Издавачкиот центар „Три“ ќе ја промовира книгата „Во тивка самотна ноќ“ од Нина Шуловиќ-Цветковска
Во кафе-бар „Филхармонија“ на 26 декември (петок), со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Во тивка самотна ноќ“ од Нина Шуловиќ-Цветковска, која излезе од печат во издание на „Три“. Илустрациите на корицата и низ книгата (и сета поддршка) се дело на Ладислав Цветковски.
Препорачано
Ниту содржината на расказите ниту животописот на Нина Шуловиќ-Цветковска можат да се опишат со едноставни зборови. Кариерата ја гради работејќи на проекти поврзани со демократизацијата и доброто владеење, а напоредно расте и нејзината потреба да пишува, токму како што е напишана книгата „Во тивка самотна ноќ“.
Претставувањето на збирката раскази ќе го овозможи Ивана Јовановска, која во улога на промотор ќе ја доближи содржината. Јовановска е позната како авторка на две збирки поезија, книжевничка и културна работничка, а ја препознаваме и по нејзините настапи на меѓународни книжевни настани, меѓу кои е и Саемот на книгата во Лајпциг.
Благодарение на нејзината длабока емотивна писменост и сензибилност, Јовановска ќе ја доближи збирката не само како книжевно писмо, туку и со целото нејзино емотивно искуство, кое се доживува длабоко и лично и останува во читателот и откако ќе ги склопи кориците.
Онака како што книгата на Нина Шуловиќ-Цветковска е сведоштво за издржливоста и моќта на човекот да се избори со најнеочекуваните и најтешките ситуации и како феникс да полета од пепелта, така и нејзината промоција ќе биде можност за заедничко славење на човековата потреба за создавање, истакнуваат од „Три“.


