Кајак кану Клуб „Арка-Борец“ е победник на Отвореното Балканско првенство во кајак на диви води

фото: МИА

Во организација на Кајак кану клуб „Арка-Борец” Велес и со техничка поддршка од Македонската Кајакарската федерација, Агенцијата за млади и спорт и Општина Велес на реката Вардар во Велес се одржуваше Отвореното Балканско првенство во кајак на диви води во спуст.

Како што информира за МИА Љубомир Спасиќ од ККК „Арка-Борец“, на првенството учествуваа 120 кајакари од сите категории од 25 клубови од девет држави: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија, Малта и од земјава.

Според судиите на натпреварите од Македонската кајакарска федерација натпреварите поминаа регуларно. Златните пехари во сите категории беа врачени со спектакуларен огномет и свеченост кој се одржа синоќа на Градскиот пливачки базен во Велес.

Со освоени 397 поени екипата на Кајакарскиот кану клуб „Арка-Борец“ од Велес е севкупен победник и го освои најголемиот златен пехар на Отвореното Балканско првенство во кајак на диви води спуст „Велес 2023“ што во изминатите два дена се одржа на Вардар во Велес.

фото: МИА

Второто место со освоени 311 поени освои екипата на КК „Дрина“ од Бајина Башта од Р. Србија, а третото место со освоени 217 поени му припадна на КК „Чачак“ од Чачак, исто така од Р. Србија.

Беа доделени и златни, сребрени и бронзени метали во машка и женска конкуренција во сите категории. Од детска, јуниорска, сениорска категорија па сè до ветерани. За најмлад учесник – кајакар беше прогласен петгодишниот Јованче Андонов.

Коста Ефтимов од Македонската кајакарска федерација за МИА изјави дека натпреварите поминаа одлично, а организаторот се покажа на највисоко ниво како одлични домаќини. Јасна Милутиновиќ од Бајина Башта, мајка, чија ќерка беше една од добитниците на медали, за МИА изјави дека натпреварите биле одлично организирани и имаат гостопримливи домаќини и дека прекрасно се чувствуваат во Велес градот на Вардар.

фото/извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот