Изведувачите воодушевени што „Макфест“ се одржа под отворено небо: Музичката културна сцена живее и во време на пандемија (ФОТО)

Фото: Михаило Донев/Слободен печат

Пандемијата на ковид-19 откажа многу настани без кои не може да се замисли една календарска година, но за среќа, тоа не беше случај и со овогодинешниот „Макфест“ во Штип, фестивалот на забавна музика кој веќе 35 години се одржува во градот под Исарот и е неизоставен дел од македонската музичка културна сцена.

На поинаква локација, со маски и со посебни протоколи синоќа се одржа ревијалната вечер на „Макфест“, на која добро познатите изведувачи низ годините евоцираа спомени и го прославија 35-тиот роденден на овој уникатен музички настан.

Џина Папас Џокси, Дарио, Ристо Самарџиев, Олгица Христова, Лидија Кочовска, „Интервали“ и други наши изведувачи  во придружба на оркестарот „Биг Бенд“ и под диригентската палка на маестро Љупчо Мирковски, синоќа ја забавуваа штипската публика и покажаа дека и во време на пандемијата музиката живее.

Џафер и Маријана
Фото: Слободен печат

Ковид-19 како што веќе рековме ја промени локацијата, наместо во домот на културата „Ацо Шопов“, фестивалот се одржува на плоштадот „Слобода“, меѓутоа, како што можевме да слушнеме, ниту организаторите, а ниту самите музичари немаат ништо против „Макфест“ и во иднина да продолжи да се оодржува под отворено небо.

-Можеби оваа пандемија со ковид-19 во целиот свет нѐ принуди да го извадиме фестивалот надвор, меѓутоа мислам дека воопшто нема да биде лошо да се одржува овде и наредните години. Домот на културата „Ацо Шопов“ е одлично место за тоа, но навистина е друго чувство да се видат сите вака надвор. Кога би била нормална ситуацијата мислам дека ова е одлична локација за еден ваков фестивал. На сите изведувачи сум им неизмерно благодарен за сѐ што направија за македонската музика за фестивалот „Макфест“ и за градот Штип. На сите учесници утре им посакувам да бидат слободни и да уживаат во настапот. Најважно е што ова е 35-годишен јубилеј и можност да се прослави значењето на фестивалот во македонската забавна музика – изјави Владимир Дојчиновски, уметнички директор на „Макфест“.

Владимир Дојчиновски
Фото: Слободен печат

Со овој став се согласуваат и оние кои веќе имаат долгогодишно искуство со настапи на „Макфест“, како што е првиот македонски победник на овој фестивал, Трајче Манев, кој имаше само пофални зборови за овогодинешната организација.

Јас ги сакам сцените. Ми се допаѓа овој амбиент и убаво е да се потсетиме на оние денови кога сме настапувале на „Макфест“. Мене ми се допаѓа тоа што Макфест се одржува на отворено, убаво е, иако пандемијата си го носи своето, не е таа еуфорија што беше од порано, но тоа е тоа, сепак е убаво – истакна Манев.

Трајче Манев
Фото: Слободен печат

Веќе добро познатите македонски музички ѕвезди се потсетија на тоа како токму „Макфест“ била платформата на која можеле да ја промовираат музиката, посебно во времето кога едноставно речиси и да немало друг македонски фестивал каде можат да го покажат својот талент на големата сцена.

-Од оваа дистанца можам да кажам дека сме биле некои пионери, меѓутоа не го гледам тоа токму така затоа што пред сѐ ние се јавуваме како автори, а потоа како пејачи и изведувачи. Но она што сме успеале да го оставиме за разлика од другите генерации се добри песни кои и ден денеска се пеат. Не знам кому да му насочам и како да објаснам дека живеев за тоа, но ние бевме таква генерација која немаше каде да свири и фестивалот добро ни дојде – изјави Џинас Папа Џокси, кој всушност со свој настап и ја отвори ревијалната вечер.

Џокси
Фото: Михаило Донев/Слободен печат

Добро познатиот Мики Јовановски Џафер синоќа повторно ја шармираше публиката, а по настапот истакна дека Македонија има многу млади и раскошни музички таленти во кои треба да се вложува.

Имаме младост која што е креативна и убава, со прекрасни девојки што пеат и силни момци, само треба оние кои не пеат и не свират да им го овозможат тоа на македонските пејачи и музичари и сите што го прават сето тоа – истакна Јовановски.

Свој настап синоќа имаше и одличната Лидија Кочовска, која не го криеше своето воодушевување од новата локација на фестивалот.

-Апсолутно е убаво, ме потсети на Сплит. Отворена сцена, забава, нека продолжи вака ова е супер. Ако временските услови го дозволат тоа и фестивалот се одржува во септември наместо октомври нека продолжи вака – Кочовска.

Лидија Кочовска
Фото: Слободен печат

Покрај неа, ниту Ристо Самарџиев, кој заедно со Виолета Арсовска имаа феноменален сценски настап, не остана рамнодушен на невообичаената специфична макфестовска атмосфера, па истакна дека тој уште пред неколку години инсистирал токму плоштадот „Слобода“ да биде местото на кое треба да се одржува едно вака значајно музичко шоу.

Јас вакво нешто предлагав уште пред 3-4 години кога имаше некоја криза на Макфест. Овој простор навистина е убав, иако сега сме принудени на ова, сепак кога разбрав дека ќе биде овде веднаш ја поддржав идејата и прекрасно е тоа што целиот град може да ужива во сите овие песни, да се потсети дека 35 години градот живее, расте и пее со овој фестивал. Штип треба  да е свесен дека најголем дел од ризницата на македонската поп музика доаѓа токму од оваа сцена, така што ова е одличен потег што фестивалот се одржува овде, не само поради протоколите, туку и поради поблиската комуникација што луѓето ја имаат на овој начин. Мислам дека ова е одлично – нагласи Самарџиев.

Ристо Самарџиев и Виолета Арсовска
Фото: Слободен печат

Ова 35-то издание на Макфест завршува вечерва, кога ќе можеме да ги слушнеме сите 24 натпреварувачки песни, по што ќе го знаеме и победникот на фестивалот, кој во одлична организација на отворена сцена покажа дека и во време на пандемија културната сцена и натаму живее.

Маријана Станојковска
Фото: Слободен печат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот