Интервју со Сашо Татарчевски: Хорот е огледало на диригентот

Диригентот Сашо Татарчевски од 2004 година е раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и заедно постигнуваат фантастичен успех во хорската музика, а тоа е само дел од 50-годишниот развој на најнаградуваниот македонски хор.

Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар во Скопје, од своето формирање во 1972 година до денес, всушност, претставува една од најпрепознатливите карактеристики во 50-годишното опстојување на МКЦ. Изведувајќи огромен и разновиден репертоар, ансамблот покажа дека и пејачи аматери можат да постигнат врвни професионални резултати и да освојат многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали.

Диригентот Сашо Татарчевски работи како професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ – Скопје, уметнички раководител е на професионалниот хор „Про арс“, настапувал со повеќе различни ансамбли кај нас и во светот, а свој белег дава и како раководител на Женскиот младински хор при МКЦ.

Имајќи ја предвид неговата 18-годишна „хемија“ со Женскиот младински хор, во разговор со Татарчевски откриваме фрагменти од историјата на хорот, но и детали од активностите во јубилејната година.

Женскиот младински хор при МКЦ годинава слави голем јубилеј – 50 години постоење. Какви се плановите за прослава на јубилејот?

– Овој јубилеј претставува многу повеќе од само 50 години постоење. Овој јубилеј означува половина век успешна приказна, половина век едукација на стотици млади девојки, половина век континуирана работа и достојна презентација на македонската култура низ светот, половина век поттикнување и негување на македонското хорско творештво. Оваа заокружена бројка означува и неброени часови напорна работа, откажувања, лични влогови, бескраен ентузијазам, борба со ветерници, цврсто чекорење наспроти ветрот и безброј разочарувања од незнаењето и невниманието од страна на оние кои се платени да водат сметка за развојот на културата во нашата земја, но, исто така, и безброј радости од постигнатите резултати и статусот на врвен женски ансамбл што го уживаме во меѓународната хорска заедница.

Јубилејот означува половина век успешна приказна, едукација на стотици млади девојки, континуирана работа и достојна презентација на македонската култура низ светот

Имајќи го предвид сето ова, годинава се потрудивме овој голем јубилеј да го прославиме на ниво што прилега на резултатите и значењето на овој културен бренд, а тоа подразбира учество на настани на највисоко ниво и соработка со ансамбли достојни на квалитетот на Женскиот младински хор (ЖМХ). Планот се остварува според зацртаната динамика и зад нас се веќе четири настани од меѓународен карактер, а до крајот на годината ќе учествуваме уште на два.

На меѓународниот хорски форум во Струга ја имавме честа заедно да работиме и настапуваме со хорот на момчиња од националната опера на Естонија, еден од светски познатите вакви ансамбли, кој го слави истиот јубилеј како и ние, 50 години од формирањето.

Во Нови Сад, град престолнина на културата на Европа за 2022 година, соработувавме со хорови од Белгија, Шпанија и Србија, а со нетрпение го очекуваме и нашето гостување на најквалитетниот хорски настан што се организира годинава во светот, интернационалниот хорски фестивал во Њиреѓхаза, Унгарија. Таму ќе ја имаме честа заедно да прославиме со неколку од најдобрите светски хорски ансамбли што доаѓаат од САД, Унгарија, Шпанија, Естонија, Италија, Турција и други земји.

Женскиот младински хор при МКЦ неодамна настапи во Нови Сад, кој оваа година е Европска престолнина на културата

Неодамна се вративте од настап во Нови Сад, кој годинава е Европска престолнина на културата. На чија покана бевте таму и со какви чувства се вративте дома?

– Во Нови Сад учествувавме на фестивалот „Распеани мостови“, кој е дел од програмата на манифестацијата „Нови Сад – Европска престолнина на културата 2022“, на покана и инсистирање на организаторите. Секако и со нивна финансиска поддршка. Фестивалот беше со навистина набиена агенда и понуди интензивна соработка и интеракција со сите други учесници. Со хорот учествувавме на два таканаречени „Open singing“ настапи, одржавме целовечерен концерт во синагогата и заедно со членови на уште три хора ја изведовме композицијата „A little jazz mass“ од Боб Чилкот.

Освен тоа јас одржав и една работилница за учесниците на фестивалот. Сето ова во рамките на три дена. И покрај ваквата динамика на работа, од таму се вративме со извонредни впечатоци и чувство на огромна почит и уваженост што ги добивме од публиката, останатите хорови и колегите диригенти после нашите настапи. Солзите кај дел од публиката по пеењето на некои од композициите и овациите по завршувањето на нашиот целовечерен концерт ќе ни останат врежани во меморијата како едно прекрасно искуство.

Практично, колку настапи годишно има ЖМХ?

– Бројот на настапи варира во зависност од условите во дадена година, но битно е да се знае дека ЖМХ функционира 10 месеци во годината и има најмногу активности од било кој друг хорски ансамбл кај нас. Секако, квалитетот на тие настапи е поважен од квантитетот. Тој квалитет не се однесува само на нивото на изведба, кое се подразбира, туку и на осмисленоста и издржаноста на програмата и начинот на презентација.

Што во суштина значи да се има хор – колку гласови, вокали и солисти има еден стандарден хор, а колку членови брои ЖМХ при МКЦ?

– Постојат различни вокални формации што може да се сметаат за хорови. Во зависност од бројноста може да се водат како камерни, стандардни или големи хорски состави. Според возраста може да бидат детски, младински или возрасни, а според составот може да се еднородни или мешани. Секако, може да се направи поделба и според начинот на функционирање, односно дали хорот има статус на аматерски или професионален ансамбл. Хорот може, но и не мора да има солисти. Што се однесува до ЖМХ, бројот на хористки во моментов е 30, а настапуваме во различни формации според потребите на програмата и според можностите при реализацијата на турнеите.

Кои се факторите на успехот на еден хор?

– Многу „коцки“ треба да се поклопат за еден хорски ансамбл да биде успешен. Главен „кривец“ за успешноста е, секако, раководителот односно диригентот. Хорот е огледало на диригентот и тоа што публиката го гледа и слуша е, всушност, рефлексија на личноста и професионалниот профил на раководителот. Но, тоа е само еден од факторите. Потребни се и мотивирани и посветени хорист(к)и, напорна работа, логистичка и финансиска поддршка, како и соодветни услови за работа.

Како и за секоја групна активност, потребна е и „хемија“ помеѓу раководителот и членовите на ансамблот, како и помеѓу самите нив. Најуспешните ансамбли се цврсто сплотени групи на луѓе што имаат извонредна меѓусебна соработка и во рамки на ансамблот и во приватниот живот. Со задоволство можам да потврдам дека ЖМХ е таков ансамбл.

Како и за секоја групна активност, потребна е „хемија“ помеѓу раководителот и членовите на ансамблот, како и помеѓу самите нив

Каков и колкав репертоар изведува хорот и од што зависи репертоарот?

– Репертоарот на ЖМХ е многу богат и разновиден. Македонското хорско творештво отсекогаш било во преден план, без разлика на тоа кој бил раководител во даден момент. Но, јас не се задржувам само на тоа и водам сметка сите хорски стилови и жанрови да бидат доволно застапени во годишниот репертоар на хорот. Дијапазонот на музика што ја изведуваме е огромен и опфаќа акапела хорски композиции од сите музички епохи на класичната музика, духовна музика, фолклорни обработки, џез и поп аранжмани, обработка на филмска музика итн. Освен акапела, често на репертоарот ставам и вокално-инструментални дела, кои ги изведуваме во соработка со разни инструментални формации.

Репертоарот на хорот е огромен и опфаќа акапела хорски композиции од сите музички епохи на класичната музика, духовна музика, фолклорни обработки, џез и поп аранжмани, обработка на филмска музика

Колку време Вие сте раководител на ЖМХ и кои биле Ваши претходници во долгата историја на хорот?

– Женскиот младински хор е формиран во 1972 година од професорот Драган Шуплевски. По неколку години за свој асистент Шуплевски го ангажирал тогаш младиот Запро Запров, кој постепено ја презема работата со хорот и успешно го раководи повеќе од дваесет години. Основачот на хорот, проф. Шуплевски, повторно го презема раководењето со хорот на почетокот на новиот милениум, а по неговата смрт хорот го раководи неговата асистентка Емилија Лале.

Сакам да нагласам дека сите овие диригенти вложиле многу труд и дале огромен придонес за развојот на хорот и во неговото етаблирање како еден од најуспешните ансамбли кај нас. По емигрирањето во странство на колешката Емилија Лале, од тогашното раководство на МКЦ бев замолен да го подготвам и да го раководам хорот на веќе закажана турнеја во Швајцарија. Иако соработката се случи ненадејно, успешноста на турнејата ме натера да размислам за понудата постојано да работам со ЖМХ и од 2004 година до денес тоа го правам со многу љубов и ентузијазам.

Една од најзначајните карактеристики на ЖМХ е што има освоено многу први места на многубројни меѓународни натпревари. Што значат тие награди за хорот и како се примени кај македонската јавност?

– Најпрво би сакал да нагласам дека музиката не е спорт и не многу радо учествувам на музички натпревари. Но, од друга страна, сум сфатил дека таквите настани се многу корисни од педагошки аспект и од аспект на брз напредок во квалитетот на ансамблите. Имено, компетитивниот дух што е присутен кај најголемиот број млади луѓе ги тера максимално да се ангажираат во подготовките за натпреварите и да се надминат себеси, со тоа давајќи можност на диригентот да ја подигне летвичката на квалитет, која во иднина мора да ја „прескокне“ секој член на ансамблот.

Женскиот младински хор при МКЦ е најнаградуван ансамбл кај нас и е „одговорен“ за подигнувањето на државното знаме на највисокиот пиедестал на многу интернационални настани. Преголем би бил списокот на освоени први, специјални и Гран при награди за да го ставиме во ова интервју. Секако дека секој успех ни значи многу, бидејќи претставува потврда за добрата и напорна работа потребна да се остварат таквите успеси, а тоа претставува и меѓународна промоција на нашата земја и култура.

Парадоксално делува фактот што поддршката од Министерството за култура секоја година се намалува правопропорционално со зголемувањето на успесите на хорот

За жал, чувството дека тие наши успеси не се доволно видливи во македонската јавност нѐ следи долги години. Уште попарадоксално делува фактот што поддршката од Министерството за култура секоја година се намалува правопропорционално со зголемувањето на нашите успеси, а истовремено несразмерно повеќе средства се доделуваат на ансамбли што не се ни приближно на нивото на квалитет и достигнувања на ЖМХ, а ниту, пак, редовно работат и придонесуваат за развојот на хорската уметност во државата.

Сепак, среќна околност за континуираната успешна промоција на македонската култура во странство претставува тоа што странските организатори на значајни културни настани во нивните земји се многу посвесни за квалитетот со кој ЖМХ може да ги збогати нивните настани, па поради тоа и го финансираат, делумно или целосно, нашето учество на овие важни настани.

Планирате ли централен настан за одбележување на јубилејот?

– Како што кажав и претходно, се потрудивме јубилејната година да ја одбележиме со настапи на исклучително квалитетни настани кај нас и во странство и во соработка со извонредни хорски ансамбли. Тоа ќе го правиме сѐ до крајот на 2022 година, а ќе заокружиме со концерт во Скопје на кој ќе бидат поканети луѓе што се вткајале во 50-годишното успешно растење на хорот. Ве покануваме и вас и сите ваши читатели да ја следите веб-страницата на МКЦ, каде ќе ги поставиме сите информации во врска со нашите активности до крајот на 2022 година, вклучително и завршниот концерт.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 140, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот