Интервју со Роберт Насков: Функцијата продуцент бара нови квалитети и стандарди

Успехот на „Северен пол“ е доказ дека со чесна и посветена работа може да се постигне и наизглед невозможното

На третото издание на фестивалот „Ѕирни“ во „Котур – филм и кафе“ минатиот викенд во една вечер беа прикажани двете најнови продукции на „Кино око“ – кратките филмови „Северен пол“ на Марија Апчевска и „Проблемот на Тина“ на Радован Петровиќ, а продуцент и на двата филма е Роберт Насков.

Филмскиот продуцент Роберт Насков има силна причина за радост и за гордост. Дури и во пандемиски услови успеа да продуцира филм што стана првиот македонски претставник во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал. Учеството на краткиот филм „Северен пол“ по сценарио и режија на Марија Апчевска во силната канска компетиција отвори можност филмот да биде поканет за учество и на други светски филмски фестивали.

Креативен предизвик за продукцијата „Кино око“ минатата година беше снимањето на телевизиската серија „Зоки Поки“. Откако ги привлече симпатиите на македонската телевизиска јавност, серијата успеа да се наметне и на скандинавскиот аудиториум.

Меѓу најновите продукции на „Кино око“ е и краткиот филм „Проблемот на Тина“, снимен по сценарио на Румена Бужаровска во режија на Радован Петровиќ. Филмот имаше македонска премиера, а минатиот викенд беше прикажан на третото издание на фестивалот „Ѕирни“ во „Котур – филм и кафе“.

Кога станува збор за краткометражни филмови еден од системските недостатоци кај нас е што по премиерното прикажување и учеството на филмски фестивали се исцрпуваат можностите за продолжен живот на остварувањата. Токму со тој момент го почнавме разговорот со Роберт Насков, и тоа во период кога неговата филмска продукција „Кино око“ бележи 20 години од основањето.

Вашата работа е да продуцирате филмови, но што недостига тие остварувања да стигнат до пошироката јавност, освен што ќе имаат премиера и ќе бидат прикажани на два-три фестивали низ државата?

– Филмот е како и секој друг продукт што треба да стигне до потрошувачите, во случајов гледачите. Промоцијата на македонските филмови треба да биде дел од стратегијата на нашата кинематографија, која, за жал, не постои. Се потрошија големи суми за изработка на стратегии што завршија во фиока. На овој начин промоцијата е оставена на продуцентите, од кои голем дел се задоволуваат со прикажување на филмовите само за да ги задоволат критериумите на Агенцијата за филм. Филмовите се финансираат од буџетски средства и мора да има поголема одговорност кон промовирањето на филмските проекти.

Со „Северен пол“ на Марија Апчевска, сепак, стигнавте на многу фестивали, но низ светот. Практично, што значеше изборот во официјалната селекција на Кан за зголемување на интересот на светските филмски фестивали за филмот?

– Учеството во официјалната конкуренција на Канскиот фестивал е потврда за квалитетот на филмот. Кога сте дел од Кан, голем е интересот кај другите фестивали да бидете дел и од нивните селекции. Слатки маки се да одлучите каде ќе пратите копија од филмот.

Многумина беа изненадени од фактот што тоа беше првиот македонски филм во официјалната конкуренција на Кан. Како Вие како продуцент ја доживеавте таквата можност и какви искуства стекнавте со годинашното учество, имајќи предвид дека не е првпат да присуствувате во Кан?

– Успехот на „Северен пол“ е доказ дека со чесна и посветена работа може да се постигне и наизглед невозможното. Мора да верувате во себе и во тоа што го работите. Неверојатно е чувството што го имате кога сте од другата страна на најважниот фестивал во светот. Убаво е кога го добивате вниманието на колегите, кога сте еднакви со сите, кога не е важно од каде доаѓате, кога ве прифаќаат и ве почитуваат според делото што сте го направиле. Овој успех треба да се искористи, бидејќи отвора врати за следните проекти и успеси на македонските филмови.

Од друга страна, колку сте задоволни од начинот на кој информацијата за учеството во Кан беше пласирана кај домашната јавност?

– Постојано повторувам дека успесите во културата не се третирани соодветно во јавноста и од страна на политичарите и дека повеќе внимание се посветува на спортските успеси. Истото се случи и со овој историски успех на македонската кинематографија. Македонскиот филм и култура треба да добијат поголема поддршка, бидејќи докажавме дека имаме автори и креативен потенцијал рамноправно да се натпреваруваме со колегите од целиот свет.

ТВ-проект „Зоки Поки“ – Направивме серија што има универзални вредности кои функционираат насекаде

Во портфолиото на „Кино око“ се впишани голем број филмски и ТВ проекти. Минатата година беше особено успешна со серијата за деца „Зоки Поки“, која покрај македонската јавност можеа да ја видат и во цела Скандинавија. Каков продукциски и дистрибутерски предизвик беше тоа?

– Прекрасно е да се работи со деца и за деца. Екранизирањето на најпознатата детска книга со која израснале голем број генерации беше огромен продукциски и креативен предизвик. Направивме серија која има универзални вредности што функционираат насекаде. Верував дека серијата има високи продукциски и образовни вредности и дека може да биде прикажана на сите територии. Исклучително сум среќен што најдов вистински дистрибутер што веруваше во серијата и кој ја пласираше на територија со најдобар образовен систем во светот и на која до сега не се прикажувала македонска ТВ-програма.

Годинава „Кино око“ одбележува јубилеј 20 години од основањето. Можно ли е во кратки црти да се каже што содржи багажот на оваа филмска продукција?

– Горд сум на реномето што го изгради „Кино око“ во изминатите 20 години и што израсна во една од најреспектираните продукциски куќи во регионот. Зад „Кино око“ се голем број успешни филмски и ТВ проекти со најголема гледаност во Македонија, проекти што успешно се прикажувале на фестивали и ја промовирале македонската кинематографија насекаде во светот. На овие проекти учествувале голем број македонски и светски познати актери, автори и филмски професионалци. Пресреќен сум на фактот што „Кино око“ ќе биде запишана во историјата како прва македонска продуцентска куќа, која учествувала во официјална конкуренција на најпрестижниот фестивал во светот и чија програма се прикажувала во сите скандинавски земји.

Горд сум на реномето што го изгради „Кино око“ во изминатите 20 години и што израсна во една од најреспектираните продукциски куќи во регионот

Дипломиравте продукција на ФДУ и целиот живот се занимавате со продуцирање филмови. Од личното искуство можете ли да направите споредба во работата во филмската дејност од вашите почетоци и сега?

– Филмската дејност е во голема мера променета во начинот на финансирање и продуцирање на проектите. Самата улога на продуцентот е поинаква. Функцијата продуцент бара нови квалитети и стандарди. Мора да сте образован, креативен, информиран и да имате широки познавања од различни области. За жал, кај нас на овие критериуми не се посветува доволно внимание.

На што се должи таканаречениот „нов бран“ во македонската филмска продукција?

– Фактите говорат дека во последните години македонските филмови се присутни на најголемите светски филмски фестивали и манифестации. Овој успех се должи на една генерација филмаџии кои филмски поинаку размислуваат и кои го поминале процесот на создавање на филмското дело преку разни работилници и семинари. Темите со кои тие се занимаваат се актуелни и ги засегаат луѓето насекаде во светот. Се радувам на новиот пристап на македонските автори. Но, доколку овој „нов бран“ не биде поддржан на соодветен начин, брзо ќе биде заборавен.

На кои следни проекти во овој период работи „Кино око“?

– Следната пролет ќе се одвива продукцијата на филмот „Вечерен акт“ на Васил Христов, а се надевам дека следното лето ќе можеме да ја израдуваме македонската публика со нова сезона од серијата „Зоки Поки“.

Северен пол: Потрага по местото на припадност

По светската премиера во Официјалната селекција на најпрестижниот светски филмски фестивал во Кан, филмот „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска имаше регионална премиера во Сараево, италијанска премиера на фестивалот „Конкорто“ во Пјаченца, македонска премиера на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, скопска премиера во МКЦ Парк, проекција на „Ѕирни“, исто во Скопје, а најавени се уште 17 проекции и учества на други реномирани фестивали.

Филмот носи приказна за 16-годишна девојка, која се обидува да пронајде каде припаѓа. Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, костимограф е Билјана Гргур, сценографијата е на Кирил Спасески, монтажер е Драган Вон Петровиќ, шминката на Горан Игњатовски, дизајнот на тон на Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг директор е Киријана А. Николоска.

Продуцент на филмот е Роберт Насков. Филмот е во продукција на „Кино око“ во копродукција со „Сервиа филм“ и „Форгрејд“ од Србија и „Тиволи продукција“ од Унгарија. Финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и Српскиот филмски центар.

Проблемот на Тина: Изгубена невиност

Македонската и светска премиера на краткометражниот филм „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ се одржа кон крајот на јуни во МКЦ Парк. Филмот е снимен по сценарио на Румена Бужаровска, а во продукција на „Партизанс“. Станува збор за адаптиран расказ, кој раскажува за 22-годишната Тина, која откако ја губи невиноста, оди на првиот гинеколошки преглед.

Во филмот играат Душица Настова, Жаклина Стефковска, Јордан Симонов, Тамара Ристоска, Емилија Мицевска-Трајковиќ. Продуцент на филмот е Роберт Насков, директор на фотографија е Андреј Лембанов, сценограф Илина Ангеловска, костимограф Жаклина Крстевска, шминкер Ирена Сенокозлиоска, дизајн на тон Ненад Стефаноски и Драган Спасов, а монтажери се Радован Петровиќ и Вардан Тозија. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Северна Македонија.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 101, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот