Интервју со новинарската рок-легенда Петар Пеца Поповиќ: Ми останаа само спомени и куп банкротирани соништа

Во организација на „Спона“ – Српски културно-информативен центар во Македонија, на 1 јуни во „Буква“ (19.30 часот), Пеца Поповиќ ќе го дополни својот замислен мозаик со уште едно важно камче, бидејќи Скопје отсекогаш претставувало важна станица во неговиот живот.

За оние што паметат подолго, името на Петар Пеца Поповиќ е напишано со златни букви во колективната меморија на поранешната ни држава, во делот за музиката. За помладите, тој е најважен музички новинар на овие простори. Ги уредуваше списанијата „Џубокс“ и „Рок“, беше дел од дискографските куќи ПГП-РТБ и „Комуна“, на многумина им помогна да снимат албум, да направат концерт, да бидат забележани. И понатаму и Бреговиќ, и Чолиќ, и Џони Штулиќ држат до неговиот збор.

Газејќи ја 73-тата година од животот, им пркоси на кардиоваскуларните проблеми, патува, пишува и ја следи музиката, која и понатаму му претставува радост во животот. На првиот јунски ден во Скопје ќе ги промовира своите три актуелни книги, со акцент на неодамна објавената „Чувар бувље пијаце“ (Чувар на бувјакот), која претставува длабоко нурнување во сопствената археологија.

Вашата актуелна збирка раскази е насловена „Чувар на бувјакот“. Што сѐ е на „бувјакот“ на Пеца Поповиќ? Ова Ве прашувам алудирајќи на изјавата дека сте банкротирале во однос на соништата.

– Книгата „Чувар на бувјакот“ е третиот дел од „Петрилогијата“, што е „премногу нештедливо“ патување низ приватната реалност на авторот. „Пролет во Топчидер“ е книга за Белград, мојот роден крај, „Траги во бескрајот“ е за заминати музички пријатели, а „Чувар на бувјакот“ е обид да не се откажам од некои градови, адреси, луѓе и настани. Тоа не е откажување од соништата, но ми кажува зошто банкротирав со вербата дека поправеден и подобар свет е возможен за сите нас и сите наши луѓе.

„Желба ми е со мојата последна книга да ги обиколам сите главни градови во поранешна Југославија“, вели за „Слободен печат“ најзначајниот музички новинар на овие простори, Петар Пеца Поповиќ

Кога Вие, како човек со богато животно искуство, велите дека сте банкротирале во Вашите соништа, звучи прилично тажно. Што ни останува нам, кои Вам Ви се восхитуваме? Која е причината за Вашето разочарување? И зошто дозволивме политиката да оди толку длабоко и да ни ги окупира животите?

– На живите луѓе никогаш не треба да им се восхитувате. Времето ќе ги стави на вистинското место. Треба само да почекате. Тажен сум што најголемиот дел од животот го поминав во нормална земја, а потоа доживеав политичкиот полусвет со своето зло сѐ да ни уништи. Ние не се занимававме со политика, туку политиката се занимаваше и си играше со нас и нашите судбини. Кога зборувам за соништата, секогаш велам дека сонот не е она што се случува кога спиеш, туку она што не ти дозволува да заспиеш. По многу такви ноќи, живеев во заблуда дека учествувам, колку што можам и умеам, во работи што имаат смисла и кои се за доброто на мојата генерација. Потоа влезе политиката и ни го уништи сето тоа. Затоа ми останаа само спомени и куп банкротирани соништа.

Кога зборувам за соништата, секогаш велам дека сонот не е она што се случува кога спиеш туку она што не ти дозволува да заспиеш

Вашата претходна книга, за која, исто така, ќе се зборува во Скопје, „Траги во бескрајот“, е посвета на многу музичари што нè напуштија во последните години. Во вашите приказни, интервјуа, изјави… смртта станува неизбежна тема. Дали сте размислувале што им останува на новите генерации кога ќе заминат и последните перјаници на југословенскиот и светскиот рокенрол, филм, уметност… Нè има сè помалку, а по нас нема да има потоп, туку некој ќе продолжи со животот. На децата им остануваат убави темели, но што ќе биде со надградбата?

– Таа книга што ја спомнувате е сеќавање на луѓе без кои мојот живот немаше да има смисла. Ме заразија со музика и воопшто со љубов кон уметноста, а ако го заборавев тоа, ќе се откажам од сопственото минато. Ние припаѓаме на народ што се фали со својата историја, но имаме кратки сеќавања. Затоа постои оваа книга. Неколку луѓе ми кажаа дека ги читаат овие приказни со музиката на креаторите за кои пишувам. И тоа е начин со кој некој го разбира моето пишување. Мислам дека по заминувањето на најголемите, должност на новите генерации е да најдат достојни наследници, да ги поддржат, да ги поттикнат, да ги огласат своите таленти, како што им дозволува времето и достапната технологија. Едноставно, немам право да бидам песимист. Во спротивно, дваесеттиот век и целото наследство, не би имале никакво значење и вредност.

Промоцијата на книгите на Пеца Поповиќ ќе биде настан што е многу повеќе од „обично“ носталгично патување низ некои подобри времиња

Неколку години по премиерата на филмот за Вас, филмот „Заробено време“, повторно сте во Скопје. Што Ве поврзува со овој град?

– Ме врзува часовникот на Старата железничка станица со стрелките на 5 и 17, кој остана симбол на страшниот земјотрес од јули 1963 година. Тоа беше првата голема катастрофа во земјата каде што сум роден и прв случај на голема меѓусебна солидарност. Кога почнавме да собираме помош во месна заедница, од куќата однесовме две нови ќебиња и две перници. Би сакал да знам какви соништа сонуваа тие непознати деца, таа есен и зима, на тие перници и под тие ќебиња, и во какви луѓе израснаа.

За Скопје ме врзува печатницата на „Нова Македонија“, каде што доаѓав со подготовка на „Џубокс“ за печатење, дружбата со Велибор Џаровски, Мики Петковски, сите членови на семејството Стефановски, Беловски, Милчо Манчевски, прекрасната Калиопи, Анита Капетановиќ… и ќе заборавам некого. Без Скопје немаше да ги има Дојчиновски, Панчев и Најдоски во „Црвена звезда“, ниту Џони Штулиќ и Љупчо Самарџиски во мојот живот.

Од првата средба со музиката на „Леб и сол“, останавте нивен голем обожавател. Понатаму, и ден-денес голем пријател на Влатко Стефановски. Што ја инспирираше оваа љубов сите овие години?

– Веќе реков дека се сметам за пријател на целото семејство. Тоа е најрепрезентативното семејство што воопшто го познавам! Таткото основал 17 театри низ Македонија, мајката позната актерка, постариот син феноменален писател и професор во Англија, помалиот син симбол на балканската музика. Внукот прераснува во врвен музичар. Не знам сличен случај. Тоа мора да се почитува и на тоа мора да се биде горд.

Во Вашата импресивна биографија, меѓу другото, пишува дека сте ги запознале сите пет ѕвезди на „Звезда“, дека сте ги познавале последните четворица патријарси на Српската православна црква, најмалку тројца претседатели на САНУ, дека сте ги запознале сите оние чии плакати сте ги лепеле на ѕид како дете… Би додал и дека ја организиравте најголемата југословенска еуфорија на отворено, нашиот Вудсток познат како „Хајдучка чешма“, па „ЈУ рок-мисија“, ги запознавте Бајага и Инструкторите на позитивна географија со пошироката јавност, креиравте кариери на многумина, а важите за еден од ретките што со Штулиќ останаа во добри односи… На што сте најмногу горди?

– Сакам да се сеќавам на работите направени во заедничко невреме. Акции околу „Рим-ту-ти-ту-ки“ и концертот „Не сметајте на нас“ и прославата на Стара нова година во 1997. Тоа ме чинеше здравје, но ми го исправи ’рбетот.

Кога еднаш зборувавме за музичката литература на овие простори, ми обрнавте внимание дека има многу фактографија, а малку или нималку емоции. Ќе кажам – за разлика од Вашите приказни што се натопени во топлина, носталгија, љубов, сеќавања на некои подобри времиња… Кои училишта ги завршивте, кои беа Вашите учители, кои пароли Ве водеа низ животот, кога сè уште, како што пее Џибони, можете да нè „купите“ со убави зборови?

– Имав среќа да учам и да пораснам со џиновите: Никола Караклајиќ, Богдан Тирнаниќ, Душко Радовиќ, Милан Влајчиќ, Душко Трифуновиќ, Арсен Дедиќ… Од секој озрачен со добрина. Сакав да ги читам Миро Радојчиќ, Љубо Вукадиновиќ, Игор Мандиќ, Веселко Тенжера, Миљенко Смоја, Милутин Дедиќ – од сите изгорен од убавина. Ги слушав Дејан Медаковиќ, Рашко Димитријевиќ, Бела Дуранци, Мика Антиќ, Пуриша Ѓорѓевиќ, Момо Капор, Матија Беќковиќ, и се заразив со приказната. Ги гледав Шекуларац, Вукас, Беара, Милутиновиќ, Пеле, Џаја, Бест, Рајко, Пижон, Пикси, Марадона, Ибрахимовиќ и впивав чудо. Стоев пред сликите на Бош, Бројгел, Рубенс, Караваџо, Ван Гог, Величковиќ, Миќа Поповиќ и Милан Туцовиќ. На сцената ги видов Лоренс Оливие, Марија Захарова, Виктор Станчиќ, Џим Морисон, Љуба Тадиќ, Џими Хендрикс, Бочели, Ванеса Редгрејев, Џегер, Зоран Радмиловиќ, Џеф Бек и Спрингстин, и без да дишам. Ако сето тоа не ме научи ништо, и не е ништо.

Што на човек со ваков бекграунд му недостасува во животот? Не сте се збогатиле, ако се изземе ризницата на болести што со годините ги собравте овде-онде, како секој достоен рокенролер?

– Ми недостига да бидам посреќен во татковината. Кога ќе видам каде и како ја поминувам староста, знам дека злото и омразата ги победија љубовта, надежта и толеранцијата на кои инсистиравме.

Со Вас во Скопје доаѓа и проф. Михајло Пантиќ, кој во последните години е навистина неизбежен дел од Вашата приказна и книги. Кога заедно ја напишавте прекрасната „Да се биде рокенрол“? Зошто проф. Пантиќ е толку важен?

– Се запознавме како млади, но благодарение на книгата „Да се биде рокенрол“ станавме пријатели. Тој, како сериозен професор, писател и критичар, виде нешто во моите текстови и ме натера да ги објавам овие три книги за три години. Не верував дека пишувањето овде може да биде интересно и денес. Се покажа дека проф. Пантиќ не погрешил. Многу ми е срам кога ми се обраќа со „мојот писател“.

Колку музиката Вам Ви е важна денес? Дали следите што се случува на музичката сцена на поранешната држава? Сцената која, како градот во песната на Милан Младеновиќ, „фрлаше светла далеку“. Што, на крајот на краиштата, останува како во монологот за љубовта во прекрасната приказна на Момо Капор од филмот „Уна“?

– Не знам колку знаете дека јас бев првиот читател на книгата на Момо, „Уна“. Додека во чамец му ги кажував моите впечатоци на Зуко Џумхур среде Сава, човечки се опијанивме. Останатото е за нов роман… Музиката е сè уште важна за мене. Проблемот е што за оваа генерација таа не е толку важна, како што беше за мојата генерација. Следам колку што можам што се случува на сцената на просторот што сè уште го доживувам со топли емоции. Неодамна гостував во емисијата „А страна“ на ХТВ и слушнав неколку феноменални пејачи. Срцето ми беше полно.

Приказна за Влатко Стефановски: Синот на Министерката

„Некои луѓе минуваат низ животот, како кучињата низ роса, ништо не ги допира, а притоа не забележуваат дека нешто им недостасува. Тие другите, како Пеца Поповиќ, се ретки и затоа скапоцени, ги изоструваат сетилата, ги шират крилјата, впиваат впечатоци, мириси и слики, талкаат со отворени очи и никогаш не им е доволно убавина. Кога тие уште и знаат тоа да го стават на хартија и да го споделат со другите, тогаш се создаваат книги како оваа“. Со овие зборови Милкица Милетиќ ја најавува актуелната книга на Пеца Поповиќ „Чувар на бувјакот“. Во книгата, меѓу седумдесетина приказни е и „Синот на министерката“, приказна за Влатко Стефановски, испиениот чај со неговата мајка Нада, семејните вредности… „Влатко Стефановски, пехар од маѓепсаните врати на рокенролот, останува парче добар леб, неопходна доза на сол, топол зрак од јужното сонце и опојниот мирис на ‘Момино солзе’, од масата на министерката“ – стои во приказната.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 130, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот