Измените на урбанистичкото планирање за брза градба на стратешки проекти

Фото: МИА

Со измените на Законот за урбанистичко планирање се уредува нов модел на планирање и градење кој првпат ќе се користи кај нас и кој би ги дал најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на Коридорот 8 и 10-Д

Со измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање се уредува нов модел на планирање и градење кој првпат ќе се користи кај нас и кој би ги дал најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа за реализација на Коридорот 8 и Коридорот 10-Д, објасни министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тој потенцираше дека градби од стратешки интерес се само оние државни патишта и магистрални гасоводи чија изградба како градби од јавен интерес е предвидена со урбанистички проект за градби од стратешки интерес. Бочварски смета дека се добри измените на законите за урбанистичко планирање и за градење, кои се дел од пакетот закони што на предлог на пратеници од власта се менуваат за спроведување на проектот за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10Д, бидејќи, како што вели, со нив се утврдуваат урбанистички проекти за сите градби од стратешки интерес.

-Енергетската криза покажа дека треба да бидеме брзи и ефикасни во реализацијата на овие проекти – рече Бочварски во Стопанската комора на Северна Македонија, каде се дискутираше Договорот со „Бехтел и Енка“ и законските измени поврзани со проектот.

Бидејќи овој процес дава можност за брзо градење во фази, со овие законски измени е добро да се фати ритамот за брза реализација.

-Затоа сметам дека овие законски измени се добри, не само за овој проект, туку важат за сите денешни и идни државни патишта кои ќе се аплицираат за градба и магистрални гасоводи. Доколку Парламентот смета дека во работни комисии треба и некои други инфраструктурни проекти да се додадат, јас сум отворен да дискутирам, дали се тоа железнички пруги или друг тип на инфраструктура – рече Бочварски.

Откако ќе биде одобрен урбанистичкиот проект со којшто се вцртува трасата за изградбата на одреден државен пат или магистрален гасовод, појасни Бочварски, следи постапка за одобренијата за градба со која што со измените во Законот за градење, се предвидува фазна градба. Во таа фазна градба, во коридорот којшто е вцртан во тој урбанистички проект или опфат, изведувачот може да започне со градба на одделни делови и делници коишто се чисти со експропријација и основен проект со ревизија со сите фази на механичка отпорност и стабилност на тој објект за да на крајот кога ќе го комплетира целиот проект во сите фази делница, на пример, Прилеп – Битола или Тетово – Гостивар, да поднесе проект за одобрение за употреба. Тогаш Министерството за транспорт и врски дава одобрение со што тогаш може да се стави во употреба целиот објект којшто ќе биде изграден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот