Интервју со Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска за учеството на Венециското биенале: Потсвесно човек секогаш се надева на убави работи

Уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска веќе неколку денови работат на финалниот изглед на проектот „Landscape Experience“ во македонскиот павилјон сместен во „Скуола деи ланери“ во Венеција, а официјалното отворање е закажано за 22 април.

Мултимедијалниот проект „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, како македонски претставник на 59. Уметничко биенале во Венеција, пред светската јавност ќе ја претстави „естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, витално-отровно.

На критичко-дискурзивен начин авторите укажуваат на опасностите што демнат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на Антропоценот, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски), во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите.

Во поширока смисла проектот може да се прочита како осуда на насилството врз човекот и природата. Еколошките катастрофи, кои за разлика од војните каде што се случува моментално уништување, бавно и тивко ги уништуваат живите организми. Проектот го проблематизира човекот и неговата еколошка свест и човекот и нeговата политичка свесност. Проблематизирајќи ги овие теми заедничкото дело на Јанкулоски и Мотеска загребува и навлегува длабоко во смислата на човековото постоење и човековата одговорност во сегашноста и пред иднината.

Како автори на уметнички дела Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска досега имале многубројни самостојни и групни претставувања, но во овој случај своите индивидуални дела ги здружија во едно комплексно заедничко дело. А како што со заедничко дело се претставуваат во Венеција, заеднички одговорија и на прашањата од „Културен печат“.

Веќе пристигнавте во Венеција и во македонскиот павилјон го поставувате уметничкиот проект. Какви се условите и колку работа има до финалниот изглед на проектот што ќе биде претставен на 22 април?

Роберт: Се гледа крајот. Работиме со професионална екипа од Италија, градежните работи се одвиваат според планот и за ден-два сѐ ќе биде готово.

Моника: Од самиот почеток имаме прекрасна екипа која зрачи со позитивна енергија. Луѓето задолжени за визуелните промени на изложбениот простор се исклучителни, полни со разбирање и трпение. Нè сослушуваат и ги исполнуваат нашите деликатни барања. Се надевам дека ќе оствариме сѐ што сме планирале и нема да ја разочараме „венециската“ публика.

Националната галерија ги вложи сите напори проектот да блесне во најубаво светло. Како течеше досегашната соработка со комесарот Дита Старова Ќерими и кураторите Ана Франговска и Сања Којиќ-Младенов на македонскиот павилјон?

Роберт: Соработката со тимот на Националната галерија, а особено со директорката Старова Ќерими, која е и комесар на македонскиот павилјон, од самиот почеток е одлична. И со двете кураторки имаме соработувано на претходни проекти, така што професионално добро се познаваме. Постојано се консултираме околу изведбата на проектот, особено кога јас и Моника меѓусебно не се согласуваме за некое решение.

Моника: Кога зборував за позитивната енергија и прекрасната екипа, пред сѐ, мислев на комесарот Дита Старова Ќерими и кураторките Ана и Сања. Кога ќе погледнам наназад, мислам дека не можевме да имаме подобар тим од овој. Дита е полна со разбирање, ефикасна и свесна за тоа како да се изменаџира маркетиншки и продукциски еден ваков обемен проект. Ана и Сања, две креативни личности што на различен начин придонесуваат за оваа изложба. Во постојана комуникација сме со двете, се консултираме за секоја наша недоумица. Напишаа многу издржани текстови за проектот и навлегоа во неговата онтологија. И двете се со претходно венециско искуство, биле кураторки, Ана на македонскиот, а Сања на српскиот павилјон.

Претставувањето на уметничкото Биенале во Венеција е најзначајниот ликовен настан во текот на оваа година. Што лично ви значи фактот што ја претставувате нашата држава на Биеналето?

Роберт: Секое претставување надвор од границите на Македонија е гордост и одговорност за еден уметник. Но, Венециското биенале е нешто посебно, барем јас така го доживувам затоа што е најстарото и најпознатото биенале во светот. Да бидете дел од „венециската“ атмосфера е нешто прекрасно, но да бидете дел од тие што ја креираат е навистина посебно доживување.

Моника: Во неколку наврати сум била посетител на Биеналето. Кога ќе ја почувствуваш неговата вибрација посакуваш и ти да си дел од него. Со часови ги разгледував делата на уметниците, се насладував, но и критикував. Сега јас сум таа којашто е изложена на овие предизвици.

Комплексниот проект „Landscape Experience“ е создаден со заедничко авторство, иако двајцата имате различен уметнички ракурс. На кој начин стигнавте до заедничкото преку различноста?

Роберт: Претходно неколкупати сме изложувале заедно, но секогаш се знаело кое дело чие е. Ова е првпат целиот проект да го потпишеме двајцата. Иако и овде покрај заедничките постојат и „мои“ и „нејзини“ работи. Но и во нив има дел од едниот или од другиот, од прочистување на идејата, па сѐ до некое решение околу поставката или техничката реализација на делото.

Моника: Различен ракопис. Различен можеби заради различните медиуми што ги користиме, но ние сме визуелно, естетски, концепциски со многу слично размислување. Како уметници, слободно можам да кажам дека заедно растевме, созревавме, се формиравме, учевме на заедничките грешки. Во целиот наш заеднички живот ние се поддржуваме и свесно или не, влијаеме еден на друг. Познавачите на нашите дела можат да препознаат кој е мојот, а кој ракописот на Роберт. Се радувам што сме потпишани под ист проект затоа што сметам дека ова дело треба да се чита како една целина. Елементи од еден дел се преплетуваат во друг.

Во ова антропоцентрично време, кога човекот е главен фактор за сѐ што се случува на земјата, тој не се однесува совесно и свесно

Какви насоки однапред ви даде главната тема на 59. Биенале во Венеција со наслов „Млеко од соништата“ во креацијата на проектот?

Роберт: Покрај темата „Млеко од соништата“ кураторката Сесилија Алемани даде и некакви објаснувања што подразбира под овој наслов што го позајмила од книгата на Леонора Карингтон и што очекува од уметниците. Она што го искористивме како насока од темата беше изборот на наши дела или наши нереализирани идеи да ги поврземе во една целина и да ги претвориме во готов проект. Многу од насоките за кои зборува Алемани и претходно сме ги третирале во нашите дела, на пример изложбите на Моника со наслов „Мутанти“ (2017) и „Везење во камен“ (2020) или мојата изложба „Нови пејзажи – архив на реалноста“ (2020), како и мојата серија фотографии „Ранети пејзажи“ што ја работам од 2015 година наваму. Така што нашиот проект не претставува само илустрација на темата, туку се надевам дека успеавме да поставиме некои прашања во врска со темата, а можеби да дадеме и некој одговор.

Моника: „Млеко од соништата“ можеби е малку „утописки“ наслов, но за да „протече“ тоа млеко, треба ние да се позанимаваме подлабоко со нашите проблеми на глобално ниво. Во ова антропоцентрично време, кога човекот е главен фактор за сѐ што се случува на земјата, тој не се однесува совесно и свесно. Токму овој проект зборува за горливи теми што ја тиштат Планетата и човештвото, а нашето однесување е бескрајно лицемерно. Проектот зборува за апсурдот на војната, опасноста од загадување, од „отровната убавина“ на пејзажот. Зборува за нашите доживувања на земјата, но и како земјата не доживува нас.

Колку нивоа, или слоеви содржи проектот „Landscape Experience“ и која е главната порака што ја пренесува?

Роберт: Проектот „Landscape Experience“ е составен од три целини. Видеопроекции, подна инсталација и фотографии. Во секој дел се содржат елементи од другиот со што идејата се надополнува и се надградува. Накратко, пораката што ја носи делото е тоа дека човекот е тој што се уништува самиот себеси, а со тоа ја уништува и самата планета Земја. Но, исто така човекот е тој што може да ја спаси планетата и да го спаси човештвото. Вака кажано, можеби, звучи банално, но кога ова ќе се „прочита“ визуелно изгледа сосема поинаку.

Моника: Станува збор за мултимедијален проект составен од различни ентитети, меѓусебно поврзани и слоевити. Содржи шест големоформатни фотографии, видеоинсталација (видеопроекција и редимејд објекти што со интервенција го губат значењето на готов производ и добиваат сосема различно читање) и видеопроекција што ги поврзува двете претходни дела. Проектот зборува за раните на човекот и отворените рани на земјата (пејзажот).

Проектот „Landscape Experience“ е составен од три целини: видеопроекции, подна инсталација и фотографии

Каков интерес има кај меѓународната ликовна јавност за проектот, имајќи предвид дека веќе имавте интервјуа за познати ликовни списанија?

Роберт: Пријатно сме изненадени од интересот за нашиот проект, пред сѐ, кај нашите колеги во Македонија, а и кај колегите и некои куратори во Европа. Постојано ни пристигнуваат пораки со што нѐ охрабруваат. Многу од нив ни најавуваат свое присуство на отворањето, а некои и напишале „Вие сте причина повеќе да дојдеме во Венеција“. Сето ова е многу убаво, но истовремено и голема одговорност. Затоа што стручната јавност ги гледа сите аспекти на делото. А, за време на Биеналето уметничките критериуми се подигнати на највисоко ниво.

Моника: Потсвесно човек секогаш се надева на убави работи, но кога ќе се случи да ве објават во италијански медиуми се наоѓаш затекнат, се зголемува одговорноста, а со тоа расте и тензијата. Пред сѐ, би сакала да ѝ се заблагодарам на македонската новинарска фела за големиот интерес околу овој проект и огромната поддршка што ни ја дадовте. Не би знаела како ќе течат работите понатаму, но сум пријатно изненадена и од моите пријатели уметници, кои несебично не поддржаа.

Да се биде дел од „венециската“ атмосфера е нешто прекрасно, но да бидете дел од тие што ја креираат е навистина посебно доживување

Покрај остварувањето на „венецискиот сон“, односно да бидете македонски претставници во Венеција, имате ли и некои лични очекувања од Биеналето?

Роберт: Се трудиме да бидеме реални, без големи очекувања затоа што на оваа манифестација изложуваат уметнички светски ѕвезди со големи екипи и огромни буџети зад нив. Јас лично очекувам дека ќе добиеме некои покани за нови изложби или благодарение на ова претставување некои наши дела да бидат дел од меѓународни изложби во иднина.

Моника: Сон на секој уметник е да учествува на Венециското биенале. Јас, некако не размислував и ми беше далечна помислата за учество, но кога се случи да бидеме предложени и избрани, тогаш сатисфакцијата за целиот претходен труд и работа е огромна. Во оваа изложба се дадов себеси, исто како и во сите претходни, а најмногу очекувам да сум задоволна од нашето претставување. Тој момент најмногу ме исполнува. Да се натпреваруваш со светски ѕвезди, но да ја претставиш сопствената земјата достојно е возможно.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 125, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот