Интервју со астрологот Александар Јанковиќ: 2023 година во знакот на значајни и историски промени (2. дел)

Фото: Приватна архива/Pexels

Вториот дел од интервјуто со астологот Александар Јанковиќ е посветен на влијанието на ѕвездите и планетите на глобалните случувања. Според астролошките аспекти, нѐ чека доста тешка и драматична година.

Ова е еден историски момент, зашто ова се случува многу ретко, имено, големите трансцедентални планети, Плутон, Нептун и Уран, кои се многу бавни, сега ги менуваат своите знаци. За илустрација, Плутон е најоддалечената планета (иако од науката е проглесена за не-планета) – тој низ еден знак поминува цели 20 години, што значи дека целиот зодијачки круг, сите зодијачки знаци, ќе ги помине за 248 години. Нептун тоа го прави за 165 години, значи во еден знак е отприлика 14 години, Уран го поминува зодијачкиот круг за 84 години. Тоа е сѐ многу бавно, цел еден животен век. Од 2023 до 2025 година сите овие планети ќе ги сменат зодијачките знаци, а тоа се случува многу, многу ретко. Оваа промена ќе опфати многу генерации (затоа тие уште се викаат генерациски планети), а последиците ќе бидат многу значајни, да не кажам историски.

Плутон на 23 март го менува знакот и влегува во Водолија, каде ќе остане кратко и пак ќе се врати во Јарец, но 2024 година дефинитивно ќе влезе во Водолија и таму ќе остане 20 години. Плутон значи трансформација, меѓутоа, на едно пежоративно ниво – за оние со пониска свесност – го интересираат само пари и секс. За оние со повисока свесност ќе значи голема трансформација и драматични промени.
Може да се каже дека 2023 ги носи и почетоците и краевите на некакви глобални случувања и циклуси, а на личен план тоа ќе се доживува во зависност од знакот и подзнакот.

Промени на нашите навики

Најголемата промена која нѐ чека во Новата година е токму овој премин на Плутон од Јарец во Водолија на 23 март. Ќе треба да се справиме со нашите навики и со нашето мало его. Водолија е воздушен знак, што значи дека Водолијата, како и сите воздушни знаци, ќе треба да трпи големи промени, а тие не се секогаш пријатни, туку вообичаено се случуваат низ тешкотии и маки. Овие промени за сега ќе бидат поблаги, зашто Плутон во јуни ќе се врати во Јарец, но наредната година кога дефинитивно ќе влезе во Водолија, ќе бидат поизразени. Ќе бидат изнесени многу тајни закопани по 10-15-20 години, наеднаш тие ќе бидат откриени и ќе предизвикаат збунетост кај луѓето, зашто нема да знаат на што да веруваат (а веќе и сега не знаат на што да веруваат). Животот ќе ни изгледа дека за сѐ нѐ лажеле.

Влијанието на Јупитер

Од декември 2022 Јупитер е во знакот на Овенот. Јупитер го третираат како бенефитна планета, Птоломеј вели дека носи голема среќа, но искуството вели дека таа носи големо проширување. Значи, сѐ што ќе дојде во контакт со Јупитер има тенденција да се прошири, да се напне, да се предимензионира. И според искуството на други астролози во светот, најголем број смртни случаи се регистрира токму кога Јупитер транзитира низ некои чувствителни точки во хороскопот.

Оваа промена нема да ја доживее само Овенот, иако тој ќе биде најмногу „атакуван“ туку и другите огнени знаци, Лавот и Стрелецот, но и воздушните во помала мера. Ова влијание ќе се чувствува до половината на мај. Јупитер е планета која низ еден знак поминува за околу една година, значи неговиот циклус да помине низ сите знаци е 12 години. Зошто е тоа интересно? Во оваа година Овенот ќе биде „пролетан“ од Јупитер за неполни 6 месеци, толку ќе биде брз, па случувањата ќе бидат брзи.

Влијанието на светските финансии

Сите земји кои се под влијание на оваа огнена тријада (Овен, Лав, Стрелец), ќе бидат „атакувани“ од овој Јупитер почнувајќи од 20 декември 2022. Особено ова се однесува на земјите-Овнови, а тоа се Германија и Велика Британија. Значи, ако се сега во криза и напнатост, кризата ќе има огромно проширување. Понатаму, Јупитер на 16 мај влегува во Бик и таму ќе почне да делува, значи на земјите под овој знак, како и на другите земјени знаци, Девица и Јарец. Бидејки се работи за финансиските моменти, а тие се во криза, уште поголема финансиска криза се очекува од 16 мај. Знаеме дека последниве години се печатени трилион и трилиони долари, односно парченца хартија чија вредност е нула. Сето тоа ќе се димензионира во невидени размери, не само од аспект на вредноста туку и зашто нема упориште во реална материјална база, во тнр. петро-долар. Бидејќи на тој петро-долар е атакувано во смисла на создавање на други резервни валути, тоа проширување на Јупитер ќе биде страотно. Второ, сега се обидуваат со воведување на нови, дигитални платежни средства, како биткоинот и крипто-валутите, но и тие пропаѓаат. Бикот е вториот знак во зодијакот, а тој зборува за пари, но за пари кои се заработени, а не наследени, но исто така, говори и за личните вредности, критериумите по кои се однесуваме. Доброто е тоа што ќе се нападне нешто што не е добро и ќе нѐ упати да се вратиме на првичните вредности, бидејќи според митологијата Јупитер е бог на боговите, што е многу битно, зашто тој управува не со земните туку со божјите работи. Тој е најсправедливиот знак, ја застапува апсолутната правда, иако нам тоа понекогаш не ни изгледа така.

Влијанието на Сатурн

Сатурн, кој досега оперираше низ Водолија, во март ќе премине во Риби. Рибите ќе имаат прилика да реализираат кармички задолжувања во смисла на она што се направило или не се направило, и тоа на помалку или повеќе драстичен начин. Во првите 29 години од животот, колку што Сатурн престојува во еден знак, тој ни дели само благи „пацки“, опомени, но по 60-та година од животот неговите опомени се посериозни, со „клоци“. Сатурн во древните времиња се празнувал како заштитник на земјоделието, па така во симболично значење, што си сеел, тоа ќе жнееш на возраст над 60 години. Сѐ што си направил погрешно, ќе ти дојде на наплата, а особено здравјето. Ако си водел бурен живот, неправилно си се хранел, тоа ќе се одрази врз здравјето по 60-тата, особено по 66-тата година од животот.

Сатурн ќе им помогне на Рибите да ги расчистат своите кармички јазли, што нема да биде баш многу забавно, но ќе ги научи на доследност, исполнителност, скромност. Сатурн е добар за политичарите, особено за оние кои го имаат десеттото поле (на политиката) во знакот на Риби – тие ќе блеснат, ќе бидат многу успешни, но и скромни.

Нептун и политиката

Политиката е врзана со Нептун, а тој е со години во своето седиште во Рибите. Нептун владее со сите заблуди, со лагата, идеализацијата, со тајните друштва. Тој толку го прошири своето влијание што денес што и да фатиме, сѐ е лага, од нашиот приватен живот, па до глобалните случувања. На дневно ниво, во која било област, па и во политиката, лаже кој како стигне. Нептун ни го прави животот фатаморгана. Во митологијата Нептун е брат на Плутон и на Јупитер. Јупитер, како бог на боговите, ги има сместено своите браќа, Плутон-Хад да владее со подземјето (подсвеста), а Нептун со морињата, океаните. Во езотеријата, сѐ што е врзано за водата значи чувства. Нептун со својот трозабец предизвикува бранови, цунами, земјотреси, а симболично тоа е војната. Војната почнува со лага. Нептун е на крајот на својот циклус и токму затоа бара разрешница – влијанието на секој знак е најсилно кога влегува во некој знак и кога излегува од него. Нептун во 2024/25 ќе влезе во знакот на Овен и се плашам дека ќе има војна со земјите или меѓу земјите кои се под овој знак (Германија и Велика Британија). Тоа според Птоломеј е Галиција, под што во негово време се подразбираше Европа.

Далечните планети ќе предизвикаат голем ресет

До 2025 сите далечни планети ќе ги променат знаците, Уран ќе биде во Близнаци, Нептун во Овен, Плутон во Водолија, а со тоа сликата ќе биде скоцкана за големиот ресет (не во смисла на оној на Клаус Шваб, кој е мало дете за овој вистински ресет), кој ќе биде многу тежок, со многу страдања и жртви. Сѐ ќе мора да се менува, да се нивелираат работите, да се прочисти огромната насобрана негативна енергија и да се подигне свесноста, зашто ја труеме планетата која добива вибрации од Сонцето, а тоа пак, преку другите сонца нѐ поврзува со центарот на галаксијата, што е и научно утврдено. Но, факт е дека планетавај а направивме канта за ѓубре и тоа треба да се исчисти. Сите што ја загадуваат, со мисла или со дело, треба да се ресетираат. Тој ресет за некои ќе биде непостоење во оваа димензија, а за некои нагло вивнување на свесноста и досегнување на некои вселенски универзални закони.

Оваа година нема да биде многу пријатна, зашто три планети ќе се движат ретроградно (привидно ќе се движат наназад). Во тој ‘од симболиките на планетите се спротивни од она кога се движат нормално. Марс конечно ќе излезе од Близнаци и ретроградно ќе оди во Бик, но тој може да биде непријатен повеќе на лично ниво отколку на глобално. Ретроградниот Меркур ќе нѐ соочи со емоциите, со тврдоглавоста, лутината, осудување на други, несогласување со туѓи ставови. По овие прашања ќе се добијат и лекции кои нема да бидат лесни, а ова најмногу ќе важи за Близнаците и Девиците со кои владее Меркур.

Од 16 до 25 мај се случува еден тежок аспект на Јупитер и Плутон, па сите кои се под ова влијание не треба да прават ненадејни финансиски трансакции, а ако веќе мора, во кризава најдоброто вложување е во недвижности. Во тој период и Марс ќе придонесува за јакнење на страсти, суета, инает, намерно влегување во ризични бизниси, лоши одлуки, омраза и агресија на глобален план.

Македонија и регионот во 2023

Нашиот регион ќе го следи сето она што се случува во светот. 2023 година ќе биде доста тешка, особено на финансиски план. Со други зборови, ќе има инфлација, парите ќе губат вредност, сѐ на сѐ, нѐ очекува многу тешка година. Не би сакал да прогнозирам, но со оглед дека сме во сивата зона и дека конфликтот ни стои над главите како Дамоклов меч, можно е да дојде до конфликт. Не дека некој од македонската страна тоа го сака, туку опасноста предизвикува страв, а во таква состојба можни се драматични и воинствени реакции. Тоа зависи и од процесите во САД и во Европа, а има сѐ повеќе индиции дека Европа се подготвува за војна, особено најекспонираните: Велика Британија, Франција, Италија и првенствено Германија.

Да заклучам, не можам да „мачкам очи“, тешка и хаотична година ќе биде, дури и ги ублажувам формулациите.

Интервју со астрологот Александар Јанковиќ: Нѐ очекува динамична и драматична 2023 година!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот