27.8 C
Скопје

Интервју со Васо Ристов, генерален директор на НУ Национална опера и балет: Секое оддалечување од сцената е погубно за уметникот

Силен е поривот на Националната опера и балет полувековната традиција на Мајските оперски вечери и во овие пандемиски времиња да не биде прекината, а со генералниот директор проф. м-р Васо Ристов разговаравме за актуелните состојби во оваа значајна културна установа.

Мајските оперски вечери (МОВ) речиси половина век се вткаени како еден од најзначајните настани во културниот живот кај нас. Овие години на пандемија на ковид-19 го нарушија вообичаениот тек на МОВ, но не ја прекинаа традицијата. Мајските оперски вечери имаат неверојатно верна публика, која со срце и со душа го чека мај секоја година, а која поради пандемијата не може да си го дозволи тоа задоволство. Тешкотиите се уште поголеми за раководството на Националната опера и балет (НОБ), како и за уметниците и екипата кои учествуваат во поставувањето и реализацијата на сценско-музичките дела. Со какви проблеми се соочуваат во НОВ околу реализацијата на МОВ, но и на другите оперско-балетски проекти, разговаравме со генералниот директор Васо Ристов.

Каков е планот за оваа година, ако се има предвид дека минатата година МОВ се одржаа онлајн со емитување снимки од оперите и од балетските претстави?

– Немавме избор, приморани сме и оваа година официјално да немаме Мајски оперски вечери, но ќе имаме настани насловени како „Мајски концерти“. Станува збор за претстави адаптирани по сите протоколи, кои ќе бидат снимени и презентирани на нашиот Јутјуб-канал. Очекуваме одлуката на Владата да биде олеснителна и дел од програмата да биде со публика во обем до 30 проценти од вкупниот број седишта во салонот на НОБ. Со тоа и уметниците да се вратат таму каде што им е местото, а тоа е сцената. Очекуваме нашата оперско-балетска публика и понатаму да ни ја дава нивната огромна поддршка. Направивме програма на настани за мај, која ќе биде отворена на 9 мај со онлајн прикажување на Гала оперски концерт посветен на 230-годишнината од смртта на В. А. Моцарт. На 17, 20 и 23 мај ќе следува онлајн прикажување на два полурецитали на оперски првенци и солисти и еден хорски концерт. Доколку се донесат нови мерки со кои би се овозможило присуство на публика, на 25 мај премиерно ќе биде изведена претставата „Игри на животот“, а доколку останат овие мерки на сила, ќе има само онлајн прикажување на претставата на 29 мај. За 27 мај е планирана „Романтична балетска вечер“.

Да имавме нормална состојба на МОВ 2021 би биле одржани претстави од „железниот репертоар“, а отворањето на фестивалот беше планирано со премиера на „Палјачи“ и затворање со традиционалната „Аида“. За жал, премиерата е пролонгирана за наесен, бидејќи сѐ зависи од целата ситуација со пандемијата. Очекуваме да нѐ послужи времето и сите настани понатаму да бидат изведени во концертна изведба и на отворен простор, на платото пред НОБ и на други простори.

Гала оперскиот концерт „Волшебниот Моцарт“ со онлајн прикажување на 9 мај ќе го означи почетокот на годинашните Мајски оперски вечери

Пандемијата го смени вообичаениот процес на производство на нови претстави. Практично, какви штети на продукциски план досега претрпе Националната установа Националната опера и балет?

– Националната опера и балет како институција изгуби многу. Гледано од финансиски аспект, немаме продажба на билети, немаме изнајмување на салонот, а тоа се средства со кои покривавме тековни трошоци. Изгубија и уметниците. Секое оддалечување од сцената е погубно за уметникот, опаѓаат од форма и кондиција, се нема континуитет и редовни проби за сите ансамбли. Ќе ни треба подолго време да се вратиме во нормала и да го достигнеме тоа високо ниво на репродукција. Но, најважно е да го снема овој вирус, да се извадат маските, да се намали дистанцата и да работиме нормално како пред пандемијата, бидејќи е невозможно да спремаме премиерни оперско-балетски претстави. За 2020 година ни беше планирана балетската претстава „Жизел“ како премиера. Не успеавме да ја реализираме поради почитувањето на протоколите, дистанцата на два метра, недржење за рака, со маски, а тоа е невозможно за балетскиот ансамбл. Со анекс е донесена одлука претставата да ја реализираме во текот на 2021 година.

Приморани сме и оваа година официјално да немаме Мајски оперски вечери, но ќе имаме настани насловени како „Мајски концерти“ (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Колку протоколите за работа во ковид-услови практично се применливи во продуцирањето на музичко-сценски дела?

– Применливи се со ограничен број публика, како и со скратена програма на концертна изведба на сите опери и балети со времетраење најмногу до час и половина. Според протоколите на Комисијата за заразни болести и нашиот протокол како институција, членовите на оркестарот се на дистанца од два метра, уметниците на гудачки и удирачки инструменти со свирење со маска, дувачки инструменти со свирење без маска, хорот со ограничен број до 30 уметници на сцена на дистанца на два метра и со маски. Ограничен е бројот на балетскиот ансамбл, со учество со маски и балетските солисти во пар со маски, а соло точките на балетските играчи без маски е сегашната реалност со која во уметноста, во музичко-сценската дејност е многу тешко да се продуцираат музичко-сценски дела.

НОБ е најголемата установа од областа на музичко-сценската дејност. Каков потфат е да се биде на чело на установата?

– Голема одговорност е да се биде на чело на Национална опера и балет, нормално и голем предизвик. Тоа е институција која е најголема од музичко-сценските дејности, и според бројот на вработени и како објект. Има повеќе од 445 вработени и над 30 илјади квадратни метри објект. 25 години бев дел од колегите-уметници во оркестарот, 25 години бев прв трубач солист. Во 2005/6 бев и уметнички директор на Операта. Познавајќи ја проблематиката и убавината на оперско-балетската уметност, ми беше голем предизвик да помогнам со целокупното мое знаење и искуство. Мислам дека доста од проблемите се решија. Поставен е видеонадзор што ги опфаќа повеќето излези и влезови (внатрешни и надворешни) во НОБ, како и помал дел од внатрешниот простор во НОБ. Извршена е демонтажа и повторна монтажа на сите столови во гледалиштето на НОБ, заради претходно лошо нивно монтирање (вкупно 691 стол). Извршено е реновирање на сите оркестарски гримиорни и музичка архива, вкупно (10) простории (глетовање и молерисување, демонтажа на стар под и монтажа на нов под). Поставена е нова заштитна челична ограда во сценскиот простор. Извршено е статичко и динамичко испитување на целокупната сценска опрема и сценскиот простор. Извршено е испитување на ПП-апаратите и хидрантската мрежа. Извршена е парцијална поправка на дел од покривот, каде што се појави протекување при поројни дождови. Извршена е ДДД во објектот. Поставено е ново ЛЕД-осветлување на малата сцена. Поставена е нова светлечка реклама на влезот за публика. Репарирани се музички инструменти фагот и пиколо и купен е инструментот Гран-Каса. Обезбедени се средства – донација од ЕВН – за комплет костими за целиот оркестар. Реновирани и адаптирани се четири простории за чување на музичките инструменти од компанијата „Штрабак“.

Со моето доаѓање за директор во НОБ, наследив огромен долг од 53 милиони денари или околу 800.000 евра, кој со завршната сметка за 2020 година е намален на 36,5 милиони денари (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Некои претходни директори истакнуваа дека установата е во големи долгови. Каква е сегашната ситуација?

– Со моето доаѓање за директор во НОБ, наследив огромен долг од 53 милиони денари или околу 800.000 евра. Има неисплатени долгови кон доверители и физички лица што биле ангажирани за различни позиции. Затекнав многу хонорарци што биле ангажирани на договор на дело. Колеги оделе во пензија, а не се барале нови вработувања или, пак, не им биле одобрувани. Затоа за мене како директор, но и за установата, најдоброто решение беше да ги вработиме хонорарците за кои имаше слободни места по систематизацијата. Со завршната сметка со 31.12.2020 година долгот е намален на 36,5 милиони денари. Со оглед на фактот што помина една година како немаме редовна продукција, продажба на билети и изнајмување на салонот, сепак успеавме да го намалиме долгот.

Колку поддршката од Министерството за култура овозможува да се одржи репертоарот на установата, независно од пандемиските услови што ги живееме изминатава година?

– Во ова пандемиско време на нефункционирање на институциите со полн капацитет, Министерството за култура и министерката Ирена Стефоска прават сѐ да се запази и одржи репертоарот на НОБ. Секоја година аплицираме во Министерството за култура со годишна програма, потпишавме договор и правиме сѐ што можеме за реализација на годишната програма според сите протоколи. За првпат институцијата доби и средства за материјални трошоци, за систематски прегледи за вработените и други ставки што се многу важни за функционирањето на сцената – институцијата, ставки што не се одобрувале неколку години или за кои воопшто не се давале средства. Поддршката од Министерството за култура ја имаме. Во договор и разбирање за нашите проблеми со министерката Стефоска се договоривме да направивме пренамена од годишната програма за да можеме да враќаме стари долгови од претходните директори на НОБ. Голема благодарност на министерката Ирена Стефоска за разбирањето и помагањето за нашата институција.

Минатата година добивте и значајна донација од јапонската влада. Што донациите од овој вид значат за установата?

– НУ Национална опера и балет во август 2018 година на иницијатива на Секретаријатот за европски прашања, кој беше претходно информиран од Амбасадата на Јапонија во Република Северна Македонија дека постои можност да се разгледаат предлог-проекти за грантова помош од областа на културата и образованието, нашата институција доби можност да започне да работи проект од грантовата помош од областа на културата. По официјалното проследување на апликацијата до Амбасадата на Јапонија во РСМ во април 2019 година, следуваше посета на експертски тим од Јапонија, со цел да се утврди фактичката состојба и анализа на можноста за финансирање на проектот, која се реализираше во периодот од 1-21 мај 2019 година.

Аплициравме како институција за донацијата „Културен грант“, наречена „Проект за подобрување на музички инструменти, опрема за звук и осветлување за НУ Национална опера и балет на Република Северна Македонија“ во вредност од 663.000 евра. Од 65 земји-апликанти, ние како институција влеговме во најтесен круг меѓу петте земји-добитници на ваков грант. Почнавме со редовна комуникација со главните претставници на агенцијата „Џајка“ од Токио (Јапонија) со наш претставник на „Џајка“ во Македонија, господин Сашо Димитров и мојата колешка за меѓународна соработка – Наташа Теодосиевска. Претставниците од Јапонија доаѓаа и ја скенираа институцијата цело време. За овој грант од 663.000 евра се договоривме да бидат вклучени комплет ударни инструменти за оркестарот на НОБ, контрабаси, виолина, професионални столчиња и пултови за уметниците, харфа плус озвучување и осветлување. Тоа е грант што е многу важен за нашата институција, ќе имаме големо подобрување на квалитетот на оперско-балетските претстави и на оркестарот. Сега сме во завршна фаза. Сѐ е договорено и потпишано, и во секој момент сме во очекување на првата пратка од донацијата, а тоа е осветлувањето и озвучувањето.

На 11.12.2019 година беше склучен договор помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Јапонија, чии претставници беа министерот Бујар Османи и амбасадоркатa Кеико Ханеда. На истата церемонија на потпишување се склучи договор помеѓу НУ Национална опера и балет и Јапонската агенција за меѓународна соработка, чии потписници бевме јас како директор на НОБ и господин Џиро Такеичи. Потоа на 25.2.2020 година врзано за проектот наречен „Проект за подобрување на музички инструменти и опрема за звук и озвучување на Национална опера и балет“, следуваше потпишувањето договор со консултантската фирма „Интем консалтинг, ИНК“ од Јапонија. Како заокружување на претходно наведеното НУ Национална опера и балет на 19.10.2020 година потпиша договор со фирмата „Ogawa seiki“ од Јапонија. Тоа е фирмата што ќе ги врши сите набавки врзани за проектот.

На почетокот на 2021 година именувавте нов директор на Операта, со какви очекувања?

– Со именување на новиот уметнички раководител на Операта, очекувам нови идеи, визија, уметничко креирање на програмата, да бидат вклучени и ангажирани сите оперски солисти, пронаоѓање нов солистички потенцијал за сите дефицитарни гласови, уште подобар квалитет на ансамблите и на оперските претстави, како и покана на познати европски и светски уметници. Познавајќи го колегата Мицко Дамњановски како голем професионалец, кој веќе четири месеци е поставен за уметнички раководител на Операта, убеден сум дека ќе успее во сето ова.

Каков предизвик беше подготовката на премиерата на возвишеното вокално-инструментално дело „Стабат матер“ од Џовани Батиста Перголези, прикажано онлајн за Велигден?

– По повод големиот христијански празник Велигден на предлог од уметничкиот раководител на Операта, Мицко Дамњановски, се договоривме премиерно да биде изведена „Стабат матер“, возвишено вокално-инструментално дело, христијанска химна на Дева Марија од XIII век, која го прикажува нејзиното страдање како мајка на Исус Христос за време на распетието. Во изведбата на делото учествува оркестар од 15 музичари, 12 хористи кои пеат со маски на соодветна оддалеченост од оркестарот и двајца солисти. Делото премиерно беше прикажано онлајн на 2 мај. Диригент е Бисера Чадловска, а режијата е на Дејан Прошев.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 79, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 мај 2021)

Поврзани вести

Излезе „Културен печат“ број 85 во весникот „Слободен печат“

Тони Димков

Африкански лица пред објективот на Билјана Јуруковски

Тони Димков

„Македоника литера“ ја објави биографската книга „Леонардо да Винчи и неговото време“ од Атле Нес

Тони Димков

Избрани песни од Иван Херцег се објавени во стихозбирката „Ноќни луѓе“

Тони Димков

Нова книга во „Или-Или“: „Денот на црвот“ од Симона Јованоска

Тони Димков

„Матица македонска“ објави избрани дела во десет книги од Раде Силјан

Тони Димков

Остави Коментар