Јелена Розга за „Слободен печат“: Едвај чекам да застанам пред македонската публика и да го „оставам“ срцето пред неа

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/ Јелена Розга

Хрватската пејачка Јелена Розга вчера во Скопје на прес-конференција го најави својот прв солистички концерт, закажан за 10 февруари во Арената „Борис Трајковски“.

Јелена, како голем професионалец и перфекционист, својот концертен настап го испланирала до најситниот детаљ – од беспрекорна сценографија и специјални ефекти, кореографија со одлични танчари, сценскиот стајлинг и секако бендот кој оди во чекор со нејзините совршени вокални способности.

Како што самата изјави, се работи за концертен спектакл со врвна аудио-визуелна продукција, со танцување, пеење, кореографии, танчари и костими, за што чекала цели 27 години. Розга истакна дека уште сега чувствува возбуда поради концертот и со нетрпение чека да застане пред македонската публика и да го „остави“ срцето пред неа, бидејќи се сеќава дека сите нејзини настапи низ Македонија биле посебни.

Фото: Принтскрин/ Инстаграм/ Јелена Розга

На прашањето на „Слободен печат“ дали македонската публика може да очекува изненадувања и гости на коцертот и колку ќе трае целиот спектакл, Розга одговори дека изненадувања секако ќе има, но не би биле изненадувања ако ги открие, а концертот ќе трае повеќе од два часа.

Со оглед на тоа дека за првпат подготвува концертен спектакл во кој има и кореографии, Розга откри дека за тоа се подготвувала со месеци и дека тоа бара голема психичко – физичка подготовка. Бидејќи веќе е започната турнејата во регионот, кога има слободно време, односно кога нема концерти, таа секојдневно патува на проби во Љубљана, Словенија, бидејќи од таму е кореографот и танчарите кои ја придружуваат. Сепак, како што самата истакна, најважно и на прво место ѝ е пеењето, да нема никакви грешки, недостатоци или погрешни тонови.

Зборувајќи за кариерата, своите почетоци во групата „Магазин“ и за пејачкото искуство, таа се осврна и на соработките со други музичари. Поради тоа што досега имала дует со нејзиниот колега, српскиот пејач Саша Матиќ, Розга изјави дека размислува и има желба да направи женски дует со некоја пејачка од регионот, неконкретизирајќи точно од каде.

Јелена Розга плени и со својот физички изглед, негувано лице и беспрекорна линија, кои ги одржува во совршена форма со години. Како што самата изјави, тоа се должи на неколку фактори, секако нејзиното далматинско потекло и традиционалната храна како риба, маслиново масло и многу зеленчук, но и на здравствената состојба и проблемите со тироидната жлезда и заболувањето Хашимото, поради што мора да внимава на својата исхрана. Никогаш во животот не пиела алкохол, но понекогаш сака да ужива во некое парче пица. Истакна дека ја обожава македонската традиционална кујна, особено надалеку познатиот македонски бренд – ајварот, за кој вели дека е најдобриот во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот