ИНТЕРВЈУ Владимир Пивоваров: Криумчарите се во состојба да им ја земат и душата на мигрантите, само за да им ги земат парите

Националниот координатор за гранично интегрирано управување, Владимир Пивоваров, во интервју за Слободен печат вели дека една од причините за зголемениот број на мигрантите во овој дел од годината се добрите временски услови, бидејќи преку ден можат да спијат, а ноќе да се движат. Во зима, овие можности се отежнати.

Расте бројот на мигранти кои во овој период од годината нашата држава ја користат како транзитен коридор за да стигнат до некоја од европските земји. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, бројот на мигрантите е речиси пет пати поголем споредбено со истиот временски период од минатата година. Од 13 мај до 12 јуни оваа година, спречени се близу 3.000 обиди на илегални преминувања. Најнападната е јужната граница, од луѓе кои бегаат од Бангладеш, Пакистан и Авганистан, но и од Индија, Иран, Ирак, Турција.

Според МВР, оваа бројка од ден на ден постојано се зголемува. Пред два дена при полициска контрола, во тешко товарно возило кај Гевгелија, припадниците на Регионалниот центар за гранични работи – Југ, пронајдоа 211 мигранти од Бангладеш и од Пакистан од кои 63 малолетни лица.

Националниот координатор за гранично интегрирано управување, Владимир Пивоваров, во интервју за Слободен печат вели дека една од причините за зголемениот број на мигрантите во овој дел од годината се добрите временски услови, бидејќи преку ден можат да спијат, а ноќе да се движат. Во зима, овие можности се отежнати.

Луѓето бегаат или поради воени дејстија или поради лошата економска состојба во нивните земји. Кои се причините за последниот бегалски бран?

– Мигрантите кои во последно време се повеќе илегално сакаат да ја преминат македонската граница, бегаат пред се поради лошата економска состојба во северна Африка и југоисточна Азија, а не како на почетокот на кризата кога причина беа воените дејствија во Сирија и Авганистан. Но, има и луѓе кои бегаат за да се спасат од безбедносно-напнатите состојби во нивните земји. Северна Африка, Либија, Иран, Ирак се држави кои во последно време стануваат многу нестабилни. Во дел од нив, многу племиња меѓу себе водат војни. Во бегалските кампови на пример во Иран, има околу 2,5 милиони бегалци. Тука е и Турција, односно политиката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во врска со спорот што го води со Европа, околу финансиските средства, дека во секој момент може да ги пушти мигрантите кои се сместени во бегалски кампови на територијата на оваа држава.

Зголемениот мигрантски бран се одвива во време на заразата од Ковид-19. Очигледно стравот од коронавирусот не влијае врз нивата желба да заминат во Западна Европа?

– Апсолутно не ги интересира коронавирусот. Тие по секоја цена сакаат да ја остварат својата цел и никакви заразни болести не влијаат врз нивната желба за некоја од европските земји. Балканската рута која минува низ Македонија одлично функционира, бидејќи тие знаат дека преку неа полесно се стига до посакуваната дистанца – Западна Европа. Во последно време процентот на бегалците драстично расте и добро е што нашите власти, односно полицијата и царината даваат одлични резултати во откривањето на мигрантите и шверцерските групи. За сите информации, нашата држава се консултира и со ФРОНТЕКС, бидејќи ние сме нивни партнери.

Иако мала држава се чини дека сепак нашата улога во откривањето на мигрантите е голема?

– Во координирани акции царината и полицијата до сега имаат големи успеси. Ние како најмала земја на оваа транс рута, можеме да бидеме само од корист на европските земји, бидејќи со нашите успешни акции го забавуваме овој процес. Нашата улога е што повеќе да откриваме, а со тоа и што повеќе да докажеме дека заслужуваме да бидеме полноправни партнери како што станавме на НАТО, така да станеме и на ЕУ.

Какви се оценките од вашите колеги од меѓународните центри за борба против илегалната миграција?

– Работата на македонските служби е оценета одлично. Сметам дека со нашите успешни акции постојано покажуваме дека нашите заложби за членството во ЕУ не се само декларативни, бидејќи активно ги исполнуваме и препораките на Унијата. Иако крајната цел на мигрантите се западните земји, односно тие не остануваат во земјите на балканската рута, нашите акции ја намалуваат штетата по нивните економии, финансии, социјален живот.

Дали се случува дел од мигрантите да останат во нашата држава или пак, ја користат само како транзитен коридор?

– Претежно тие само транзитираат низ нашата земја. Има случаи кога некои мигранти останале, но тие се многу ретки. Ние како координативен центар направивме меѓународна конференција со помош на ОБСЕ, на која договоривме мерки и дејствија против криумчарите. Тие всушност се главниот проблем во криумчарењето. Во состојба се да им ја земат и душата, само да им ги земат парите.

Често се случуваат и несреќи во кои мигрантите ги губат дури и своите животи. Вчера во Струмица комбе кое пренесувало 50 мигранти удри во автомобили. Дел од нив побегнале, дел се повредени, а возачот е приведен.

– И ние не сме имуни на шверцерските групи кои организираат премин на мигранти. Нормално има и корупција, но сепак со помош на невладините оргнаизации и официјалните институции не се нарушува ниту едно нивно човеково право. Се поднесуваат и кривични пријави против крумчарите. Кризниот штаб кој постои при Центарот за управување со кризи во кој свои претставници имаат сите институции надлежни во граничната област и во внатрешноста, одржува редовни состаноци и брифинзи и врз основа на нив Владата се информира, а потоа ги презема сите мерки во врска со овој проблем. Неодамна на 2 јули заради зголемениот обем на влез и транзитирање низ територијта на 2 јули, Владата со Одлука воведе кризна состојба на дел од територијата која ќе трае 30 дена. Вакви мерки се воведуваат од 2015 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот