Кацарска: Господине Талески не правете анализа

Директорите на училиштата на низата средби и состаноци не известија дека сами не можат да организираат бесплатен превоз на ученици. Ние како општина Битола се одлучивме за групна јавна набавка, а не за секое училиште поединечно. Поекономично беше 30 деца да се превезуваат со еден автобус, отколку со шест автобуси, изјави Владимир Талески, екс градоначалник на Битола, обвинет во случајот “Транспортер” на СЈО.

– Не сум го прекршил законот при организирање на превоз за групна јавна набавка, бидејќи тое беше направено според законските обврски. Две фирми поднесоа жалби откако беа избрани фирмите за превоз на учениците како најповолни, а набрзо како неосновани тие жалби беа отфрлени – рече Талески.

Рече дека бидејќи не се знаело колку ученици ќе се запишат следната учебна година, се направиле утврдени цени на сите делници од населените места до училиштата во Битола.

Ваквите долги одговори на Талески по однос на прашањата на неговиот адвокат денеска повторно ја изнервираа судијката Добрила Кацарска која на обвинетиот му рече:

“Господине Талески не правете анализа”.

Запрашан дали правеле нешто за намалување на цената за превоз, обвинетиот Талески рече:

– Да. Баравме начин да ги намалиме трошоците. Па направивме Пакет-линии кој што превозниците ги добиваа, а на Советот му предложивме ценовник наместо тогашните 40 денари цена за во еден правец, односно 80 денари во двата правци, а ние со тарифата ја спуштивме на 15, односно на 30 денари по ученик во двата правци. Ова многу ни помогна. Не разбирам зошто сме обвинети и наводно корумпирани кога сме правеле сè законски за намалување на цената за превоз – рече Талески.

Поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески е првообвинет во случајот „Транспортер“. Тој заедно со уште 22 лица се обвинети за злоупотреби со превозот на ученици во Битола. Штетата од делото кое го сториле се проценува на околу 360.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот