Интервју со Викторија Јаначковиќ: Родендените порано беа за дружење, денес се само пораки и телефонски честитки
Роденденот го прославив дома, во кругот на семејството, секако со мојата ќерка Никита. Имаше торта, насмевки и топлина што ја носи семејството, вели Јаначковиќ.
Некогаш позната манекенка, а по професија стоматолог, Викторија Јаначковиќ е една од оние личности со кои разговорот секогаш е интересен. Неодамна славеше роденден, дома, во мирна семејна атмосфера со својата ќерка Никита. За годините – дали се бројка, за самодовербата, за желбата за патување и за предрасудите, со Викторија разговаравме во интервју за „Слободен печат“.
Препорачано
Оваа година наполни 45 години. Како го прослави роденденот и дали имаше некој посебен момент што ќе го паметиш?
– Роденденот го прославив дома, во кругот на семејството, секако со мојата ќерка Никита. Имаше торта, насмевки и топлина што ја носи семејството. Тоа за мене е сосема доволно за да ми измами насмевки и радост.

Како изгледаа роденденските прослави кога беше помлада, што беше поразлично тогаш од денес?
– Порано многу се дружевме, излегувавме и секако имаше места каде што можеше да се излезе, а со тоа и да се прослави роденденот. Денес е поинаку, а и воопшто не ми се допаѓа атмосферата. Нема клубови и нема каде да играш или да се забавуваш. Сега сè е на пораки или да му се јавиш на некој по телефон за да му честиташ или да гледам во телефон кој мене ми честитал… Сето тоа станува здодевно. Така што, повеќе би сакала да одам на некој викенд некаде, во Прага, Будимпешта или, не знам, некаде во Грција, и така да го одбележам роденденот.
Ти си Водолија според хороскопот, па колку се пронаоѓаш во карактеристиките како слобода, различност и свој став кон животот?
– Јас сум типична Водолија во смисла дека ја сакам слободата. Водолија сум и во смисла дека различноста кај луѓето многу ми се допаѓа и за мене е сосема нормално еден да носи црвен, друг жолт, па дури и црвен и жолт чорап. Значи, кај една личност сосема ми е нормално да има пердув на главата, на пример. Сите ќе се исчудуваат и така натаму, но јас немам предрасуди, апсолутно. Водолијата сака многу пријатели, јас ги имам премногу и благодарна сум му на Бога за тоа што давам и што ми даваат.

Сега кога си мајка, дали родендените ги доживуваш поинаку и колку повеќе размислуваш како ќе ги подготвуваш родендените за Никита?
– Моето мајчинство нема никаква врска со доживувањето на родендени. Едноставно, тој настан ми е непотребен ако е помпезен. Не сакам повеќе такви работи. Сакам мирна семејна атмосфера, со торта и многу насмевки.

Веруваш ли во реченицата дека годините се само бројка?
– Нема врска со бројки. Ако си весел по дух, а не си некој што негодува за сè и сешто… светот е твој. Постојат луѓе со тешки животни приказни, а имаат само 25 години. Постојат и оние што „одлепуваат“ на 50 години, па сакаат да се однесуваат како да имаат 25. Сè што е изградено на реални, цврсти темели – го почитувам без разлика на годините.
Дали на 45 години имаш поинаков однос кон убавината, грижата за себе и самодовербата отколку во триесеттите?
– Самодовербата се гради само и единствено со време… ниту со титула ниту со професија, а најмалку со пари. На тоа се работи, работиш на себе. Ниту некој може да ми ја одземе, ниту да ми ја додаде. Ласкањето ми е смешно од денешна гледна точка.
Кој е најголемиот животен совет што би ѝ го дала на својата ќерка како жена?
– Исклучиво, и само исклучиво, да бидеш добар човек. Сè друго е наследено. Но, да си добар човек… тоа е за мене успех.



