Израелец чии две ќерки и сопруга се киднапирани од Хамас: Ова е дефиницијата за пекол

Киднапирани сопругата и двете ќерки на Израелецот Јони Ашер / Фото Слободен печат колаж / ЕПА / Би-Би-Си

Во градината на својот дом во централен Израел, меѓу палми осветлени од утринското сонце, Јони Ашер прикажал видео на својот мобилен телефон од неговите две мали девојчиња како седат на кревет и му пеат среќен роденден. Постарата ќерка, Раз, со долга светла коса, има само четири години. Нејзината сестра Авив, потемна и послична на нејзиниот татко, има само две години.

„Ми го испратија ова за мојот роденден во јули“, изјави Јони за Би-Би-Си.

Меѓутоа, четири месеци подоцна, 37-годишниот татко и сопруг е сам дома. Заедно со нивната мајка Дорон, неговите ќерки беа приведени на 7 октомври во прекуграничниот напад на Хамас. Се верува дека тие се меѓу најмладите од 240-те израелски заложници во Газа.

„Тие беа во посета на нивната баба за празниците во Нир Оз“, вели Јони.

Овој израелски кибуц се наоѓа на само неколку километри од Газа. Тоа беше една од заедниците кои најмногу настрадаа во нападот, а се верува дека Хамас го убил или киднапирал секој четврти жител кој живеел таму.

Јони тој ден не бил со семејството. Тој останал дома за работа, оддалечен 170 километри. Првата потврда дека неговото семејство е киднапирано од Хамас дошло во видеото објавено на ТикТок од Газа. На видеото од пет секунди се гледа неговата сопруга Дорон во возило опкружена со вооружени членови на Хамас. Таму била и Раз во розов летен фустан. Тоа било пред повеќе од три недели. Јони оттогаш не се видел ниту слушнал со своето семејство. Нивната баба Ефрат Кац била пронајдена мртва. Киднапиран бил и нејзиниот партнер Гади Мозес.

„Единствениот начин да се опише ова е пекол. Ова е дефиницијата за пекол. Како можам да јадам кога не знам што јаде моето семејство? Како да спијам кога не знам дали им е ладно или премногу топло? Замислете како се чувствувам во оваа ситуација. Сè ми е страшно“, вели Јони.

Засега, сè што има Јони се спомени, насекаде во семејниот дом. Фотографии и детски дела на ѕидот. Мали отпечатоци од раце во црвено. „Тие сакаа да цртаат. Раз го направи ова за мене“, вели Јони, покажувајќи на цртана фигура која би требало да личи на него: „Таа ми кажа дека е суперхерој“.

Репортерот на Би-Би-Си го прашал како се чувствува за страдањата во Газа, која сега е под израелско бомбардирање речиси еден месец и каде, според Обединетите нации, илјадници деца се убиени или ранети.

„Децата се деца, не е важно од која земја се. Децата треба да се држат настрана од конфликтот. Тие не можат да ги мразат ниту децата на нивните таканаречени непријатели. Како можеш да мразиш дете? Не е лесно да се гледа тоа. Тие ги киднапираа. Хамас ги користеше на циничен и најнизок можен начин, за да води некаква психолошка битка“, вели Јони.

На 37-годишна возраст, Јони цел живот е свесен за конфликтот меѓу Израелците и Палестинците. Неговите родители го доживеале тоа пред него.

Но, за него 7 октомври е очигледно најлошиот момент. „Ова е еден ден од холокаустот. Знам дека е тежок збор. Но тој ден беше најлошиот досега во историјата на еврејскиот народ и на израелскиот народ“, вели Јони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот