Интервју со Зоран Анчевски: Човештвото веќе престана да размислува за спокојство, мир и среќа
Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“ оваа година на Мостот на поезијата му беше врачена на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“.
Препорачано
Поетот, есеист, литературен преведувач и до минатата година професор по англо-американска литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Зоран Анчевски (1954), влезе во тесниот круг македонски поети што двапати ја добиле престижната награда „Браќа Миладиновци“ на „Струшки вечери на поезијата“.
Првпат тоа се случи во 2018 година за стихозбирката „Небесна пантомима“, додека оваа 2022 година наградената книга е со наслов „Збунети компаси“. Во образложението е истакнато дека станува збор за „зрело и интимно, во извесна смисла и исповедно поетско, односно автопоетичко огласување“, а наградата му ја врачи претседателката на комисијата Наташа Аврамовска, на поетската манифестација „Мостови“.

Убаво е чувството за секој поет кога ќе ја добие наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП за својата објавена поезија, но какво е чувството кога двапати во рок од четири години ќе се добие оваа престижна награда?
– Да се добие престижна награда каква што е наградата „Браќа Миладиновци“, е амбиција и сон на секој наш поет. Но, тоа не значи дека ако тој еднаш бил награден со неа, треба да чувствува дека го достигнал својот зенит и да престане да пишува или да се откаже од потрагата по нови изразни можности во поезијата. Наградата што ја примив пред четири години ја сметам како највредна потврда за нешто што со децении сум го работел, вежбал и усовршувал со голема страст и посветеност, за еден долготраен опит што квалитетно се кренал до степен за награда. Вторава награда, пак, е доказ за тоа дека претходната ми дала уште поголем импулс за да продолжам понатаму во неистражените предели на поезијата.
Би сакал да истакнам дека, според мене, поетот не пишува за награди, туку наградите се даваат за напишаното и дека тоа е единствениот начин на кој тие треба да се даваат, што значи дека естетските критериуми треба да се превосходни, а не тоа кој е или што е поетот. Во таа смисла, оваа награда доделена на две мои последователни поетски книги објавени во рок од четири години ми дава за право да мислам дека поезијата во нив се одликува со особени естетски квалитети што станале забележани не само од жири-комисиите, туку и од читателската публика.
Што според Вас ја носи големината и престижноста на наградата?
– Наградата „Браќа Миладиновци“ ја сметам за највисока национална награда за поезија кај нас, не само поради фактот што го носи името на двајца наши големи преродбенски дејци од кои едниот го сметам и за извонреден романтичарски поет од европски ранг, туку и поради фактот што оваа награда за најдобро поетско остварување на домашен автор меѓу два фестивала, заедно со Златниот венец, е во самата основа и суштина на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и се доделува веќе по 61 пат. Друга награда со такво реноме кај нас нема. Ако се погледне списокот со имиња на добитниците, веднаш станува јасно дека таа самата по себе трасира една антологиска линија според која се развивала современата македонска поезија повеќе од шест децении. Затоа сметам дека за секој поет претставува огромна чест и сатисфакција неговото дело да се најде во една таква вредна антологија.

Чинот на доделувањето на наградата на „Мостови“ во Струга е особено свечен. Имајќи предвид дека веќе сте стоеле на мостот со награда в рака, какви чувства и мисли се раѓаат токму во тој миг?
– Подобро и поинтензивно чувство за кој било македонски поет навистина нема. Не само поради тоа што в раце ја прима оваа висока награда, туку и поради неверојатната локација каде што таа се доделува и масовната публика излезена крај бреговите на Дрим за да ги поздрави и чуе поетите од целиот свет. Овој завршен поетски спектакл, престижната поетска вечер наречена „Мостови“, не оставил рамнодушен ниту еден поет од сиот свет, што не го исполнил со трепетна радост од самото учество во него. Е, сега, замислете колкав е трепетот, возбудата, ако стоите со наградата в рака пред публика што знае тоа да го цени и пред видни и познати поети од најразлични меридијани на светот!
Наградата ја добивте за стихозбирката „Збунети компаси“ (издание на „Или-Или“), каде што се објавени песни во пет циклуси, во кои ги изложувате сопствените поетички креда. Каква самодисциплина или самосвест е потребна да се фати мигот на сопствената мисла?
– Поезијата никогаш не сум ја сфаќал како уметност на мигот или како спонтан излив на силни чувства, туку, пред сѐ, како уметност што од поетот неопходно бара постојано „острење“ на сите сетила со цел да ја продлабочи и оснажи сета своја перцептивна моќ. Имајќи предвид дека поезијата е уметност вкоренета во јазикот како нејзин медиум, тогаш неопходно е поетот што е можно посовршено да ги апсорбира сите елементи на јазикот на кој се изразува, вклучително и на неговите дијалекти. Кога велам елементи, тука не ги вклучувам само лексиката и синтаксата, туку и музиката и ритмиката, бидејќи без нив стиховите би звучеле како удирање на дрвен чекан врз железна наковална, значи тапо и глу(па)во, би се тетеравеле низ песната како пијан без плот за придршка и поткрепа. Ловот на мислата за кој говорите е само дел од креативниот процес. Еднаш поетот може да биде како ловец на пеперуги растрчан наоколу со мрежа в раце, а другпат пеперугите сами да му слетуваат на дланка. Вистинската работа започнува штом завршиме со страста при ловот и седнуваме смирено, најрационално (со бистра глава), да го разгледаме, прераспределиме, дотераме и наредиме уловот пред јавно да го изложиме пред критичкото око на другите. Тука веќе не доминира страста, туку самодисциплината и самосвеста, т.е. умешноста и знаењето.

Книгата е базирана на автопоетичко огласување, но која е универзалната порака што сакате да ја пренесете со насловот на стихозбирката и со песните во неа?
– Без оглед на тоа колку е објективизирана поетичката постапка, секоја поетска книга е во основа „автопоетичко огласување“, како што велите. Но, да се надоврзам на претходниот одговор, песната не ја ценам според тоа колку килограми лични емоции се прелеале во нејзините стихови, туку колку килограми емоции ќе предизвика кај читателот. За мене тоа има многу поголема смисла отколку песната да се сведе само на гола конфесионалност или исповедност со автотерапевтска функција. Насловот на книгата „Збунети компаси“ може да се сфати како парадокс, па дури и еден степен повисоко – како оксиморон, бидејќи компасот никогаш не може да биде збунет, освен кога не е во функција на патувањето, талкањето, истражувањето, созерцувањето на непознатото и неоткриеното. Значи, парадоксално, насловот на книгата укажува на сето она што поетот и песната треба да го сторат за да не би се заплеле во пајажина, жабокречина, да не би втонале во збунетост, апатија и безизразност. Песната треба да е авантура, постојано да прашува и да патува, а кога ќе заталка предалеку во јужните предели на страста ќе мора да се послужи со компасот што безгрешно ќе ја упати кон северот на свеста и разумот за да би можела да разлачи што од сета таа авантура е вистина или лага. Во овој исказ за мојата книга, се разбира, намерно ги вклопувам парафразите на самите наслови на циклусите во книгата.
Последниве неколку години живееме во свет на криза предизвикана од повеќе различни чинители и се чини дека и компасот на светот е збунет. Колку поезијата ви помага да го пронајдете правецот на својот интимен компас?
– Сѐ повеќе ни станува јасно дека живееме во цивилизација на збунети поединци, но и на збунети општества! Не навасаа новите технологии и ни го украдоа сепството, интимата… Притоа, лагата ја замени вистината, стиропорот го замени каменот, пластиката ја замени природата… социјалните мрежи не нѐ прават подруштвени, туку посами, брзите информации не нѐ прават поумни, туку површни, брзите кредити не нѐ прават побогати, туку посиромашни. Човештвото веќе престана да размислува за спокојство, мир и среќа. Трката по информации изроди лажни информации, трката по пари изроди корумпирани поединци и банкротирани држави. Да се биде неетичен стана врв на етиката, грдотијата и кичот станаа врв на естетиката. И тоа како никогаш досега. Најстрашно е што не знаеме како понатаму. Препуштени сме на инерцијата што раѓа уште поголема збунетост, несигурност и зачмаеност. Често сум нагласувал дека уметноста (вклучително и поезијата) не може да го смени светот, но може да влијае врз духовната димензија на поединецот, да го сплоти во него убавото со доброто и на тој начин да може индиректно (преку поединецот) да влијае врз случувањата во светот. А за тоа не треба секој да е уметник или поет, доволно е да е љубител на уметноста или поезијата. Сосема мал влог за крупна добивка.

Покрај пишувањето поезија, работите како универзитетски професор и преведувач. Што може да се наслушне од гласовите на другите поети што ги преведувате?
– Минатата есен се пензионирав како професор по англо-американска литература, што ми дозволи повеќе квалитетно време за да се посветам на пишувањето и преведувањето. Овие две активности во текот на сета моја професионална работа биле комплементарни, т.е. се надополнувале во помал или поголем сразмер. При преведувањето многу сум дал од себе на други автори, а при пишувањето многу сум научил и зел од други автори. Само за потребите на СВП во едицијата „Златен венец“ сум превел самостојно или во соработка 16 лауреати, што значи врвни светски поетски имиња, значителен број други извонредни поети застапени во едицијата „Плејади“, како и голем број македонски поети-учесници на фестивалот. Подобра школа за преведување од тоа човек не може ниту да има, ниту, пак, да замисли. Сиот тој егзерцис значи и акумулација на најдобрите поетски стратегии и постапки што оставиле не само голема трага во мојот поетски опус, туку и во делата на голем број македонски поети од различни генерации.
Пред 15-ина години раководевте со УО на СВП. Какви промени забележувате во однос на организацијата и атмосферата на најзначајната поетска манифестација кај нас?
– Пред 15 години се работеше во многу поинакви услови и со многу поинакви предизвици. Фестивалот се наоѓаше во стагнација и мене и на УО ни беше императив колку што е можно повеќе да го вратиме интересот за него во светот, а како тоа да се стори ако не со квалитетни учесници и квалитетни изданија. Исто така, наградата „Златен венец“ одеше во различни геопоетички простори и традиции, сѐ со цел гласот за фестивалот да допре до секое катче на светот. Заедно со УНЕСКО ја востановивме наградата „Мостови“ за најдобра дебитантска книга од млад автор во светот. Ја возобновивме и дополнивме едицијата „Плејади“ со седум книги годишно (колку што е бројот на ѕвезди во соѕвездието), па таа и ден-денес се користи како ризница за наградата „Златен венец“. „Ноќите без интерпункција“ ги испрофилиравме како мултимедијални настани со присуство на музика, видео и експериментална поезија. Воведовме и нови форми и нови локации на читања како што беше, меѓу другите, „Јазиците на Вавилон“ во кањонот Матка, направивме преведувачка работилница чија цел беше да преведе најмалку дваесет песни на шест јазици од актуелниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, составувавме тематски антологии на македонската современа поезија на англиски јазик итн.
Состојбата со ковид-19 изминативе две години ја натера СВП да се одржува со сите предострожности и во ограничени простори, со извесна атмосфера на траорност, во хибридна форма со видеонастапи на странските учесници. Но, добро е што СВП не отстапи ниту пред опасниот вирус. Овогодишното издание, пак, подослободено од стегите на вирусот и со забележително физичко присуство на поетите од странство, докажа дека Струшкиот фестивал сѐ уште ја има својата поранешна магија, па така убавата промена во атмосферата и дружбата меѓу поетите беше секојдневно видлива и сѐ поинтензивна како што фестивалот се движеше кон својот завршен ден.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 144, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4 септември 2022)


