Извештај на ГРЕКО: Борбата против корупцијата бележи минимален напредок, недоволен за државата

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Групата држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО) заклучи дека Северна Македонија постигна одреден напредок во спроведувањето на препораките содржани во Извештајот од Четвртиот круг на евалуација и ја охрабрува државата да продолжи со започнатите активности во оваа насока и забележа дека се во тек натамошни реформи во однос на голем број од преостанатите препораки.

Ова како што соопштија од Министерството за правда е донесено на 90-та пленарна седница на ГРЕКО која се одржа од 21 – 25 март годинава, кога е усвоен Адендумот на Вториот Извештај на ГРЕКО за усогласеност на Република Северна Македонија во рамките на Четвртиот евалуационен круг (на тема: “Спречување на корупција кај пратениците, судиите и обвинителите“).

„Од дадените вкупно деветнаесет препораки, девет се имплементирани во задоволителна мера, девет се делумно имплементирани, а само една препорака е неимплементирана“, се вели во соопштението.

Во однос на судството, се вели дека ГРЕКО забележа проширување на опсегот на санкциите што се применуваат на судиите, повикувајќи се на член 78 став (2) од Законот за судовите.

Во однос на обвинителите, ГРЕКО го поздрави донесувањето на новиот етички кодекс којшто претставува сеопфатен сет на правила поврзани со интегритетот. Исто така, ГРЕКО го истакна како позитивен фактот дека одлуките на надзорното тело во врска со етичките прекршувања (Советот за етика) овозможуваат покренување на дисциплински постапки против засегнатите обвинители.

Во однос на системот за пријавување на имотната состојба, утврдено е дека презентираните статистички податоци покажуваат поефикасна имплементација во пракса на системот за пријавување на имотна состојба. Бројот на административни проверки извршени од страна на ДКСК е зголемен и тие резултирале со идентификување на повреди врз процедурални основи, односно ненавремено доставување на анкетните листови за пријавување на имотна состојба.

ГРЕКО даде рок до 31 март 2023 година да се извести за реализацијата на преостанатите препораки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот