Израелски полицаец/Фото: Nir Alon / Zuma Press / Profimedia

Израелски тинејџер шпионирал за Иран, агентите за услугите му плаќале со криптовалути

Израелските власти подигнаа обвинение против 14-годишно момче осомничено дека извршувало шпионски задачи за ирански оперативци, за што било платено со криптовалути, јавува Тајмс оф Израел.

Според израелските обвинители, тинејџерот контактирал со ирански агент преку Телеграм во април 2025 година, откако одговорил на порака за работа за која бил заинтересиран. Според наводите малолетникот се согласил да извршува задачи за иранскиот агент во замена за плаќање во криптовалути, кои требало да бидат депонирани во дигитален паричник.

Тинејџерот отворил четири дигитални паричници, во кои агентот од Иран депонирал криптовалути во вкупен износ од 1.170 долари, објави „Тајмс оф Израел“.

Според обвинението, тинејџерот снимил видеа во близина на болницата Ичилов во Тел Авив и во Рамат Ган, каде што неодамна беше убиен постар пар во ирански ракетен напад. Според сомневањата, малолетникот така ја снимил локацијата на воениот комплекс Кирја во видео кое прикажува панорама на Тел Авив.

Како што наведува медиумот, малолетникот е обвинет и за пишување графити во Тел Авив. Обвинителите, исто така, тврдат дека имал задача да го следи министерот за надворешни работи Гидеон Саар во неговите секојдневни активности и да го осквернави неговиот дом со графити со поддршка за Иран.

Засега случајот е во истрага и сè уште не е прецизирано кога се случиле наводните злосторства. Како што наведува медиумот, повеќето случаи на шпионажа за Иран вклучуваат лица кои наводно извршувале задачи и пренесувале информации во замена за пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот