ИНТЕРВЈУ Теута Арифи: Сообраќајниот хаос во Тетово ќе го решиме со обиколни булевари

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи по вторпат ја доби довербата на тетовчани на последните локални избори. Таа често добива критики дека не знае да се справи со ѓубрето и сообраќајниот хаос во градот. Од невладината „Еко герила“ во петокот ја повикаа Владата да и ги одземе ингеренциите на Арифи.

Во интервју за „Слободен печат“ градоначалничката на Тетово открива како таа се соочува со горливите проблеми на градот, што е со ски-центарот „Попова Шапка“, до каде е законот за ветинг, а зборувавме и за проблемот со миграцијата на жителите на градот под Шара.

 

Како Општината се соочува со сметот и со депониите?

– Најпрво, една од работите кои се важни и за кои гледам дека малку или не се зборува, а се зборуваше многу кога беше проблем, е фактот дека општината Тетово имаше една голема депонија на влезот на градот, која беше проблем околу 20 години и исто така уште една стара депонија од 30 години во близина на село Фалиште. Значи, како што секој може да види, таа депонија што беше на влезот на градот ја нема повеќе од две години, додека другата кај село Фалиште, треба да се гради пречистителна станица за отпадни води, исто така со средства на норвешката влада и нашата влада е во процес на расчистување.

Во моментов, во делот на Општината нема ниту една од тие огромни депонии кои беа проблем за градот. Одржувањето на комуналната чистота е еден од сериозните предизвици што ги имаме како Општина. Имаме Јавно комунално претпријатие кое е во кондиција да одржува систем на хигиена, но секогаш има потреба за повеќе. За сите овие години сме успеале селските населби да ги ставиме во систем, затоа што сметавме дека тоа е еден од дополнителните проблеми за што ни се создаваа многу диви депонии.

Другото е зголемување на капацитетите кои ги правиме со Јавното комунално претпријатие, што сметам дека е многу важно, но сметам дека е важно и граѓаните одговорно да се однесуваат кон работата што ја прават вработените во ова претпријатие, кои се работници, кои тие ги гледаат секое утро како метат пред нивните куќи, пред институциите и треба да им се помогне во целата работа, а не да им се одмогне.

Нормално, Тетово е многу динамичен град и поради тоа го има овој тип на проблеми, имајќи го фактот дека ние сме регионален центар за шест средни училишта. Тоа значи дека во текот на школската година ние имаме голем број на млади кои доаѓаат тука, плус Универзитетите. Додека во текот на летото доаѓаат и нашите сограѓани, па тогаш имаме дополнителен ангажман на работници од страна на ЈКП за да може да се доодржи градот, затоа што имаме минимум дуплирање на населението од 15 јули до 15 август, а потоа се подготвуваме за школската година.

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Што презема Општина Тетово за сообраќајниот метеж?

– Најпрво, тетовската регистрација има 44.000 возила според СВР, што значи градот Тетово не е изграден за 44.000 возила, без да ги додадеме дополнителните што ни доаѓаат. Ние сме направиле неколку чекори, кои ќе ги набројам, што малку влијаеле да не биде уште полошо од тоа што го имаме. Тоа е претпријатијето за паркингзи, а тоа ни дава можност централниот дел да го средиме подобро, а што ни беше уште поголем проблем кога го немавме ова претпријатие. Имаме уште неколку затворени паркингзи кои работат, особено интензивно во текот на летото.

Морам да ја пофалам соработката со полицијата, затоа што без оваа соработка колку и да работи комуналното претпријатие, нема шанси тоа да го одработите. Наша тенденција е да го прошириме паркирањето на уште неколку улици и на неколку места каде што имаме затворени паркинзи, евентуално да направиме зголемување на нивните капацитети со катни гаражи. Значи не ни требаат многу, со една-две такви мислам дека може да ни се решат многу проблеми.

Вториот момент е што ние планиравме Јавно претпријатие за градски сообраќај, значи ние сме во процес на регистрација и на тоа претпријатие. Паркингзите ги активиравме повеќе од две-три години, додека Јавното претпријатие за градски сообраќај не го активиравме затоа што влеговме во еден процес на Светска банка за набавка на шест автобуси, кои би биле еколошки. Сметаме дека регистрирањето, заедно со ова ќе овозможи подобар проток на сообраќајот. Идејата ни е градскиот дел да можеме да го покриеме со наше претпријатие за да можеме сите други сервиси кои стигаат до градот Тетово од околината да ги запираме некаде на влезовите во градот за да не ни се создава метеж внатре.

Исто така, едно добро решение на кое ние работевме и успеавме, е дека сме на претпотпишување со Светска банка за пробивање на булеварот „Индустриска“ за да може што повеќе да се заобиколи центарот на градот од пристапот на возилата. Мислам дека иднината на град како Тетово е што повеќе, полека, полека, централните улици што ги користат автомобилите да ги префрлиме кон периферијата. Значи ние не можеме да го смениме урбанистичкиот план и нападот што е направен врз градот со тоа што централното градско подрачје е развиено преинтензивно и без чувство за паркингзите и зелените површини. Затоа сметам и наша тенденција е да направиме што повеќе обиколни булевари кои полека ќе ни овозможат сообраќајот да го пренасочиме од централното градско подрачје.

Дали патот кон Попова Шапка е среден? Ако не е, кога се планира реализација на овој проект?

– Имаме исто така активен туризам, но има и некои работи. Значи првата работа што ќе се случи ова лето е комплетна рехабилитација на патот од поранешната жичара сè до Попова Шапка, тоа е во програмата и буџетирано од Агенцијата за државни патишта. Па така тие ќе прават една целосна, комплетна рехабилитација и реконструкција на патот и со тоа ќе имаме подобар пат до Попова Шапка.

Потоа, ние исто така конкуриравме на повик на Владата и Светска банка за рехабилитација внатре во центарот на Попова Шапка во однос на канализација и патна инфраструктура. И тука најавите се дека добиваме поддршка за да може да се интервенира и таму. И тоа што е многу важно, што не мислам дека тоа може Општината да го направи сама, но може да биде и сака да биде партнер во еден таков можен процес, е на пример во целава оваа нова атмосфера што ја добиваме со процесот на евроинтеграциите, Владата да бара и да најде, на пример инвеститори, кооперанти во однос на развивање на туризмот во неколку делови од државата, па мислам дека Попова Шапка е токму такво место што бара токму таков вид на инвестиции.

Тука ние сме кажале дека сме максимално кооперативни во однос да се изработи заедно со Владата, урбанистички план, деталени урбанистички планови, за да може да се направи еден контролиран развој, затоа што потоа тоа потешко ќе го контролираме, доколку ние не ги поставиме рамките на тој развој, а велам дека тоа не може да го прави само општината и тоа мора да биде во соработка со други институции.

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Што се случи со мастер-планот за Попова Шапка кој во 2012 година го усвои минатата власт?

– Во моментов нема процедура во однос на тоа, затоа што треба сè да се ревидира, концептот треба да се ревидира. Според мене јас имам многу дилеми за тој концепт, затоа што според него развивате само горе, а жичарницата ви е последна во листата на приоритети. Сепак мислам дека треба малку поразлично да се размисли, за тоа како може транспортот да биде од тука до горе за да се намали протокот на возила кои одат таму. Затоа што со возила вие се обврзувате за паркингзи и слично, а со тоа настанува метеж. Поради тоа сметам дека тој концепт треба да се ревидира, а од целиот тој концепт што бил претходно се надевам дека од оваа година ќе биде во фукнција шестоседот кој ќе им овозможи на скијачите без големи чекања да стигнат до терените.

Како Општината Тетово го спречува иселувањето на тетовчани или со што придонесува граѓаните да се вратат назад?

– Значи често се поставува ова прашање и морам да кажам дека во однос на градот, ова е еден динамичен процес. Има луѓе кои одат, но има и луѓе кои се враќаат. Морам да кажам дека во ситуација кога ние веќе имаме безвизен режим со Европската Унија, утре ќе станеме и граѓани на Европа, па поради тоа не можете на луѓето да им браните да гледаат што е подобро за нив. Плус ние важиме како град на дијаспората, каде што секое овдешно семејство има некого надвор, Швајцарија, Германија и Данска претежно. Така што имаме многу луѓе кои одат и работат привремено, три месеци, па се враќаат и слично.

Имаме и компании, како „Еколог“, која важи како еден голем работодавач низ нивните разни проекти кои ги имаат и на Блискиот Исток. Тоа е еден динамичен процес, зошто велам така, затоа што има многу повратници кои потоа правеле големи инвестиции тука. Еден голем дел од нашите сериозни успешни капацитети, како „Везе Шари“, „Ренова“ и други, фактички се луѓе кои се вратиле и денес вработуваат многу луѓе и помагаат на семејствата.

Најважно е секој човек да ги има еднаквите можности. Значи преголемата партизација на нашето општество го уби принципот на меритрократија. Јас имам воведено принцип на мал просек при ангажирањето на млади луѓе по училиштата и тоа дава многу добри резултати. Затоа што, ако некој стане најдобар дипломец по хемија и случајно не е член на некоја партија, каде ќе има тој иднина, доколку вие не им овозможите еден процес на меритрократија, затоа што има премногу дипломци, а само во Тетово имаме два Универзитети. Сметам дека мора да мислиме на тој процес за принцип на меритрократија.

Со процесот во Европска Унија ќе мора да размислиме за кратење на нашата администрација, која не дека не е ефикасна, туку за жал толку време важела за место за вработување на следбениците, што мислам дека исто така е проблем, затоа што најголемата сигурност за сите тие кои бараат работа е јавната администрација, а не компаниите кои исто на пазарот на трудот, не дека не нудат, но се соочуваат со мала побарувачка за вработување и тоа претставува проблем.

Така што, сметам дека тоа што е многу важно е да воспоставиме малку повеќе можности за млади луѓе и исто така повеќе развој од страна на бизнис-заедницата, самовработувањето, што мислам дека тогаш ќе им даде уште повеќе можност на луѓето да прават калкулација. И тоа од типот, добро, во Германија толку имам плата, толку плаќам за сместување, сметки, храна и слично и тоа сам, додека тука на пример е со семејството и доколку сериозно се работи може да се има многу подобности. Мораме како држава да пристапиме на овој проблем похрабро. Сметам дека тоа е еден проблем кој не само што треба да кажеме дека само постои, туку да видиме како да пристапиме кон него. 

До каде е законот за ветинг и кога ќе почне да се спроведува во ДУИ?

– Значи, ние како политичка партија сме се залагале и се залагаме најпрво за наш внатрешен ветинг, доколку тоа биде прифатено и зошто да не и на пошироко ниво. Но тоа зависи и од волјата од другите политички субјекти. Додека како политичка партија се во еден процес на реизбор на целата структура, а како таков, тој процес е во подготовка. Значи процес на избори во сите ограноци и подограноци што ги имаме, како подготовка за Конгресот кој треба да се одржи на крајот на годината. Нормално, не можам да претпоставам колку новитети тој процес ќе носи, но е добро партијата што повеќе да се отвора, најпрво кон помладите, кон своите членови кои можеби не биле толку видни, видливи во политиката, кои имаа знаење и капацитети. Па така моето залагање, како еден од потпретседателите во партијата, ќе биде динамиката за ова, а друго е колку процесот ќе има влијание внатре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот