Избори во Чешка: Срам или спасител, каква е судбината на Бабиш?

Чешкиот премиер Андреј Бабиш/ Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

На крајот на оваа недела, Чесите избираат нов парламент. Премиерот Андреј Бабиш сака да остане на власт по секоја цена, а тој е подготвен да влезе во коалиција со десничарски екстремисти, пренесува Social Europe. Но, дали „Пандорините документи“ ќе го спречат да го стори тоа?

Според некои проценки, чешкиот премиер Андреј Бабиш вреди помеѓу четири и пет милијарди евра. Тој е еден од најбогатите луѓе во таа земја и живее луксузно. Но, во јавноста, тој претпочита да се претстави како едноставен претприемач и адвокат на народот – љубезен, скромен, противник на елитизмот.

Но, тој во последниве денови е под силен притисок, откако во јавноста излегоа „Пандорините документи“, кои тој ги негираше, тврдејќи дека тоа е само предизборна афера, која ја очекувал.

Срам или спасител на Чешка?

Во Чешка викендов ќе се одржат парламентарните избори. „Пандорините документи“ беа објавени во многу лошо време за Андреј Бабиш. Досега, на анкетите, тој и неговата партија Акција на незадоволни граѓани (АНО) водат во анкетите. Но, офшор аферата на премиерот може да биде пресудна за неговиот нов мандат. Имено, многу гласачи се уште се неопределени. Наодите базирани на „Пандорините документи“ би можеле да влијаат на нивната одлука на кого да му веруваат, бидејќи премиерот Бабиш со години промовира транспарентност и се бори против затајувачите на данок, додека во исто време практикува такво нешто.

Предизборната кампања главно се врти околу контроверзните дела на Андреј Бабиш. Популистичкиот стил што го негува овој политичар и неговите бројни политички скандали донесоа длабока празнина во Чешка. Некои во него го гледаат најголемиот срам на таа земја. И токму поради тоа, многу чешки политичари, но и бројни гласачи во таа земја, се убедени дека овие избори се едни од најважните во поновата историја на Чешка.

Андреј Бабиш/ Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Конфликт на интереси

Со цел да избегне судир на интереси, Бабиш ја предал својата компанија „Агроферт“ на фонд за доверба во 2017 година. Но, неколку експерти во меѓувреме успеале да докажат дека Бабиш се уште има многу силно влијание врз бизнисот на холдингот. Веќе неколку години се зборува за аферата „Гнездо на штркот“, во која една од компаниите на Бабиш за изградба на велнес центар под тоа име незаконски добила два милиони евра субвенции од фондовите на ЕУ.

Според Европската комисија, Бабиш е во судир на интереси бидејќи, како премиер, тој влијаел врз распределбата на субвенциите од ЕУ за команијата „Агроферт.

Помошта на Орбан

За да ја спаси својата политичка иднина, Бабиш води остра изборна кампања, за време на која првенствено предупредува на наводната опасност од мигрантите. „Нема да дозволиме Европа да стане муслиманска“ е реченица што тој често ја изговара. Покрај тоа, тој погрешно го обвинува Иван Бартош, шефот на опозициската коалиција, дека сака масовно да ги насели мигрантите во Чешка.

Кога сме веќе кај мигрантите, тие се оние кои го означија врвот на кампањата на Андреј Бабиш. Тој, минатата недела, среде кампања, го посети унгарскиот премиер Виктор Орбан. Иако двајцата тогаш тврдеа дека ова не е предизборна кампања, тие двајца разговараа речиси исклучиво за една предизборна тема-мигрантите. Бабиш го смета Орбан за свој пријател и заштитник на Чешка.

„Унгарија беше единствената земја во 2015-та година што навистина ја заштити Шенген -границата и подигна ограда. И оваа година, 77 илјади илегални мигранти пристигнаа таму. Да не беше оградата, тие ќе отидеа во Германија по најкраткиот пат, преку Чешка, со цел да добијат социјална помош таму “, додаде Бабиш на конференцијата за новинари.

Засега се поставува прашањето дали ќе успее планот на Андреј Бабиш да освои неколку политички поени на тема миграцијата. Во моментов во Чешка практично нема илегални мигранти, а прашањето за миграцијата, судејќи според анкетите на јавното мислење, воопшто не е важна тема за гласачите.

Орбан и Бабиш/ Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Коалиција со десничарски екстремисти

Според анкетите, меѓу 24 и 27 проценти од гласачите сепак ќе гласаат за Бабиш и партијата АНО. Но, предноста во однос на двата опозициски блока, десно-либерално-конзервативната коалиција (приближно 23%) и либералите (околу 21%) е минимална. Двата опозициски блока ја отфрлаат можноста за соработка со АНО по изборите. Бабиш може да продолжи да владее во иднина само со преостанатите две партии кои имаат шанса да го поминат изборниот праг од 5% – крајно десничарската Слобода и директна демократија (СПД) и комунистите.

СПД се залага за одржување референдум за излез од ЕУ, и (само левичарски на хартија) чешките комунисти се залагаат за десничарски националистички позиции. Бабиш е подготвен за коалиција и со двајцата, а чешкиот претседател Милош Земан, формално социјалдемократ, долго време отворено се залага за формирање влада составена од АНО, СПД и комунистите.

ТВ дебата во пресрет на чешките избори/ Фото EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Клевета од странство

Според политикологот Џаст, Бабиш најверојатно нема да дозволи референдум за излез од Европската унија. Но, тој додава: „Укинувањето на демократските елементи, по примерот на Полска или Унгарија, е многу можно во случај на формирање влада на АНО, СПД и комунистите“.

Премиерот на Чешка и контроверзниот милијардер светските медиуми го нарекоа „чешкиот Трамп“.

 

Видео на денот