Израел одобри изградба на над 2.000 станови на Западниот Брег

Фото: EPA/ALAA BADARNEH
Израел денеска одобри изградба на повеќе од 2.000 нови станови во еврејските населби на Западниот Брег, што е прв таков потег по потпишувањето на договорот за нормализирање на односите меѓу еврејската држава и две арапски земји од Заливот кон средината на септември.
Официјален претставник од Министерството за одбрана истакна дека е одобрена изградба на 2.166 станбени единици. Со тоа заврши периодот од осум месеци кога изградбата на станови на таа територија, која е под контрола на Израел од 1967 година, била замрзната.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин потпишаа договор за нормализирање на односите со Израел на 15 септември во Белата куќа во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп. Тоа се првите арапски земји кои го признаа Израел, по Египет во 1979 година и Јордан во 1994 година.
Палестинците таквите договори ги сметаат за предавство и ги обвинуваат двете заливски земји дека ги потпишале актите без да почекаат основање на независна Палестина. Во рамки на нормализирањето, Израел вети дека ќе ја суспендира планираната анексија на дел од Западниот Брег, што европските и владите на некои арапски земји го оценија како надеж за постигнување мир.
Меѓутоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека анексијата е само одложена, а неговата земја не се откажала од тоа. Повеќе од 450.000 Израелци живеат во еврејските населби на Западниот Брег, кои се проширија за време на мандатите на Нетанјаху и Трамп.
Еврејските населби се сметаат за нелегални според меѓународното право и претставуваат пречка за решавање на судирот меѓу Израелците и Палестинците по моделот на две држави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот