ИСТОРИЈА: Македонија на чекор до Светско првенство во Катар, Трајковски ги расплака Италијанците во Палермо

фото: EPA-EFE/CARMELO IMBESI

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе игра во финалето на бараж натпреварот од групата Ц за пласман на Светското првенство во Катар, откако со 1:0 ја совлада Италија во Палермо.

Херој на Македонија е Александар Трајковски кој голот го постигна во 92 минута и обезбеди финале во баражот против Португалија. Натпреварот кој ќе го даде патникот на Мундијалот во Катар ќе се игра на 29 март во Португалија.


Селекторот Благоја Милевски доминацијата на теренот да им ја препушти на Италијанците, а шансата да се бара преку контранападите и тоа се покажа исправна тактика. „Аѕурите“ доминираа во текот на целиот натпревар, имаа поголем посед на топката, имаа дури 31 шут кон голот на Столе Димитриевски, но половина од тие удари беа блокирани од „црвено-жолтиот“ бедем, но голот на Трајковски ја однесе Македонија на едно скалило до историски успех и пласман на Светско првенство.

Големо славје на фудбалерите/ фото: EPA-EFE/CARMELO IMBESI

„Аѕурите“ уште од првата минута тргнаа офанзивно по голот на Столе Димитриевски, но немаа сериозна шанса. Во петтата минута, Александар Трајковски повлече контранапад, но додавањето до Милан Ристовски не беше најдобро и одбраната на Италија ја собра топката.

Италијанците продолжија со нападите, а во 20. минута, шутевите на Берарди и на Имобиле од шеснаесетникот беа блокирани од македонските дефанзивци.

Макеоднија ќе игра во финалето на баражот за пласман на СП/ фото: EPA-EFE/CARMELO IMBESI

Во 30 минута, Димитриевски направи грешка и во обид да исфрли му ја подари топка на Берарди, но за среќа италијанскиот напаѓач не успева да погоди од 16 метри.

Потоа во 38. минута Чурлинов искристи грешка на последната линија на Италијанците, но беше стигнат од Флоренци и тоа во последен момент пред да упати удар кој голот на Донарума. До крајот на првиот дел немаше посериозни шанси на двете страни, а Македонија преку Александар Трајковски во 45 минута го упати првиот удар кон голот на Донамрума.

Фото: EPA-EFE/CARMELO IMBESI

Второто полувреме започна на идентичен начин како што започна првиот дел, со голема офанзива на „аѕурите“, но нивните шутеви најчесто беа блокирани од „црвено-жолтите“. Така беше и во 47 минута кога беше блокиран шутот на Берарди.

Во 52. минута Трајковски шутираше од работ на шеснаесетникот, но лошо ја зафати топката која заврши покрај голот.
Две минути подоцна шутот на Берарди завршпи покрај левата статива, а неколку минути подоцна по грешката на Муслиу, истиот фудбалер шутираше над голот.

„Фалангата“ слави на „Ренцо Барбера“/ фото: EPA-EFE/CARMELO IMBESI

Италијанците продолжија со нападите, но Димитриевски немаше многу работа поради цврстиот бедем пред неговиот гол кој во 63 минута повторно блокира шут на Берарди. Во продолжение од натпреварот идентична слика на „Ренцо Барбера“, но како одминуваше времето така „аѕурите“ во неможноста да го совладаат Димитриевски, стануваа се понервозни.

Фудбалерите ја слават победата над Италија/ фото: EPA-EFE/CARMELO IMBESI

Голема шанса имаа во 79 минута кога Џакомо Распадори шутираше од работ на шеснаесетникот, но за среќа на Димитриевски помина неколку сантиметри над пречката. И кога сите помислија дека натпреварот ќе отиде во продолженијата, Александар Трајковски со фантастичен шут го совлада Донарума, ги шокира Италијанците и ја однесе Македонија во финалето на бараж натпреварот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот