Изненадување во НБА: Џејмс Харден има нов клуб
Екипите на Кливленд и Лос Анџелес клиперс договорија сензационална размена во пресрет на затворањето на преодниот рок во НБА лигата. Според договорот, Кливленд го испраќаат Дариус Гарланд и избор од втората рунда на драфтот во Лос Анџелес, а за возврат го добиваат Џејмс Харден.
Препорачано
Станува збор за една од најнеочекуваните размени во последните неколку години, особено поради големата разлика во возраста меѓу двајцата кошаркари. Гарланд има само 26 години, што е дури десет години помалку од Харден.
Кливленд, кој минатата сезона оствари 64 победи и сè уште се наоѓа во самиот врв на Источната конференција, со овој потег изненади многумина. Сепак, очигледно е дека раководството на клубот верува дека Харден може да им помогне во борбата за шампионската титула уште оваа сезона, пишува „ЕСПН“.
Постојат две веројатни причини за ваквата одлука на Кливленд. Првата се проблемите на Гарланд со повредите. Уште од плејофот минатата сезона тој се мачи со повреда на прстот на ногата, поради која пропушти дел од стартот на актуелната сезона. По враќањето на теренот имаше проблеми со формата, а потоа повторно ја обнови повредата и е надвор од игра од 14 јануари. Здравствените проблеми го следеа и претходно во кариерата, вклучувајќи и пукање на менискусот за време на студентските денови.
Втората причина најверојатно е од финансиска природа. Иако Харден и Гарланд оваа сезона имаат речиси идентични плати, договорот на Харден за наредната сезона е само делумно гарантиран. Тоа значи дека, со оглед на неговите години, тој веројатно нема долгорочно да го оптоварува клупскиот буџет. Од друга страна, Гарланд има уште две скапи сезони од актуелниот договор, а веќе ова лето може да потпише ново, уште побогато продолжување.


