Избор поезија од македонската поетеса Наташа Сарџоска е објавен во Мексико

Мексиканскиот издавач „Охеда“ ја објави книгата со наслов „Живо месо“

Во Мексико деновиве излезе од печат книгата „Живо месо“. Станува збор за избор поезија од пет поетски книги на македонската поетеса, писателка и антрополог Наташа Сарџоска.

Поетскиот избор е издание на мексикански издавач „Охеда“ специјализиран за поезија, а уредник е Антонио Охеда. Преводот на песните на шпански јазик е на самата авторка, а јазичната редакција е на Елза Бареда Руиз.

За авторката, која иако има објавено песни во разни книжевни ревии во Латинска Америка, оваа прва објава на книга во Мексико и на шпански јазик значи многу: пред сѐ, зашто Мексико е земја со раскошна и моќна поетска традиција, земја на големи поетски имиња клучни за историјата на поезијата, како што се Октавио Паз, Хозе Емилио Пачеко, Хаиме Сабинес, а потоа и затоа што шпанскиот јазик е вториот светски јазик според бројот на жители чијшто мајчин јазик е, четвртиот најговорен јазик во светот и првиот најговорен латински јазик.

– Да се биде преведен и објавен на овој јазик, во земја каде што живеат најголем број на говорители на шпански јазик создава бесценето чувство на чест и среќа, затоа што не се само желбата и сонот, туку пред сѐ потребата на еден поет е да биде читан – потенцира Сарџоска.

Оттаму, преводот на поетско дело напишано на мал јазик, како македонскиот, на еден глобален и величествен јазик, како шпанскиот, е врвно достигнување на секој поет кој доаѓа од мала земја и кој твори на мал јазик.

Освен тоа, секоја поетска објава во време кога дигиталната комуникација и хиперконсумација на медиуми, како и во време кога вештачката интелигенција зазема сѐ поголема превласт над човештвото, носи посебна радост и правда.

Книгата е достапна за продажба и дистрибуција во сите земји низ светот каде што се говори шпанскиот јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 171, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот