Излезе монографија по повод 70 години постоење на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“

Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје по повод 70-годишниот јубилеј од основањето објави обемна монографија, чии уредници се д-р Зоранчо Малинов и д-р Катерина Петровска-Кузманова. Монографијата 70 години Институт за фолклор „Марко Цепенков“ (1950-2020) била подготвувана во текот на минатата година, со одредени прекини заради пандемијата на коронавирусот, а интензивно се работело на содржините на монографијата во втората половина на 2020 година.

Излегувањето на монографијата претставува еден од начините на кој Институтот за фолклор го одбележува својот јубилеј, додека другите активности, како организирање симпозиуми, промоција на монографијата и на други изданија, како и средба со поранешни вработени во Институтот, ќе се одвиваат во зависност од епидемиолошката состојба во земјава.

Монографијата е поделена во повеќе сегменти кои се однесуваат на дејноста на Институтот, како што се: Кон јубилејот (Краток преглед на 70-годишната историја на Институтот) од д-р Зоранчо Малинов; Научно-истражувачките проекти како основа на научноистражувачката дејност од д-р Катерина Петровска-Кузманова; Меѓународниот симпозиум за балкански фолклор и други научни собири (д-р Катерина Петровска-Кузманова); Издавачка дејност (д-р Катерина Петровска-Кузманова); Улогата на Институтот за фолклор во заштитата и презентацијата на македонското нематеријално културно наследство (д-р Зоранчо Малинов); Високообразовна дејност (д-р Зоранчо Малинов). Во монографијата се застепени и текстови во кои е предаден историјатот на Институтот за фолклор и неговата организациска поставеност во текот на целиот период од неговото постоење.

Меѓу содржините во монографијата особено е значаен текстот на актуелниот директор на установата, Ермис Лафазановски, со наслов „Делото на Марко Цепенков како инспирација за именувањето на Институтот за фолклор (По повод јубилејот 100 години од неговата смрт)“.

Институтот за фолклор е основан со Уредба на Владата на НРМ, број 1183, од 6.4.1950, по предлог на тогашното Министерство за наука и култура. Фолклорниот институт е формиран како самостојна научна институција од посебен национален интерес, со седиште во Скопје, со примарна задача да се собира, да се систематизира и да се конзервира фолклорното богатство на македонскиот народ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 67, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот