моментално незнаење. Тоа не треба да биде пречка или причина за повлекување; напротив, треба да биде поттик за посилен повраток, таму каде што му припаѓа секој поединец кој има амбиција да го направи најдоброто за своите деца и за целото општество. Само напред!, напиша Лога.
Како потврда на спорноста кандидатката да биде член од КСЗД, Мрежата ја сподели јавно достапната професионална биографија на кандидатката, како и снимка од нејзиното претставување во Собранието.
„Од биографијата на кандидатката, може да се увиди дека таа работела во приватна фирма, како асистент на Европскиот универзитет и како професор во средно училиште. Следствено, кандидатката нема ниту една година работно искуство од областа на човековите права, а особено во областа на еднаквост и недискриминација. Дополнително, од нејзината биографија, може да се воочи дека кандидатката учествувала на конференции и семинари посветени исклучиво на корпоративната безбедност, и нема посветено ниту еден ден на обуки, семинари и/или конференции во областа на недискриминација. Во истата насока, во својата биографија, кандидатката ги има посочено сертификатите од следните обуки: „Каква работа посакувам, на каква – се надевам”, „Македонија во НАТО” и „Жената во современото општество”. Со оглед на состојбата со дискриминација во земјата и наодите од извештајот на ЕК за Македонија за 2025 година во делот за недискриминација, се вели во реакцијата.
За нови членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата беа утврдени и Лимко Бејзароски, дипломиран политиколог и доктор по историски науки и Наташа Амдију, дипломиран правник и магистер по правни науки.
На 3 декември е донесена Одлука за објавување оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Огласот траеше 30 дена по денот на објавување во Службен весник. На огласот се пријавиле 19 кандидати од кои 14 ги исполнувале законските услови. На јавната расправа која се одржа на 20 јануари се претставија оние кандидати кои исполнуваат услови т.е. 14-те кандидати.
По јавната расправа Комисијата за прашањата за изборите и именувањата по закон е должна во рок од 14 дена да утврди предлог листа за избор на членови кои треба да се достават до Собранието т.е. да дојдат на пленарна седница. Комисијата на 21 јануари одржала седница и нема бодување на кандидатите туку од тие 14 кандидати пратениците предлагаат кои да се изберат.
Истанбулската конвенција (официјално наречена Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство) е усвоена од страна на Комитетот на министри на Совет на Европа на 7 април 2011 година. Таа претставува регионален правен инструмент кој бара од страните да развијат закони, политики и услуги за поддршка за да се стави крај на насилството врз жените и семејното насилство.
Следењето, сексуалното вознемирување, сексуалното насилство (вклучително и силувањето), физичкото и психолошкото злоставување од страна на интимни партнери, присилните бракови и присилната стерилизација се длабоко трауматизирачки акти на насилство. Огромното мнозинство жртви се жени. Женското генитално осакатување и присилниот абортус како форми на насилство на кои можат да бидат подложени само жените, го покажува шокантното ниво на разновидност во суровото и понижувачко однесување што го доживуваат жените.
Бидејќи не страдаат само жените и девојчињата од семејно насилство, страните потписнички на конвенцијата се охрабруваат да ја применат заштитната рамка што таа ја создава и врз мажите кои се изложени на насилство во семејството или домашната единица. Сепак, не треба да се занемари дека мнозинството жртви на семејно насилство се жени и дека семејното насилство врз нив е дел од поширок модел на дискриминација и нееднаквост.


