Избори ќе има, не вие кога сакате, туку тогаш кога ДПМНЕ ќе каже

Фото: Ерол Шаќири

Коалицијата предводена од СДСМ предложи датум за избори, меѓутоа за датум не се прашува СДСМ, ниту владата, ниту коалиционите партнери во владата, ниту албанските опозициони партии, ниту Уставот и законите, ниту хистеричната „критичка јавност“, најмалку Комисијата за заразни болести, туку единствено ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, се разбира под услов да заземат конечен и единствен став во поскоро време.

„Здравјето на граѓаните на прво место“, се слушаат пискотници од Бихаќка преку „Палатата на Злото“ до Мала Речица, а се однесува на датумот за изборите. Треба сепак малку посериозно да се сфати интелектуалниот капацитет на граѓаните, барем на мнозинството од нив. Да се разбереме, до здравјето на граѓаните не му е на никого, па ни на самите граѓани, а тоа е една олеснителна околност за политичките партии и зелено светло за избори. Да се грижеа граѓаните за своето здравје немаше да се причествуваат, да протестираат, да одат по литии, да организираат ифтари, да одат по цркви и џамии во услови на пандемија и спроти препораките на стручните лица. Да се грижеа пак политичарите за здравјето на граѓаните, сето ова ќе се санкционираше неместо да се толерира и да се даваат изговори зошто се додворуваат на „верниците“ и зошто јавното и групно практикување на верата имаат предност пред образованието, културата, спортот, економијата и се друго.

Верниците намерно се ставени во наводници затоа што во овие тешки моменти на пандемија се покажаа лицемерни и прават работи во спротивност од тоа што верата им налага, тргнувајќи од непочитувањето на државните институции, тотално игнорирање на препораките на научните експерти, негрижа за своето и здравјето на другите и за крај, за мене најболно, непочитување на сите медицински работници кои веќе два месеца око не склопиле, семејствата не си ги виделе и буквално гинат по болниците во обидот да ги спасат нашите животи. Ова е мое лично видување, а се сметам себеси за голем верник. Значи, преведено на јазикот на политиката „здравјето на граѓаните на прво место“ значи дека освојувањето на власта е на прво место, односно моменталниот рејтинг на партијата. И не е тоа ништо спорно на крајот на краиштата, впрочем одењето на избори ни одблиску не може да го загрози нашето здравје колку што го загрозуваат горенаведените ситуации, се што треба е еден редар на избирачките места кој ќе го контролира влезот на гласачите, а тие ќе носат маски и ќе држат растојание.

Факт е дека избори ќе има и треба да има, туку не е тоа темата, темата е датумот за избори. Коалицијата предводена од СДСМ предложи датум, меѓутоа за датум не се прашува СДСМ, ниту владата, ниту коалиционите партнери во владата, ниту албанските опозициони партии, ниту Уставот и законите, ниту хистеричната „критичка јавност“, најмалку Комисијата за заразни болести, туку единствено ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, се разбира под услов да заземат конечен и единствен став во поскоро време.

„ВМРО ДПМНЕ ЗНАЕ ШТО Е НАЈДОБРО ЗА ГРАЃАНИТЕ“

Мора да останеме конзистентни во политичките процеси во државата, односно да се остави повторно ВМРО-ДПМНЕ да одлучи кога е најдобро да се одржат избори, водени се разбира од здравјето и интересот на граѓаните, впрочем како и секогаш досега. Во 2008 година ВМРО-ДПМНЕ оцени дека „во интерес на граѓаните и државата“ е да се оддржат предвремени парламентарни избори (први во историјата по осамостојувањето) и покрај противењето на опозициската СДСМ, избори имаше, а ВМРО-ДПМНЕ си ги доби со двојна разлика во однос на грогираниот СДСМ. Во 2011 година повторно се решија на предвремени избори (втори) откако претходно изгласаа закон за 3 пратеници од дијаспората и нормално повторно си добија, во тоа време веќе се беше под нивна контрола, официјално бевме во режим. Во 2014 си организираа уште едни предвремени (трети) избори, опозицијата предводена од СДСМ ги оцени за нерегуларни и одлучи да го бојкотира Собранието, но кој па нив некогаш ги прашувал, ДПМНЕ си продолжи да владее, а СДСМ по 15 месеци, виде не виде, си се врати во Собранието. Предвремените избори во 2016 (четврти) се оддржуваат како резултат на аферата со масовното прислушкување, ДМПНЕ добива но не може да формира влада, поставениот од нив претседател Иванов ги опструира Заев и СДСМ и влада се формира дури после 171 ден, а месец дена претходно ДПМНЕ во обид да ја спречи промената на власта го организира нападот врз Собранието на 27 Април. Во 2019 година, и покрај противењето на коалицијата предводена од СДСМ и пошироката јавност, ДПМНЕ инсистира на предвремени избори (петти), се заканува со организирање на масовни протести и издејствува лидерска средба на која е договорено тие да се оддржат на 12 Април 2020, декемврискиот термин предложен од СДСМ е секако одбиен затоа што оценија од ДПМНЕ дека не им одговара.

Значи видете, секогаш досега било како ВМРО-ДМПНЕ ќе каже, како ним им одговара, зашто сега би било поразлично? Коронавирусот ни ги одложи изборите закажани за април, за кога да се презакажат мора да оставиме на нив да одлучат и никој на таа одлука не треба да се противи. Е сега, кога им одговара на ВМРО-ДПМНЕ изборите да се одржат е малку тешко да се процени, да не кажам невозможно.

КОНФУЗИЈА ВО ПАРТИЈАТА

На 28 февруари оваа година, во врска со изборите, Мицкоски изјави: „Најсреќни би биле исплашените  од СДСМ да го користат коронавирусот како изговор за да ВМРО-ДПМНЕ не го мобилизира народот во оваа држава и тие молеа Бога да се случи сето ова за да може еве да не излегува ВМРО-ДПМНЕ со народот и да не протестира“. По само два месеца „уплашените“ од СДСМ велат време е за избори, а Мицкоски дека тие мора да се одложат, „ниту јас сакам бидам мандатар, а ниту ВМРО-ДПМНЕ да биде мандатар, а истовремено да ги брои илјадниците заболени од вирусот и десетиците кои ќе ги изгубат своите животи“. Николовски вели „нечовечноста на СДСМ искочи на виделина“, „недолично, нечовечки и недостоинствено е во вакви услови да ставите два милиона луѓе во опасност“. На 24 Април Мицкоски вели дека вторите 30 дена вонредна состојба не му се јасни и не биле потребни. На потпретседателот на партијата Николовски ниту првите 30 дена не му беа јасни, велејќи „владата сега може самата да носи закони без да го има Собранието како филтер….тоа значи Зоран Заев може да си предложи каков сака закон и тој да биде усвоен…и очекувам во следниот период да има закони во корист на брат му Вице Заев“. Се активираа буквално сите вмровски „екпертитутки“, страници и страници напишаа како прогласувањето на вонредната состојба е противуставно и за тоа Заев и Пендаровски треба да одговараат, за да набрзо уследи уште еден шок од партијата. Пред неколку дена, иститот тој Николовски вели „вонредната состојба треба да продолжи и дека тоа не е прашање на нечија желба“. Напишав на социјалните мрежи, навистина не е лесно да си вмровски „експерт“, мора постојано будала од себе да правиш во интерес на партијата, но тоа е исто така друга тема.

ШТО СЕ СЛУЧИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДВА МЕСЕЦИ?

Се случи токму спротивното од она што Мицкоски изјави, „Филипче и владата на СДСМ покажаа неорганизираност и хаос, изразуваме огромна загриженост поради слабиот капацитет за организација на Владата да се одговори на ваква сериозна ситуација..“. Владата, посебно Министерството за здравство, одлично се справија и справуваат со ситуацијата и покрај сите опструкции, спинови, лажни вести и црна пропаганда на опозицијата, рејтингот на Филипче се качи „до покрив“, вербата во државните институции се врати. Кога на сето ова ќе ги додадете и членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ, на Мицкоски и ДПМНЕ не им останува ништо во борбата за власт. Единствената шанса ја гледаат во економската криза што следи па сега иронично тие се оние кои „молат Бога“ коронавирусот да излезе од контрола, вонредната состојба да трае, изборите да се пролонгираат. Од ДПМНЕ велат СДСМ ќе ги изгуби следните избори, Мицкоски пак дополнително изјави дека Заев и СДСМ сакаат избори што побрзо за да го „ублажат поразот“. Ајде малку логика да употребиме професоре Мицкоски. Доколку владата предводена од СДСМ, како велите, не се справила добро со здравствената криза, институциите потфрлиле, економијата ја довеле до колапс, како тоа брзи избори би им го „ублажиле поразот“, кога по таа логика брзите избори не би им дале шанса „да се поправат“ и би ги изгубиле катастрофално? Да не случајно е обратна ситуацијата?

ЛИДЕРСКА СРЕДБА

За утре е закажана лидерска средба кај претседателот Пендаровски каде би требало да се договори датум за избори. Иако текстов содржи одредена доза на сарказам кој би требало да посочи дека премногу се толерираат (не)постапките на опозицијата, се води една можеби и неразумно мека политика па навистина се добива впечаток дека ДПМНЕ секогаш добива што ќе посака, иако поентата требаше да биде дека нема потреба од лидерска средба, посебно нема потреба од консултации со ВМРО ДПМНЕ, датумот се одредува како е тоа предвидено во законот, па што би рекол оној од север, кој сака нека излезе, кој не сака и не мора, сепак мислам дека датумот нема да биде пресуден за победникот.

Едноставно, ВМРО-ДПМНЕ нема што да понуди, имаат гласачко јадро со нешто над 300 илјади гласови но тоа никој не може да го промени, преку ноќ да се донесе стандардот на Норвешка во земјава, вмровски гласови СДСМ не добива. Од друга страна, без разлика на какви катастрофални политики и да води ВМРО ДПМНЕ, тие гласови од своето јадро не губат. Се што било над тоа пак, било како резултат на поткуп, уцена и изборен фалсификат. Сум напишал и порано, вмровскиот гласач на гласањето гледа како на обврска спрема партијата, а не спрема општеството и државата. Вмровскиот глас не флуктуира и не апстинира, без разлика на политиките на нивната партија. Тој е дисциплиниран гласач кој секогаш гласа или не гласа во зависност како е наредено од партијата. ВМРО никогаш нема да биде казнет од вмровските гласачи без разлика на тоа колку катастрофални политики спроведуваат. Од друга страна, пак, гласовите на СДСМ варираат поради критички настроеното тело кое кога е разочарано казнува најчесто со неизлегување на избори. Во минатите два месеца ВМРО со нивните пар министри во владата и нивното деструктивно однесување за време на најголемата криза со која се соочуваат државата и светот успеаја да ги потсетат на еден многу ефективен начин тие „разочарани гласачи“ како тоа би изгледало кога тие би се вратиле на власт.

Така што кога јас би ја водел лидерската средба тоа би изгледало вака:

„Добар ден лидери на политички партии, благодарам на учеството“.

„Господине Мицкоски, дали може да ни го соопштите датумот за избори кој најмногу би одговарал на вашата партија“?

Мицкоски: „18 Октомври 2020“.

„Договорено, еве рака. Музичка желба да не имате“?

Мицкоски: „Имам, пада влада„

„Може, музика свирај“!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот