Иванов домаќин на Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023

Бројни меѓународни претставници меѓу кои пет поранешни претседатели, двајца поранешни премиери, поранешни министри како и повеќе актуелни членови на парламенти ќе бидат гости на поранешниот претседател Иванов кој е домаќин на Форумот за културна дипломатија, што од 4 до 6 септември ќе се одржи во Скопје.

Главниот фокус на форумот што за првпат се организира во Македонија е „Промовирање на демократијата, единството и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство“. Истиот ќе биде сочинет од панел дискусиии и дебати, средби, разговори и посети на државни институции при што домашните и странски претставници, дипломати, уметници, професори, личности од бизнис заедницата и од младински организации ќе имаат можност да изнесат свои ставови и да разменат идеи и мислења на повеќе теми.

Официјално своето присуство на настанот го потврдија поранешните претседатели на Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Србија, Борис Тадиќ, на Бугарија, Петар Стојанов, на Албанија, Бамир Топи, поранешниот претседавач на БиХ, Младен Иваниќ, како и поранешните премиери на Молдавија, Наталија Гаврилита и на Либан, Хасан Диаб.

Меѓу истакнатите странски гости ќе бидат и Армин Лашет, кандидат за германски канцелар и премиер на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Ана Линде, поранешна министерка за надворешни работи на Шведска, Елмар Брок претседавач со комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент 2012-17, како и актуелни членови на парламентите на Шкотска, Хрватска, Романија, Ирска и на Европскиот парламент.

Учесниците на форумот ќе имаат можност да се сретнат и дискутираат и со претседателот Пендаровски, министерката за одбрана Петровска , со членовите и претседателот на националниот совет за евроинтеграции во македонскиот парламент Николовски и со градоначалничката Арсовска.

Во неофицијалниот дел, во организација на градот Скопје, ќе биде приредено културно-историско разгледување на Скопје, посета на старата скопска чаршија и централното градско подрачје, а гостите ќе имаат можност да вкусат и традиционална македонска храна пропратена со музичко – уметничка програма.

Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 е во ко-организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, заедно со Институтот за културна дипломатија од Берлин, Градот Скопје и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилазиите“.

Се одржува во рамките на Светскиот форум за демократија и мир (2022-27), којшто е петгодишен проект на Институтот за културна дипломатија. Преку користење на дипломатија меѓу различните култури, овој проект има за цел да ги подобри меѓународните односи и да ги доближи страните во современиот свет. Неговата визија е преку своите мрежи и учесници да создаде креативни иницијативи и програми за продолжување на дијалогот и стабилизирање на состојбите, во рамките на меѓународната соработка. Претходниот форум се одржа во Берлин, а до крајот на годинава планирани се настани во Њујорк и во Брисел.

Основан во 1999 година во САД, Институтот за културна дипломатија е меѓународна, невладина организација со седиште во САД и Германија, чијашто мисија е преку културните односи да го одржува и јакне дијалогот што води до подобро разбирање и поголема доверба меѓу народите и заедниците. Во изминатите години говорници на институтот биле поранешни шефови на држави и влади на повеќе европски земји како Франција, Британија, Шпанија, Ирска, Литванија Романија, Белгија, Словенија и др, политичари од САД како и од земји од Африка и Азија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот