Изводите од Матично сега се вадат онлајн – и потврда за слобода од брак ќе се добива со клик
Граѓаните од денес можат изводите од матичните книги и потврдата за слободна брачна состојба да ги вадат целосно дигитално, односно онлајн.
Управата за водење матични книги целосно ги префрли своите услуги на националниот портал uslugi.gov.mk, со што изводите од матичната книга на родени, венчани и умрени, како и потврдата за слободна брачна состојба, стануваат целосно дигитални.
Препорачано
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, порача дека ова е уште еден чекор кон побрза, поефикасна и потранспарентна администрација.
Новите дигитални решенија беа промовирани вчера заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, при што беа претставени уште четири електронски услуги што се однесуваат на здравственото осигурување.
Правните лица добиваат можност целосно електронски да поднесат барање и да добијат потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, услуга која е достапна во секое време, без административни бариери.
Физичките лица преку порталот можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжителното здравствено осигурување, потврда за статус на осигурено или неосигурено лице и платен придонес, како и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.


