Илустрација / Фото: Myron Standret / Alamy / Profimedia

Измамил илјадници луѓе: Британец купувал предмети преку интернет, па ги претставувал како римски артефакти

Британецот Џејсон Прајс (54), кој користи детектор за метал за да бара метални предмети во земја, песок или плитка вода, беше осуден за измама откако призна дека купил наводно „откриени“ римски артефакти преку интернет платформата „Ибеј“, а потоа ги претставил како автентични археолошки наоди, соопшти полицијата во Линколншир, пренесува британски „Телеграф“.

Прајс тврдел дека во 2019 година пронашол редок римски брош во форма на коњ во селото Лизингем, кој бил прогласен за исклучително значајно откритие и привремено го променил разбирањето за римската орнаментика во Велика Британија.

Брошот, кој е опишан како „откритие што се случува еднаш во животот“, предизвикал голем јавен интерес. Врз основа на наодот, му биле платени 5.000 фунти за да го изложи предметот во музејот.

Полицијата соопшти дека Прајс доставил сомнителни предмети до Советот на округот Линколншир во рамките на Програмата за преносливи антиквитети во текот на неколку години, вклучувајќи римски монети и други артефакти, за кои подоцна се утврдило дека се неавтентични.

Полицијата утврди дека многу од овие предмети биле купени преку интернет, а потоа Прајс ги закопал за да поттикне спроведување археолошки ископувања.

Прајс беше осуден на Крунскиот суд во Линколн на 12 месеци затвор, условно на две години, откако призна четири обвиненија за измама со лажно претставување.

Исто така, му беше наредено да плати 3.250 фунти отштета на окружниот совет на Линколншир, како и да изврши 150 часа неплатена работа и да учествува во програма за рехабилитација.

Претставниците на локалните власти го оценија случајот како „крајно разочарувачки“, но истакнаа дека ваквите инциденти се ретки благодарение на строгата проверка на предметите пред нивното вклучување во музејските збирки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот