ИНТЕРВЈУ со Тамара Забазноска: Визуелни приказни за човекот и природата раскажани со клинци

Необичен начин на креативно изразување избрала Тамара Забазноска, дипломирана архитектка, која се занимава со концептуална уметност, илустраторство и истражување на природата.

Клинци, медијапан, чекан, голема доза апсорбирани знаења и многу фантазија. Тоа се основните елементи вградени во концептуалните дела на Тамара Забазноска. Иако пред десетина години станала дипломирана архитектка, сепак мошне успешно создава дела што не е едноставно да се разоткријат на прв поглед, пред сѐ, поради длабочината на приказните вградени во нив. А приказните веќе ги препознала комисијата на Интернационалниот саем за современа уметност „Паратисима“, која во 2016 година доделила специјална награда за делата на Забазноска. Наградата била реализирана со самостојната изложба „Тајане“, која Забазноска ја реализирала во април 2017 година во некогашната галерија „Флукс“.

Претходно, својата прва самостојна изложба „Просторна синтакса“ концептуалната уметница ја поставила во „Кула“ во април 2016 година, а со самостојна изложба во Отвореното графичко студио при Музејот на Град Скопје била дел и од програмата на фестивалот „Десонанз“ во октомври 2016 година.

Ефект на пеперутката

Практично, со каков вид уметност се занимаваш?

– Концептуална визуелна уметност што подразбира и занает. Делата ги изработувам со ковање клинци на медијапан. Прво како точки ги поставувам клинците, а потоа додавам стакло, или конец, или акрилна боја, со која ги поврзувам линиите направени од точките. Така се добива слика што раскажува приказна.

Меѓу повеќето циклуси забележувам еден со наслов „Архетип“. Која е суштинската приказна за ова дело?

– Суштината на делото е претставување на сето она што ние го носиме како карактерна особина. Ние не сме само еден човек, туку во себе носиме делови од различни карактери и од нас зависи кој дел од тие карактери ќе можеме да го развиеме. Она што сакав да го претставам беше да успеам секој од нас да може да се пронајде во сите дела, меѓутоа во едно точно да го види својот израз. Затоа сакам да ги изложам делата, за да можам да видам каква ќе биде реакцијата на публиката. Самата изложба, која планирам да ја направам, ќе биде посветена на природата. Ќе почне со сингуларитетот, како првиот момент, односно „биг бенг“, од каде што почнува целиот универзум, а ќе заврши со човекот, но не со човекот како его-трип, туку со хистологијата на човекот со сите приказни што во себе ги носи.

Целта на целата изложба би била да можат луѓето во себе да пронајдат други аспекти од себе, да не се задржуваат само на еден аспект и да знаат дека има константна промена на сите циклуси што ги носиме во себе. Поставеноста на изложбата би била од микро до макро и ќе биде ориентирана кон креацијата на природата. Меѓу делата има приказ на микроскопски, едноклеточни организми како дијатомеја и хелиозоа што се одговорни за создавање кислород, кои ги претставувам во макро-размери за луѓето да видат што е тоа што ни овозможува да живееме.

Уметнички спој на човекот и природата – Тамара Забазноска (Фотографија: Атанаско Котарски)

Во суштината на делата, покрај познавањето на техниката за изработка, потребно е и големо универзално знаење, од Платон до Јунг, од физиката и астрофизиката до психологијата. Каде ги стекна сите овие знаења?

– Од животот. Голем дел од нив стекнав од енциклопедиите што сум ги читала уште како дете со дедо ми, а целата литература остана кај мајка ми. Знаењата ги имам и затоа што целото мое семејство се медицинари-доктори. Јас отидов во друг, инженерски, свет и архитектура, а во спојот на претходните знаења и мојот избор ги најдов сите елементи што се употребени во уметничките дела. Од мајка ми научив дека за да си добар доктор мора да си добар математичар, а за да бидеш добар математичар мора добро да ја знаеш структурата на природата.

Причината зошто се запишав на архитектура, а не на ликовна уметност лежи во фактот што сакав целокупното знаење, што веќе го имав стекнато, да можам порационално да го искористам, бидејќи се најдов во ситуација да имам премногу информации, а да не знам како да ги складирам и како понатаму да ги реупотребам. Токму тоа го добив со факултетот за архитектура и за тоа ќе му бидам вечно благодарна и би била дел од таа сфера професионално кога би имала простор и таму да се развивам.

Андроид

Во делата што ги создаваш е употребена игра на светло и сенка, направен е спој на науката и уметноста, а специфични се и во однос на техниката на изработка. Колку време ти е потребно за да создадеш едно дело, од идеја до финален продукт?

– Не би можела да кажам колку време една идеја се развивала, бидејќи најверојатно постоела некаде, па како се случувале различни работи во мојот живот, така сум ги вадела и сум ги доразработувала за секое дело посебно. Во однос на физичката изработка на делата ми требале најмалку 30 часа работа, а некогаш и по два месеца. Ковањето како процес може да исполнува, но истовремено и физички исцрпува.

Дванаесет архетипови на Тамара Забазноска

Што е тоа што дополнително те мотивира за таква исцрпувачка работа?

– Музиката. Она што го даваат ритамот и мелодијата. Ритамот за да има цврста структура, а мелодијата за да може таа цврста структура да се развива понатаму. Имам нови истражувања, со кои преку каква било тврда структура со помош на магнетни полиња може да се добијат различни форми на звукот. Учењето што ги проучува видливите вибрации на звукот се нарекува киматика.

Тоа достигнување мене ме фасцинираше, бидејќи станува збор за геометризирани форми кои се целосно симетрични, а се комплетно различни во зависност од вибрацијата на секој звук. Тоа ми даде идеја да направам паралела помеѓу 12-те архетипови со првите 12 звуци што визуализирани. Затоа сакам понатаму да работам со звук и да создадам интердисциплинарен проект, со кој во една просторија ќе бидат архетиповите, а во друга ќе може да се видат геометризираните слики на звуците.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 19, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 февруари 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот