ИНТЕРВЈУ со Рејчел Галовеј: Поткопувањето на Преспа не помага

Какво и да е мнозинството што ќе се обезбеди за законот за Јавно обвинителство, со ВМРО-ДПМНЕ или со независните пратеници, за амбасадорката Галовеј е прифатливо, бидејќи должност на Владата е да го донесе овој важен закон.

Да се случеше скандалот „Рекет“ пред неколку години, во време на претходната власт, сигурно немаше да биде гонет од институциите, и тоа е позитивното, а тоа е разликата во однос на сегашниот политички амбиент во земјава, вели за „Слободен печат“ амбасадорката на Обединетото Кралство во Македонија, Рејчел Галовеј.

– Аферата „Рекет“ беше неверојатно разочарувачка за граѓаните, тие беа многу вознемирени бидејќи токму личноста што беше ангажирана да обезбеди напредок ги изневери. Но, од друга страна, судскиот процес почна да се справува со тоа, нешто што пред четири-пет години не ќе беше случај. Така што, јасното покажување каде е прогресот и каде треба да се надгради, мислам дека е следниот чекор.

Како гледате на функционирањето на техничката влада? Вчера беше побарано техничката министерка за труд и социјала Рахела Мизрахи да биде тргната од функцијата бидејќи одбива да го користи новото име на државата?

– Мислам дека ваквото однесување не е корисно. Техничката влада е избрана за да обезбеди фер и слободни избори. Исто така, постои и прашањето за добро владеење во земјата и на тоа треба да бидат фокусирани сите министри во Владата. Многу е штетно за политичките партии да ја поткопуваат Преспа во овој момент. Договорот е постигнат, уставните амандмани се донесени, земјата е решена да го имплементира и да оди напред. Затоа, ова е многу некорисен преседан и ќе биде тешко ако изборните резултати доведат до тоа различна партија да дојде на власт. Тогаш тие ќе мора да направат многу повеќе за да ги убедат соседите дека се, всушност, решени да го почитуваат Договорот.

Новиот закон за Јавно обвинителство е пред гласање, а последните информации се дека може да биде усвоен со помош на независните пратеници и без тие од ВМРО-ДПМНЕ. Добро ли е тоа?

– Законот сам по себе е важен. Тој треба да осигури функционирање на институциите што се неопходни за да се испорача владеење на правото. Затоа, законот треба да биде усвоен. Ќе биде подобро ако сите реформи бидат донесени со консензус во парламентот. Тоа ќе покаже дека сите партии се решени да им испорачаат реформи на граѓаните. Но, кога тоа не е можно, мислам дека должност на Владата е да продолжи со работата сè додека законот не помине. Мислам дека е прифатливо, ако има мнозинство, законот да се донесе. Тоа е легитимно.

Ако направите паралела, дали нивото на корупција сега е исто како за време на претходната влада, како што обвинува опозицијата?

– Не, сега постојат послободни медиуми, кои известуваат што се случува, што е позитивно. Мислам дека не можете да смените повеќегодишна заробена држава одеднаш. Луѓето направија грешки и корупцијата продолжува, но таа е адресирана. Само именувањето на Антикорупциската комисија и начинот на кој се избраа членовите е позитивен чекор. Таа сега има огромна задача пред себе. Останува и фактот дека со корупцијата треба да се справувате на секое ниво, па така и на општинско, и тоа ќе биде следниот чекор во одењето напред. Гледам напредок тука, но тоа не е сè што треба да се прави долгорочно.

Како ја коментирате новата методологија за проширување? Мислите ли дека ќе биде потешко да се стане членка на Унијата со неа и вреди ли да се обидуваме сега со овие правила?

– Новата методологија само што беше објавена и немавме многу време да ја изанализираме. Но, според моите сознанија како се правеше и зошто се правеше, со неа треба да се охрабрат земјите што еден ден ќе ѝ се приклучат на ЕУ да направат повеќе прогрес во клучните области. А, тоа се областите за кои граѓаните овде велат дека се загрижени најмногу, како владеењето на правото, човековите права и демократијата. Самото тоа е вредност. Друго ново околу овој процес е дека поглавјата нема да се отвораат додека земјата не направи одреден напредок околу нив. Но, земјава во многу области веќе направи многу напредок и мислам дека новата методологија ќе покаже дека во некои области Северна Македонија е пред земјите што веќе отворија преговори. Второто прашање беше – дали вреди? Граѓаните кажаа што сакаат, последователните влади рекоа што сакаат, а процесот ќе помогне да се испорачаат реформите што ќе го направат подобар животот на граѓаните. Би рекла, тоа е тоа што го сакаат луѓето, тоа ќе им ги подобри животите и затоа би одговорила со да, вреди.

Што ќе се смени сега во односите со Македонија откако вашата земја излезе од ЕУ? Ќе остане ли Обединетото Кралство и натаму еден од најголемите трговски партнери на Македонија и што ќе се случува со македонските граѓани што живеат таму?

– Во овој преоден период откако ја напуштивме ЕУ, со оглед на правилата и условите под кои излеговме, нема ништо да се смени. Во декември ќе имаме нов договор со ЕУ кој ќе воспостави нови услови или ќе останеме на нашите сопствени. Што значи тоа за односите на Обединетото Кралство и Северна Македонија? Тоа значи дека ќе мора да имаме нов договор меѓу нас. Веќе преговараме за договор за партнерство и трговија кој, се надевам, ќе го потпишеме наредните неколку недели. Тоа ќе значи дека трговските и инвестициските односи ќе бидат заштитени и ќе продолжат да се одвиваат во слични правила и услови, така што се надевам дека ќе растат во иднина.

Северна Македонија е наш најголем партнер во Западниот Балкан. Само минатата година трговската размена порасна за 40 проценти. Ние се надеваме дека таа ќе продолжи и ќе се зголемува и во иднина. Ќе ви дадам само еден пример: во 2018 година вредноста на билатералната трговската размена и на услугите беше 2,1 милијарди фунти.

За Македонците што живеат во Обединетото Кралство со европски пасош во моментов ништо не се менува за нив. Од јуни 2021 година сите со европски пасош ќе треба да аплицираат за дозвола за престој во нашата земја за да добијат нов статус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот