Плакат за 60. МТФ „Војдан Чернодрински“

Јубилејното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи со мото „Храбриот нов театар“

Со одлука на Собранието на фестивалот, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во своето јубилејно 60-то издание оваа година ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп со мото „Храбриот нов театар“.

Подготовките веќе се во тек и тимот активно работи фестивалот да има достоен јубилеј, креативна програма и да се комплетира идејата за Прилеп како град-театар.

– Авторот во фокус, Дејан Дуковски, ќе биде наш гостин и заеднички ќе придонесеме за поголема афирмација на македонската драма. Освен постојаните активности на фестивалот, снимаме документарен филм што треба да ја отслика историјата на фестивалот, но и да ни помогне во понатамошното креирање на современиот македонски театар. За мене, овој јубилеј е можност да се направи своевидна ретроспектива на претходниците, исклучителните театарски уметници што го создале фестивалов и го одржувале со години, како и да се создаде мост кон иднината, која треба да ја донесат нашите наследници – вели Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот, и додава дека фокусот на фестивалот е да ја презентира современата театарска продукција во насока на создавање нова естетика.

Мотото на јубилејното издание е „Храбриот нов театар“, според насловот на денес култниот роман на Хаксли – „Храбриот нов свет“ (1932), кој е инспириран од репликата на Миранда во Шекспировата „Бура“: „О, чудо! Колку прекрасни суштества! / Ах, колку прекрасни биле луѓето! / И колку си среќен со нив, во Новиот Свет!“

Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот

Во образложението за програмата на Стојаноска, меѓу другото стои: „Играта со зборови во која театарот е светот, поточно светот е театар, е само природен резултат на она што нашиот фестивал го гради со години. Кога се слави голем јубилеј, како што се шеесет години на најстариот и најзначаен театарски фестивал во Македонија, треба да се биде храбар и да се бара нешто ново, нешто што е потреба по еден, ајде да го наречеме, период на барање на својата естетика. Слично како во светот на Хаксли, нашиот театар е диктиран од одредена политичка констелација. Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: Храбриот нов театар! Или Надвор од кутијата! Или ако одиме уште поактивно – Театар без молк – свет без рамнодушност! Како сериозен театарски фестивал, не смееме да дозволиме општата рамнодушност да му го заземе местото на театарот без желба да менува или да провоцира. Логично е по претходните фестивалски изданија, водени од мотивите ‘Враќање дома’, ‘Промени се, промени сè’ и ‘Смеј се и осмели се’, да ја бараме главната нишка на театарската и уметничка дејност преку храброста врз основа на антиутопистичката идеја. Фокусот на јубилејното издание е еден своевиден мост меѓу почитта кон минатото и отворањето на можностите на иднината. Мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја креираме. Шеесетгодишниот јубилеј е точката во која се спојуваат минатото и иднината, традиционалната театарска приказна и новата виртуелна реалност, со надеж дека кога ќе излеземе од комфор-зоната, ќе можеме да се охрабриме да го креираме нашиот нов свет/театар. Храбриот нов театар е нашиот крик против поларизацијата, против рамнодушноста и против некреативноста!“

За време на фестивалот ќе се одржат промоции, дискусии, тркалезни маси по секоја претстава, а исто така, ќе се реализира програмата „Драмолетање 2.0“. Посебен ден ќе биде издвоен за творештвото на Авторот во фокус. За дизајнот на плакатот се погрижи Ема Велкова. Покровител на фестивалот ќе биде претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Фестивалот и годинава ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и Град Прилеп.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 322, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28.2.-1.3.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот