Интервју со Спасе Перовски, директор на НУ Стоби – Градско: Стоби е златната белегзија на нашата држава

Големата изложба на дела од македонскиот уметник Петар Хаџи Бошков поставени на археолошкиот локалитет Стоби силно го привлече вниманието на културната јавност, а иницијативата за реализација на проектот е на Спасе Перовски, директор на НУ Стоби – Градско, како дел од долгорочната проектна програма „Стоби – жив град“.

Скулптурите на Петар Хаџи Бошков сместени во магичниот амбиент на археолошкиот локалитет Стоби на 18 септември привлекоа неколку стотини посетители на отворањето на изложбата со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“.

Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година. Куратор и автор на концептот за изложбата е Владимир Јанчевски, а истата ќе биде поставена до 11 октомври. Изложбата на интересен начин овозможува заемно разоткривање и суштинска врска меѓу вредностите на модерната и на антиката. Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков се позајмени и директно од ателјето беа пренесени на локалитетот Стоби.

На отворањето на изложбата во Стоби присуствуваа неколку стотини посетители, а се обрати и министерката за култура Ирена Стефоска

Во своето обраќање на отворањето на изложбата, министерката за култура Ирена Стефоска, меѓу другото, истакна: „Присуствуваме на редок културен настан. На дијалог меѓу Стоби и Петар Хаџи Бошков. Се вкрстуваат цивилизации и епохи. Модерната е внесена во античкиот град. Сигурно имаат што да си кажат. Овој храбар уметнички предизвик не е само атрактивно случување за афирмација на локалитетот или на модерната во македонската уметност. Овој проект е и рефлексија на современата ангажирана уметност, која е свртена кон актуелните општествени текови. Она што особено ме радува е што изложбата, на креативен начин, го реактуализира прашањето за местото на модерната денес“.

Иницијативата за реализација на проектот е на Спасе Перовски, директор на НУ Стоби – Градско, како дел од долгорочната проектна програма „Стоби – жив град“.

Отворањето на изложбата на дела од скулпторот Петар Хаџи Бошков поставени во археолошкиот локалитет Стоби беше убав и навистина редок настан. Практично од каде дојде иницијативата за изложба од таков тип?

– Идејата потекнува од самата програма „Стоби – жив град“, со која аплицирав во Министерството за култура на конкурсот за директор во Стоби. И не само тоа, идејата е во Стоби, покрај основната дејност археологија и конзервација, кои припаѓаат во секторот заштита, да се случуваат и други настани од областа на културата кои имаат висок степен на културна вредност. Впрочем, како што е и Стоби. На висока заштитена вредност од прва категорија на заштита, одговара исклучиво висока културна вредност од современото доба. Дигнитетот и статусот на Стоби не смее да се наруши. Стоби треба да продуцира исклучиво висока културна вредност.

Исклучителната вредност на Стоби треба да продуцира само исклучителна современа вредност / Фотографија: Денис Сарагиновски

Насловот на изложбата „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“ укажува дека станува збор за поширок концепт на презентација на античката, но и на модерната уметност. Со каква цел?

– Тоа движење од античката до современата култура и уметност го содржи и самата етимологија на зборот култура (лат. colere), значи продолжува, одгледува, штити, во овој случај високи културни вредности. Културата денес исто толку силно како и тогаш има високо поставени цели. Исклучителната вредност на Стоби треба да продуцира само исклучителна современа вредност. Стоби треба да биде репер, точка од која нема враќање назад. Колку повеќе успееме да ја доближиме таа вредност до современиот човек, толку повеќе сме успеале во намерата.

Во најава на изложбата го спомнавте проектот „Стоби – жив град“. За каков проект станува збор?

– Токму крајот на претходниот одговор го објаснува ова движење од современото кон античкото или обратно. „Стоби – жив град“ ја има за цел оваа релација на висока културна вредност, која треба да се примени не само декларативно, туку суштински да се живее, а со тоа и да навлезе во повеќе аспекти на денешното живеење, од образование, социјална заштита, одбрана, внатрешни работи и така натаму. Културата, сепак, опфаќа голем спектар на современото живеење денес и навлегува длабоко во сите општествени сфери.

Колку основањето на посебна Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско практично овозможи со локалитетот да се менаџира на поинаков и посовремен начин?

– Тоа е најважниот дел, мислам дека НУ Стоби е класичен пример за успешно управување во културата. Парцијалното менаџирање или фрагментирано во рамки на националните и локални институции од областа на културата во секоја насока придонесува за појасно и понепосредно гледање и делување. Не може Министерството за култура да преземе одреден чекор без за тоа да ја консултира и почитува таа локална или максимално непосредна околина. Тие луѓе кои секојдневно имаат однос со културата во својот делокруг и живеат со тоа. Министерството само треба да делува во рамките на тие микро идеи и потреби. Така сликата ќе биде појасна и резултатите поуспешни.

Во дијалогот помеѓу Стоби и Петар Хаџи Бошков се вкрстуваат цивилизации и епохи / Фотографија: Денис Сарагиновски

Дали изложбата со дела од Петар Хаџи Бошков веќе ви дава поттик и за други настани од овој тип?

– Секако, и не само во таа област. Сметам дека проширувањето на делување во различните области во културата ќе ја доближи културната вредност до сите граѓани. Во овој контекст сметам дека сите институции од областа на културата треба да делуваат синергично и со заедничка цел, а тоа е пласирање на високи културни вредности. Со тоа стручните работници во културата би излегле од нивниот конформизам и заедно би ги вкусиле плодовите од таа работа. Во контекст на ова прашање би најавил дека се подготвуваме за голем проект следната година. Денови во чест на Јован од Стоби, една исклучително важна личност која живеела во Стоби. Личност преку која античката филозофска мисла е распространета во повеќе области, како и делови од античките драми стигнале до денешниот современ човек, и тоа не само тука, туку во целиот свет.

Каква е посетеноста на локалитетот при вообичаените услови за работа, без дополнителни настани?

– За да добиете поголема посетеност на локалитетот, а со тоа и поголема непосредност до публиката треба да ја анимирате јавноста. Археологијата и конзервацијата во секторот заштита е стручна и во рамки на науката. Ако го правите само тоа, тогаш ќе ја имате само стручната фела која ги разработува аспектите на областа и нивните контексти. Без презентација како крајна цел имате простор за делување само во областа и кај посветените стручни лица. За посетеност на локалитетот има многу други аспекти и токму тие се моја цел. За жал, во овие две години, во време на кризата со ковид-19, како и секаде, се јавува проблем со посетеност, за разлика од годината пред кризата кога имаше дваесет и неколку илјади посетители. Стоби е златната белегзија на нашата држава и тоа треба да се споделува. Ме радува поддршката и разбирањето од државата и сметам дека нема пречки да продолжи дури и посилно, а со тоа стабилно да чекориме кон семејството на УНЕСКО.

Сите институции од областа на културата треба да делуваат синергично и со заедничка цел, а тоа е пласирање високи културни вредности

Минатата година промовиравте и апликација за виртуелна посета и следење гладијаторски борби во античкото Стоби. Какви се плановите околу користењето на модерните технологии во ширење на можностите за презентација на локалитетот?

– Покрај виртуелната реалност во театарот во Стоби, која веќе е во употреба, се трудиме да ги вклучиме модерните технологии во презентација на културното наследство, кои се широко распространети. Можностите што ги нудат овие технологии се големи, а во НУ Стоби се трудиме да ги следиме трендовите на презентација. Минатата година добивме грант од Европската комисија, во рамки на Проектот за соработка и дисеминација преку имерзивно раскажување на културното наследство во Западен Балкан, со вкупна сума од 41.071 евра. Годинава почнавме да работиме со динамика за целосна реализација заклучно со 31 декември 2022. Во моментов, во рамките на кооперативниот проект „Имерсиум“ се работи на изработка на ново искуство со употреба на аугментативна реалност. Резултатот од проектот ќе биде ставен во употреба на почетокот на 2023 година.

Какви активности имате во однос на вашата основна дејност за истражување, реставрација, заштита и конзервација на наодите на локалитетот?

– Годишната програма за финансирање на локалитетот од страна на Министерството за култура е доволен показател за интересот и поддршката на Стоби. Јас работам заедно со тимот на Стоби, а сѐ со цел да се обезбеди континуитет и релевантни резултати во областа. Од вкупно седумнаесет проекти кои се финансираат од Министерството за култура како капитални би ги издвоил: археолошки доистражувања и конзервација во театарот во Стоби, истражувањата и конзервацијата на југозападниот бедем со старата римска порта, потоа истражувањата и конзервација на делови од полукружниот плоштад. Секако, откривањето на мозаикот кој е во склоп на градбата со арки и самата градба со арки, која има многу податни информации за римското живеење на градот. Тука е и конзервацијата на движното културно наследство, со што целосно го затвораме процесот на заштитата. Недостасува презентацијата затоа што во Стоби нема музеј, но скоро потпишавме договор во рамки на ИПА-програмата за меѓугранична соработка со Килкис од Република Грција и со тоа ги правиме првите чекори во таа насока.

Стоби е најголемиот и најистражуваниот локалитет во нашата држава. Колку тие факти се предизвик за раководење, но и за понатамошни истражувања на Стоби?

– Точно е дека Стоби е најголемиот и најистражуваниот локалитет во државава. Со Годишната програма за финансирање на Стоби, истражувањата продолжуваат во нагорна линија. Стоби има стопроцентна реализација на Програмата благодарение на тимот што работи во Стоби и тоа треба да се поддржи во секоја насока, без оглед колку години се потребни во иднина за истражување и конзервација. Има простор за да продолжат истражувањата и конзервацијата. Ќе спомнам само еден, а тоа е фактот дека градот продолжувал од другата страна на реката Вардар (Аксиос), простор што припаѓа на денешниот воен полигон Криволак. Неколкугодишните рекогносцирања го утврдија овој факт, а државата, односно институциите, полека помагаат да бидат преземени сите чекори за овој простор да биде ставен под заштита.

Раководењето на Стоби ми претставува исклучително задоволство, но и напор, бидејќи е голем делокругот на дејствување. Благодарение на тимот во институцијата сум оптимист за идната работа. Како круна на нашата работа, би сакал да најавам дека на 30-ти овој месец, во 12 часот, ќе имаме официјална презентација на Генералниот план за заштита на локалитетот поддржан од американскиот „Фонд Џ.М. Каплан“ со грант од 100.000 долари. Овој план треба да ги утврди насоките на делување во Стоби.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 98, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот