Кафе-книжарница „Буква“: Центар, а маргина

Александар Сандревски – Марсо со екипата на „Буква“ / Фотографија: Зденко Петровски

Некои места едноставно стануваат дел од историјата на урбаното живеење во Скопје. Просторот што пред многу години беше познат како „Медиум“, а потоа долго време имаше некои други функционалности, од пред три години стана кафе-книжарница „Буква“.

Без големи помпезности, без свечени отворања, без инсистирање на своето постоење, „Буква“ во текот на овие три години стана едно од главните културни збиралишта во градот. Во „Буква“ се одржуваат книжевни промоции, поетски фестивали, камерни изложби, музички миниконцерти на алтернативната сцена, повремено има и гостувања на странски уметници.

Во „Буква“ ќе сретнете поети и поетеси, писатели и писателки, музичари, новинари, студенти од филолошките, филозофските и уметничките факултети и сите тие го прават амалгамот на културниот дух на самиот простор.

На 2 февруари во „Буква“ беше прославен третиот роденден со весела атмосфера, музика и многу радост. Едноставниот концепт по кој функционира „Буква“ ни го открива Александар Сандревски – Марсо.

Прославивте трет роденден на кафе-книжарницата „Буква“. Што сметате дека е најголем успех во овие три години?

– Тоа што сѐ уште сме тука и неуморно продолжуваме понатаму да опстојуваме, ден за ден, настан по настан, па и тогаш кога нема настани – „Буква“ е место каде што можете да дојдете сами, без договор и да најдете некој со кого ќе врзете жив разговор за книжевност, за музика, за филм или, едноставно, ќе си поќутите и ќе ви биде убаво. Центар, а маргина.

Кафе-книжарницата „Буква“ стана еден од најфреквентните културни простори во Скопје. Имате ли увид колку настани досега се одржале таму?

– Имаме, грижливо ги бележиме во календарот. Иако вкупната бројка е навистина голема, не би давале точен отчет зашто сметаме таа не е најважна. Отвореноста на местото, домаќинлакот и разновидноста на луѓето и настаните ни се битни. Функционираме како обединувачка точка во овие времиња на секојдневни превирања, препирања, делења и одземања.

Со која екипа почнавте и со која екипа сега ги реализирате активностите во „Буква“?

– „Буква“ има тројца основоположници: Иван Шопов, Филип Димевски и Андреј Јованчевски. Само третиот е сè уште актер во приказната и ве поздравува од далечина. Јас влетав првото лето и направив „takeover“, ко во филмот „Rockers“. Младата екипа од момци и девојки кои секојдневно се грижат за „Буква“ е, главно, составена од студенти на книжевност, но овде првенствено ги обединува посветеноста на овој мал-голем дом и на неговите гости-жители.

Што сметате дека е најголема предност на „Буква“?

– Тоа што е тука и сега.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 217, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот