Фото: Приватна архива

Интервју со Вера Мештеровиќ, првата Мис на Македонија: За децата е најважна здрава атмосфера за живот, избрав разделба и исправно постапив

Вера Мештеровиќ, една од оние јавни личности што секогаш го привлекуваат вниманието на јавноста. Првата Мис на Македонија за Мис на светот, денес е водителка на утринската програма „Здраво Македонијо“ на Канал 5.

Со Мештеровиќ во интервјуто за „Слободен печат“ зборуваме за цената на популарноста и на убавината, за она што ја исполнува, за разделбата од поранешниот сопруг, како е да се биде мајка на двајца тинејџери…

Дел си од тимот на емисијата „Здраво Македонијо“ на Канал 5. Какво искуство стекна и колкав е предизвикот да се работи на утринска програма?

– Секако дека е голем предизвикот бидејќи станува збор за програма во живо. На почетокот ми беше чудно затоа што сум во улога на домаќинка и јас треба да поставувам прашања, а претходно бев навикната да сум гостинка и да одговарам на прашања, но сè е навика. Сепак, на ТВ-екраните сум од моето рано детство, преку балетот играјќи и настапувајќи во тоа време во актуелните емисии на МТВ така што се приспособив брзо. Втората работа беше приспособување да носам слушалка за да слушам од режија насоки, но и тоа го научив. Секојдневно имам нови предизвици со емисијата, секој ден учам нешто ново на повеќе полиња од животот и тоа ми создава чувство на успех, исполнетост и задоволство.

Во колку часот стануваш наутро и се случило ли некогаш да не го слушнеш будилникот?

– Кога сум во студио од 6:45 часот, станувам во 5 часот наутро, таман да се нашминкам, па да започнам со утринската програма. Кога сум од 8 или 9 часот, тогаш не станувам толку рано.

Се случило да не го слушнам будилникот, да, но за среќа, телото само ми е навикнато да се буди рано, па сепак доцнењето било минута-две, што е и незабележително. Сепак, сите сме само обични луѓе и секако дека може да се случи и нешто такво.

Вера Мештеровиќ отсекогаш е синоним за убава жена. Колку од една страна годи убавината, а од друга, може да биде и проблем?

– Благодарам за убавите зборови. Ние жените секогаш се радуваме на убаво кажани зборови, комплименти, а мислам и мажите исто така. Круната како мисица и убавината се всушност голема одговорност, која треба да се носи и да се одговори на неа, да се биде во баланс со општествените начела, правила, норми, етика, и да се биде позитивен пример и за себе, но и за моите деца и за општо добро. Искрено, се обидувам, секојдневно учам, се вложувам, се трудам секој ден да го одржувам и да го споделувам сето ова.

Фото: Приватна архива

И кога сме кај убавината, како ја одржуваш и како успеваш да останеш во топ форма?

– Не е лесно, но работам на себе, да имам здрав животен стил што е и пример за моите деца, како правилна исхрана, физичка активност и негување во козметички салони, дерматолошки ординации, фризерница и друго, но овие ги посетувам секоја недела. Не е едноставно и лесно, треба да се пронајде личниот баланс, да се биде селективен, дисциплиниран, истраен во континуитет, но сè се може кога доволно се сака.

Ти си првата Мис на Македонија за Мис на светот. Што научи од тоа искуство и на што најмногу се сеќаваш од Мис на светот во Индија во 1996 година?

– Научив за животот, за убавината, за жената, научив дека секоја жена е убава на свој начин и дека не постои неубава жена. Научив дека секој од нас мора да има цел за да се изгради како човек и како личност, да учи, создава, а не да се надополнува на она само убаво кое е од Бога дадено, туку да се развива, споделува позитивни, креативни работи.

Како реагираш на невкусните коментари со оглед на тоа што си јавна личност?

– Не реагирам, со текот на времето научив да селектирам информации, а на луѓето што ми значат, тоа им е смешно и никој не може да ме направи ниту подобра ниту полоша од она што сум јас. Свесна сум за секоја своја доблест и мана, невозможно е на сите да им се допаднеме и тоа е сосема океј, секогаш треба да постојат и позитивни и негативни коментари.

Фото: Приватна архива

Едно време во фокус на јавноста беше разделбата со твојот поранешен сопруг, фудбалерот Игор Кралевски. Како тоа влијаеше врз тебе и врз децата? Иако секој развод е тежок, сметаш ли дека тоа е некогаш подобрата опција?

– Едно одамна минато свршено време. Со децата помина сè во ред, без некои претешки моменти и сум многу среќна поради тоа, бидејќи во процесот тоа ми беше најмногу важно како ќе се одрази тоа на нив. Различно и индивидуално е, но она што е најважно е здрава, позитивна атмосфера за живот на децата, па ако тоа значи разделба, за мене е исправно и јас така постапив.

Колкави се сега Андреј и Јована, дали сте блиски, ти ги кажуваат ли тајните и како реагираат на фактот што имаат позната мајка?

– Андреј има 15 години и почнува прва година во средно, а Јована има 13 години и ќе биде 8 одделение. Сега и двајцата се во пубертет, тинејџери. Зборуваме на сите теми, секако дека сме блиски, а јас се повлеков од работата за да ги изгледам кога беа мали, па потоа се вратив на работни обврски. Да, честопати знаат да кажат „леле, мамо, сите те знаат, те гледаат“, особено кога некој ќе ми пријде и сака да се слика со мене. Тие, пак, не сакаат многу да се сликаат, а и јас тој дел си го чувам интимен за нас, па ретко споделувам заеднички фотографии.

Колку време поминуваш пред огледалото и дали те плашат годините?

– Поминувам доволно време, најмногу кога се подготвувам за во студио или за снимање, настан, инаку приватно не користам шминка. Чистење и хидратација на лицето ми е дневна рутина. Годините не ме плашат, се трудам да се одржувам, негувам и да изгледам најдобро за своите години и се надевам дека ќе успеам во тоа и се радувам на годините пред мене и она што ќе ми го донесат, да дочекам успеси од моите деца, внуци и сè по ред, како велат старите.

Фото: Приватна архива

Што те прави среќна, а што може да те извади од такт?

– Тоа што сме јас и децата живи и здрави, останатото се средува, побрзо или побавно. Од такт ретко нешто ме вади, но не почитувам безобразност, насилство, невоспитание, нелојалност, непочитување, дрскост, вулгарност…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот