Изложбата „Сертификат за кафе“ од Башким Меџити се одржа во Мала станица

Самостојната изложба „Сертификат за кафе“ на ликовниот уметник и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Државниот универзитет во Тетово, Башким Меџити, од 19 до 29 октомври беше поставена во мултимедијалниот центар „Мала станица“.

На изложбата беа претставени триесетина дела од последниот циклус на слики во техника акрил на платно, кои Меџити ги изработил во текот на оваа пандемиска година.

– Основното тежнеење на Меџити е во тоа да создава како што чекори, да слика како што дише. Идеал му е природната едноставност, па тој слика во динамичен дух со слободни и моќни потези, а понекогаш благи и омекнати, збогатени со повеќезначни линии. Целиот процес при создавањето на уметничкото дело кај Меџити води кон графички пробив, при што се испреплетуваат контрастот и хармонијата со слоевите на бојата и текстурата. Тоа, пак, води кон една динамична композиција на бојата во допир со природата, каде што, всушност, сѐ е во движење и менување.

Инспирацијата ја црпи од природата и од природните богатства, како и од духовните извори на човечкото општество од различни области, какви што се литературата, историјата, музиката, драмата итн. Меџити во современиот живот внесува едноставен елемент, алузивен и мирен, кој секогаш се повторува обоен со духовното. Оваа истенчена љубов кон совршенството, придодадена кон природното, без сомнеж е причина за хомогеноста во неговите дела – констатира кураторката Маја Крстевска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 103, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот