Истражители од Германија ќе утврдуваат што предизвика модуларната болница да се пеплоса

пожар тетово
Увид по пожарот во тетовската модуларна болница / Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Истражители од федералната криминалистичка полиција на Германија ќе учествуваат во истрагата за откривање на причините за настанувањето на пожарот во тетовската модуларна болница каде загинаа 14 граѓани кои се лекувале од ковид на тоа одделение. Обвинителството обезбеди видео снимки од болницата, а дел од нив протекоа и во јавноста. Официјалната верзија на настаните ќе ја утврди истрагата, по што ќе биде познато и зошто избувна фаталниот пожар. Во објектот имало кислород кој се употребувал за терапија на хоспитализираните, а како што се гледа од снимката која се појави на социјалните мрежи, експлозиите биле брзи и разорни. Снимката открива дека за неполни три минути, комплетно целата модуларна инфраструктура на објектот пламнала, оставајќи им само минути на преживеаните да им избегаат на пламените јазици низ искршените прозорци.

Од владата за „Слободен печат“ велат дека преку претходница организирана од германската амбасада се реализираат подготвителни извидувања и активности.

„За сите информации кои се од интерес на јавноста, а нема да влијаат на истрагата, ќе известиме дополнително”, ни рекоа оттаму.

Не е познат бројот на истражителите кои ќе учествуваат во истрагата и обезбедувањето на форензичките докази за причините на настанувањето на пожарот.

Македонското обвинителство презема мерки за обезбедување на видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од Обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.

Исто така, Обвинителството издало наредба до СВР-Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, како и од правното лице – изведувачот на изградбата.

Од доставените извештаи до Обвинителството се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани. Меѓу починатите имало и лекар кој не работел во ковид-одделението во тетовската болница, туку бил пациент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот