Интервју со Жарко Кујунџиски, писател и издавач: Книгата само привидно е предмет

Писателот Жарко Кујунџиски деновиве се израдува на второто издание на неговиот роман „Сфинга на гневот“, кој високо котираше за наградата „Стале Попов“ на ДПМ, а меѓу кандидатите е и за наградата „Роман на годината“. Жарко Кујунџиски во своето книжевно портфолио веќе има впишано 11 дела, преку кои пред книжевната јавност се претставува како романсиер, поет, есеист и драмски автор. Паралелно со книжевната дејност, Кујунџиски е сопственик и главен уредник на издавачката куќа „Антолог“, преку која ги покажува своите способности во препознавањето на книжевните вредности на други автори, но и во организирањето на книжевен фестивал.

За неговиот роман „Сфинга на гневот“, книжевниот критичар Владимир Јанковски напиша дека станува збор за „комбинација од трилер и книжевна мистификација, со фина нота на љубов и верба во литературата. И еден лик занесеник по книги, речиси невозможен ендемичен вид во изумирање“. Иако романот веќе има свој живот меѓу читателите, со Кујунџиски разговаравме за создавањето на делото, но и неговата актуелна валоризација.

Неодамна објавивте дека излезе второто издание на Вашиот роман „Сфинга на гневот“. Од кои причини овој факт предизвика голема радост и гордост кај Вас?

– Во време на целосна комерцијализација и на технолошки додатоци, со кои веќе живееме сраснати животи, се случува книгите да се проценуваат преку нешта што реално немаат органска врска со творештвото, сфатено како уметност на зборот – бројот на продадени примероци и коментарите на друштвените медиуми. Секако дека тоа е важно, но не е репер. Моќта на едно дело почива и на други основи, најчесто немерливи со инструментите или методите познати за науката. Има книги што оставаат траги кај читателот за кои тој не е свесен во моментот на читање, туку испливуваат години подоцна, или, можеби, засекогаш остануваат неосознаени. Сакам и моите книги да можат да ги поврзат овие крајности – да имаат широка публика, но да ги допираат најсуптилните читателски длабочини, невидливи за голо човечко око.

Секако дека секој успех на делото кај писателот создава позитивно чувство, но се трудам мојата радост да биде разумна и емпатична, и така го доживеав и второто издание. Гордоста, пак, сметам дека треба да се држи што понастрана, бидејќи лесно доведува до гнев, а гневот е еден од најтешките пороци што се прелева од човечките срца. Тоа, но на сосема различен начин и во поинаков амбиент, е меѓу поентите на „Сфинга на гневот“. Има таму еден издавач, Лазар, кој е пред банкрот и кој гледа спас за сопствената кожа само преку преземање на ракописот на „најдобриот писател“ што го објавил – младиот Марко Ковачки. За него тој чин е еквивалентен на крадењето на огнот на Прометеј од боговите и предавање на луѓето. Преку овие ликови, меѓу другото, сакав да проговорам и за некои прагматични состојби во македонската литература, но многу повеќе да поставам дилеми за онтологијата на Текстот. Прво – кога и каде се раѓа книгата? Во моментот кога делото го посакува издавачот, кога го пишува авторот, кога некој го чита, кога се адресира во различните толкувања, секаде одеднаш, или во сосема други позиции? Второ, и далеку поделикатно: како се раѓа и дали може да се убие една книга?

Темата на Вистината, како пат а не дестинација, ме опседна создавајќи ја „Сфинга на гневот“

Оваа книга очигледно е родена, а романот високо котираше и на списокот со кандидати за наградата „Стале Попов“ на ДПМ. Колку време, енергија и креација вложивте во пишувањето на романот?

– Наградите се ордени што им ги прикачуваме на делата. Некој може цел живот да го подреди на нивно чистење и редење во регал и тоа е фатално. Попаметно е да се прифатат како дел од еден систем, подеднакво значајни колку и компјутерот на кој сме ја напишале книгата. Во еден момент мора да им свртиме грб на наградите ако сакаме да продолжиме понатаму.

Книгата ја пишував неколку години и на неколку локации – ја почнав и ја завршив во Македонија, но приказната доби сосема неочекуван тек со мојот едномесечен писателски престој во Хрватска во 2018. Да не ја имав можноста да талкам месец дена низ Сплит и да не беше ланскиот пролетен локдаун во Скопје, веројатно немаше да ја завршам, барем не толку „бргу“.

Преку пишувањето, секогаш во одредена мера се допишуваме или доградуваме себеси и тоа ми се случи и мене. Темата на Вистината, како пат а не дестинација, ме опседна создавајќи ја „Сфинга на гневот“. А, да се напише роман за Вистината, е како разголување еден гигантски кромид. Треба долго да се раслојува и да се даде нужна саможртва за барем да се допре јатката на просветлувањето.

Дали сето тоа во нашето општество добива некаква валоризација, од читателите, колегите, книжевната критика?

– Авторот мислам дека може да преживее и без гласот на читателите или критиката, но за делото тоа е од суштинско значење. Ако нема повратен одговор од другата страна, книгата може да стане залуден крик на крајот од амбисот. Јас сум сосема задоволен од прифатеноста на мојата книга, но сакам да погледнам на темата и надвор од сопствениот праг. Затоа, ќе кажам дека разноразните писателски тајфи и кланови ги направија предвидливи нашите постапки, афинитети, гласови, заложби. Дека тоа циркулирање на убава мисла за своите колеги честопати функционира во заокружени друштва. А би требало да е поинаку – уметниците да бидат рациото на едно општество. Книжевноста како да не ја искористи шансата да биде коректив на општествените поделби, туку стана уште една нивна рефлексија.

Авторот мислам дека може да преживее и без гласот на читателите или критиката, но за делото тоа е од суштинско значење

Од кои причини кај писателите се јавува потребата за откривање на неистражени предели во прозниот израз?

– Писателот е еден голем, речиси, детинест авантурист, и таа потреба за новини е исконски дел од неговиот карактер. „Сфинга на гневот“, парадоксично, е замислена како „оригинален“ текст испишан меѓу „туѓи“ гласови. Најпрво тука се – „Отворање на кутијата“, објавениот успешен роман на писателското „чудо од дете“ Марко Ковачки и романот што тој треба допрва да го напише – „Жива сфинга“. Потоа, Скопје и Сплит, како градови-текстови во кои се влеани приказните на сите знајни и незнајни жители, потоа стиховите на македонските поети од 19 и 20 век, судирот на делата создадени во различни жанрови, мејнстрим и андерграунд културата, ехото на историјата, но и текстовите на едно социјално и општествено совремие што вика и рика за свое книжевно преобликување.

Читателите на книги во последно време се сметаат како ендемски видови. Дали навистина е така?

– Мислам дека читателите стануваат сè позаинтересирани за книгите на нашите автори, а и авторите стануваат сè посвесни дека пишуваат за конкретни, современи читатели. Сето тоа надополнето со посветената работа на повеќе издавачки куќи, од ден на ден расте читателското семејство, а читањето се одомаќинува како навика. Но, тука има и една друга димензија. Колку повеќе книги се купуваат, толку понеписмени се нашите деца. Се плашам дека ние цело време сме во потрага по читатели (во множина и со мала буква) а не по – Читателот (поединец со име и презиме). Денес сите сакаат да ги украсат своите домови со убави и шарени корици. Книгата го доживува својот климакс, не кога ќе биде накит на просторот, туку кога ќе се претвори во комплетен ентериер на душата. Книгата само привидно е предмет, таа е отскочна штица на нашиот дух, на промената што демне.

Едновремено сте и издавач и уредник во „Антолог“. Опстојувате повеќе од 20 години минувајќи низ неколку фази на издавачката дејност. Што е важно за еден издавач да опстои во новото дигитализирано време?

– За секоја издавачка куќа постои нешто различно важно, но можам да говорам единствено за себе. Она што мене ме турка понатаму секој ден е вродената љубов кон литературата и битката за критериуми. Да им понудиме што поголем и поквалитетен избор на читателите. За нас е многу важно што целиот тој процес на наше растење се случува многу постепено, токму како што велите, низ повеќе фази. Зад себе имаме многу значајни проекти, соработки, настани, иницијативи и публикации. Би ги спомнал само оние нешта по кои луѓето нè препознаваат. Едицијата „Бранови“, која наскоро доаѓа до 300-тата книга, е најбројната едиција во Македонија. Потоа, од март 2008 година го објавуваме електронскиот месечник за култура и литература „Репер“. Тука се и првиот фестивал на европската литература „Букстар“, а во 2019 година направивме пионерски чекор со наведување на преведувачот на насловната страница. Минатата година ја лансиравме нашата супериорна електронска книжарница www.antolog.mk и го стартувавме првиот е-саем на книги. Безбројни се и промотивните активности и креативни кампањи што сме ги започнале и кои биле добар пример за средината. Но, да се биде конкурентен во друштвото и на најквалитетните и на највлијателните издавачки куќи едновремено, не е само катарза, туку и процес на многу откажувања.

На кој начин ги селектирате насловите што ќе бидат објавени?

– Порано имавме само еден начин на селекција – тоа беше мојот уреднички глас и книжевен вкус на веќе формиран ученик по светска книжевност. Но, низ годините, процесот на селекција повеќе не одеше преку само еден од нас. Како што „Антолог“ растеше, така тимот носеше и креативни и програмски одлуки, но се ширеше и нашата отвореност за различни имиња и вклученост на литература што ќе покрие што поголем круг на читатели.

Со задоволство можам да кажам дека денес во голем дел од работата е задржана мојата иницијална желба да ги видам на македонски јазик во совршен превод големите класици, како Меша Селимовиќ или Станислав Лем, но дека имаме и доволен простор и продукција секој да го најде најдоброто за себе – без оглед дали бара сликовници, романи за деца, македонски автори, бестселери, популарна психологија, проекти од визуелните уметности итн.

Колку поддршката што стигнува од Министерството за култура е доволна за едно дело да го добие својот вистински лик?

– Министерството за култура е многу важна институција за секој културен оператор во нашата земја. Преку годишната програма Министерството создава книжевна и културна карта на Македонија за тековната година. Преку имињата на авторите, преведувачите, фестивалите, списанијата што ќе добијат поддршка се дава инјекција на книжевната сфера, но се креираат и вредности што заслужуваат да се развиваат сега и во иднината. Тоа е потребно да го сфати секој што учествува во изготвувањето на оваа програма и треба да се биде многу внимателен при секоја одлука. Не смее да има груби девалвации на личности и настани што веќе ни се обраќаат со сериозна традиција, но да нема ни непропорционални дарувања, бидејќи така ќе се создава поле за раздор и излишност на овие субвенциони мерки.

Од друга страна, штом бројот на издавачки куќи и на апликации секоја година е сè поголем, значи дека авторите и издавачите го доживуваат ова како значајна поткрепа. Недоволна, но неопходна за целината. Во таа смисла поддршката е добре дојдена, но треба да биде со јасни програмски определби, транспарентна, необременета од какви било притисоци, пропорционално распределена, финансиски образложена и прилагодена на реалната слика за уделот на секој автор или издавач среде книжевниот мозаик.

На фестивалот „Букстар“ досега гостувале 30-ина европски писатели – Жарко Кујунџиски со добитникот на наградата Евгениј Водолазкин во 2019 година

Со фестивалот „Букстар“, кој постои од 2015 година, принесовте многу европски дела, но и автори кај нас. Колку фестивалот е обид да се излезе од домашната рамка и да се отворат европски перспективи, и за делата и за авторите?

– „Букстар“ беше планиран уште додека јас бев студент. Ги читавме навистина најдобрите дела од сите светски автори, но освен Сартр и неколкумина поети, македонските читатели не биле почестени со гостување и лично запознавање со ниту една од тие големини. Нешто во мене говореше дека тоа мора да се смени. Долги години баравме модус и во 2015 со „Букстар“ мојот сон и сонот на моите колеги почна да станува опиплив. Оттогаш ни дојдоа 30-ина автори од речиси сите европски земји. Некои од овие писатели се одамна потврдени на глобално ниво, а за некои допрва ќе слушаме и ќе гледаме со неверување како во 2016 или во 2018 година веќе биле во Скопје.

Неколку месеци пред да почне пандемијата во МКЦ имавме издание што направи тектонско поместување, како со изборот на гости, така и со програмските активности. Мислам дека „Букстар“ е веќе зрел фестивал, кој во моментот кога природно ќе ја добие валоризацијата на средината, ќе придонесе уште повеќе за соработката меѓу Европа и Македонија. Мораме да го почитуваме туѓото, но мораме да бидеме одговорни и кон своето. Обично бираме меѓу едното или другото, но мислам дека големиот исчекор е само во подавање раце меѓу спротивностите и во храбро премостување на оддалечените брегови. Не постои веќе црно-бел свет. Спојот на контрастите, до вчера можеби незамислив, е тоа што го движи напред тркалото на времето.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 69, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот