Искрено со Бранко Попоски: Усните ми се смееја, душата ми плачеше. Победата на анксиозноста за мене беше повторно раѓање и живеење со полни гради!

Секој живот е вреден за роман, но не секогаш имаме можност да го напишеме. Но, еве барем на неколку страни, можеме да напишеме автобиографија и да бидеме нечија инспирација. Да срушиме уште еден стереотип, дека само женскиот пол има храброст и доблест да ги сподели најтешките лични борби. Преку нашиот пример, да покажеме дека, иако од чашата на животот не тече мед и млеко секој ден, сепак, е „сладок“ и вреден за живеење.

Бранко Поповски е 28 годишен Вевчанец, дипломиран финансиски менаџмент и магистер по маркетинг. И да, најчесто, високоинтелигентите луѓе страдаат од состојби како анксиозноста, барем така велат психијатрите.

Познат е по Интимните вечери со „Cooking with Branko“ и проектот „Food&Wine Experience“, многу хуманитарни настани и активности.

Покрај професионална кариера во областа на маркетингот, тука е и моето  кулинарско шоу „Cooking with Branko“, а сега може да ме гледате и како водител во кулинарската емисија „1001 оброк“ на Алсат-М телевизија, вели Бранко.

Фото: Приватна архива

Какво детство имаше?

Прекрасно. Не можам а да не го опишам толку кратко и убаво. Да ти стопли душа. Како да беше вчера се сеќавам. Како да стојам пред куќата на мојот другар и го викам да излезе да играме криенка и да ги собереме и другите. Немавме телефони, немавме компјутери, имавме само глас да викнеме, да се собереме и да се смееме со часови. Зборувавме за турнирот во фудбал, за наредниот пикник, ние секогаш викавме „Ај на скара“, собирањето на костени и ореви, крадењето на цреши и јагоди од најубавите на комшиите. Се сеќавам и на моментите со мојата баба која толку многу сакаше да ми раскажува за нејзиното време и да ми дава совети каков треба да бидам денес и на што да внимавам. Се сеќавам буквално на сè: на секое камче по патот, на секоја модрица на колената од трчање, на секое дрво во планина… Спомени кои ми го растреперуваат срцето и душата. Понекогаш знам и да заплачам затоа што во детството изгубив неколку мои другари, пријатели чии што мигови и ден денес ме навраќаат на нашите дружби. Сепак, имавме детство кое што заслужува да го има секое дете. Но за жал, технологијата и брзиот процес на глобализација денес си го направија своето.

Фото: Приватна архива

Можеш ли да одвоиш еден најтажен/најтрауматичен и еден најсреќен момент од детството?

Секогаш викам и во тага пронајди нешто убаво и во среќа избалансирај со нешто тажно, за да израсне уште поубаво. Загубата на саканите луѓе ќе го издвојам како еден тажен дел од моето детство, а најсреќен момент е секој ден со семејството, пријателите, блиските. Личност сум која пронаоѓа убавини во секој дел од денот, моментот. Не генерализирам, туку ја гледам широката слика. Сакам кога мене ми е убаво, да им е убаво и на други. Човек сум кој уште како мал знаеше да насмевме, да расположи, да испрати позитивна енергија и да ги натера други да го направат истото. Тоа е повеќе од среќа!

Сепак, и покрај ваквиот позитивен став, на свои 18 години, Бранко почувствувал нешто невообичаено, некое чувство на страв, кое тогаш не можел да го објасни.  Во тој период, со помош на пријателите, дружењето, долгите разговори со родителите, успеал да го надмине и на некој начин да го изигнорира тоа непијатно чувство. Но…на 25 години, тој страв се повторил.

Започна неколку дена после поднесување на моето барање за отказ и заминување од тогашната работа. Првите неколку дена имав чувство на леснотија, смиреност, намалена тензија, за потоа да се вратат сите лоши мисли и чувства и повторно да се исправам на тест пред анксиозноста. Ова знаев дека е втора лекција, ја зграбив и ја положив. Ден денес, анксиозноста ми е моја драга пријателка. Таа е секогаш тука. Ми помага да се носам со сите предизвици во животот. Да победувам. Да бидам силен и кога губам. Да плачам и да се смеам. И да созревам од ден на ден сè повеќе и повеќе. Таа ме научи дека во животот ЈАС сум доволен за победа и дека ЈАС сум тој кој ќе се избори со сите препреки. Мораме да научиме неколку важни работи од соочувањето со оваа психолошка состојба, а тоа е дека таа е победлива, таа те учи да бидеш силен и да ја подигнеш самодовербата. Секогаш постои причина кога се случуваат работи поврзани со различни психолошки состојби. Дали биле од детството, дали се случиле поради љубовни проблеми, поради несфатени работи и слично. Денес сум среќен што ми се случи анкцисозноста, затоа што сум личност која е горда на себе за досега постигнатото. Токму таа ме научи на многу работи, од кои едната е „Cooking with Branko“ таа убава приказна од кујна, раскажува Бранко.

Фото: Приватна архива

Кога му се појавила анксиозноста по втор пат, Бранко помошта ја побарал од сам себе, застанувајќи пред огледало и поставувајќи си го прашањето: „Бранко, што ти се случува?“ За да си даде одговор на ова прашање, започнал да истражува на интернет, собирал различни приказни, за на крајот, по разговорот со близок пријат, донел заклучок дека оваа состојба, зависи единствено од самиот него, и додава:

Психотерапијата ми помогна многу во процесот на совладување или како што јас сакам да го наречам нештото – смирување на водата во чаша. Никогаш не се плашете да побарате помош и никогаш не се затворајте во себе, особено во тие моменти од животот кога дружењата, пријателството и зборувањето за проблемот се пресудни.

Бранко нè советува дека секогаш треба да бираме со кого и за што зборуваме, за да не се соочиме со ефектот на сунѓер, односно впивање на проблемите и на другите. Вели дека  постојат многу техники кои што помагаат во борбата со анксиозноста. Нашиот соговорник ја издвојува техниката во која на лист А4 формат ја пишуваме нашата нова приказна.

– Така започна „Cooking with Branko“, 3-4 дена по појавувањето на мојата состојба со анксиозноста. Во тие моменти, верувајте, ќе откриете сè за себе и ќе го извадите најдоброто од себе. Затоа што сте силни, верувате во себе и знаете дека тоа е тоа што ќе успее и ќе биде водилка во вашиот живот, инспиративно продолжува тој.

Фото: Приватна архива

Борбата со анксиозноста никогаш не завршува, искрен е Бранко, но сепак вели, можеме да ја контролираме со помош на техниките и силната верба во себе, и продолжува:

– Мојот став поврзан со анксиозноста е дека колку си покреативен, толку таа ќе се намалува, односно тоа чувство ќе го снемува. Обој го животот во убавини, моменти на радост и среќа. Насмевни се на секое сонце и на секој дожд надвор. Не заборавај да кажуваш колку се сакаш себеси. Повторно ќе завршам со мојот цитат дека „ЈАС СУМ ДОВОЛЕН ЗА ПОБЕДА“.

Знаеме дека денешницата која ја живееме е совршена подлога за развивање на анксиозност и слични состојби кај младите. Која е твојата порака, како паталец, кон оние што мака мачат со психичките состојби, и како превентива, но и како излез од нив?

– Преку мојата приказна сакам да поттикнам чувство на надеж и верба кај секого, дека промената во себе е возможна и ужасно потребна кога е во прашање состојбата иницирана од анксиозноста. Сакам луѓето да научат повеќе за себеси, да ја подигнат самодовербата и да престанат со себеосудување. Бидете нежни кон себе, сакајте се, дозволете љубовта да ве обземе, да ве стопли и да ви го нахрани срцето и душата. Дишете, надевајте се на секој момент од денот. Направете нешто убаво. Пуштете се во акција. Бидете креативци на својот живот. Зборувајте! Внесете нова свежина. Јас успеав, знам дека ќе успеете и вие. „Cooking with Branko“ е симболот за победа на анкцисозноста, ја завршува својата приказна нашиот вечен борец и вечен победник!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот