Интервју со Марјан Колев: Без силна лига и стратегија, ќе имаме само таленти кои нема никогаш да прераснат во врвни играчи!

– Вистина е дека имаме интересна репрезентација со голем потенцијал и како група, но јас не ги селектирам играчите на млади и стари, туку на добри или помалку добри – вели Колев.

„Слободен печат“ направи ексклузивно интервју со Марјан Колев, кој што своевремено ги бранеше боите на најдобрата македонска ракометна репрезентација, моментно е тренер на францускиот женски ракометен клуб Ница.

Како професионален ракометар настапуваше за Вардар (тогаш Вардар Ватростална Скопје), потоа Тутунски Комбинат Прилет, хрватската екипа на Замет Риека, како и за четири РК клубови во Франција.

За тоа колку силно се вложува во францускиот ракомет, и воопшто на спортски план, што треба да се направи уште повеќе да се крене македонскиот ракомет, самата координација, за националните репрезентации, неговиот поранешен клуб Вардар со кој има освоено шампионски титули, сето тоа повеќе прочитајте во продолжение…

-Моментално сте тренер на францускиот женски ракометен клуб Ница, клубот има четири победи по ред, од кои и против повисокорангирани на патот кон плејофот. Како вие сте задоволни од настапите, може ли вашата екипа уште подобро да котира колективно во остварувањето на целите?

– Доколку се земе во предвид дека пред почеток на сезоната, поради намалениот буџет не можевме да ги задржиме двата лидери од последните две години, Кармен Мартин и Линеа Торстенсен (сега во Букурешт) и дека сите други екипи се засилија доста добро, што значи дека 8-те места во плејоф на почетокот на годината беа многу тешко достапни, а денес сме веќе квалификувани и плус на коректно место, мора да бидам задоволен со оствареното досега.  Една мотивирана екипа што работи добро секогаш може повеќе, но реалноста е друго.

За првпат во историјата на клубот (осма година во LHF) игравме ЕХФ Куп, но баш во тој период ни се повредија тројца клучни играчи. Тие повреди донесоа пет порази (три во LHF и два во ЕХФ), потоа следуваше турбулентен период во кој новиот претседател од лични причини си даде оставка, која ја поремети екипата, па дојде период на преговори и трансфери што донесе проблем со концентрација. Но, и покрај сите тековни проблеми, успеавме да се мобилизираме и да направиме серија од четири победи што ни донесе шесто место и добри шанси да го зачуваме или подобриме за едно место. Засега сè е под контрола.

Од 2016 година сте дел од Ница, воглавно како го гледате развојот на францускиот женски ракомет, самите услови за тренинзи, подготовки, организација и воопшто во самите спортови на таа држава?

-Искрено пред 2016 не ги следев случувањата во женскиот ракомет воопшто. Но, со почетните преговори со Ница направив подетална анализа која даде загрижувачки резултати. Во претходните години во текот на сезона имаше помеѓу 1-4 екипи во различни лиги што одат во стечај. Значи, во Д1 сезона 2015-16 имаше два клуба како Ним и Бордо (миос) кои пропаднаа поради финансиски проблем или лошо работење. Од 2016 до сега нема ниту еден клуб што завршил во стечај и тоа покажува дека федерацијата и лигата LHF работат посериозно во доменот на контроли, но и самите управи станаа повнимателни што допринесоа да има поголема стабилност и развој. Потврдата за добар развој е одлуката во сезоната 2021-22 има 14 екипи. Како за инфомација, дека најнискиот буџет е 900.000 евра, а најголем 4.000.000 милиони евра. Ница со 1.200.00 евра е 10 буџет.

Инаку условите на секој клуб се различни, има клубови кои припремите ги прават без да сменат средина, но има клубови како Брест и Мец кои што можат да си дозволат турнири во различни земји. Јас со мојот клуб секоја година одиме една недела на планина во нашиот регион, не далеку од Ница затоа што имаме субвенции од регионот и мораме еден дел да ги потрошиме во некоја структира во самиот регион, но немаме буџет да одиме во друга држава. Исто така не сум фан на многу пријателски натпревари пред првенство и посебно се повеќе за кратко време, затоа што ризикот е преголем за повреди, но исто така и преголемиот замор не дозволува прецизна работа. Играме 4-6 натпревари со блиските клубови и тоа не ни пречки да имаме добри резултати.

За разлика од другите клубови со подолга традиција, ние немаме многу доброволци кои помагаат при организирање на натпревари или функционирање на клубот. Клубот е релативно млад, но и азурниот бреј со својата клима е преубав за некој да се затвори во сала.

На репрезентативно ниво инвестициите се зголемени и имаат тенденција да се доближат до машкиот ракомет, но проектот и организацијата одамна се исти што значи дека резултатите што го направи и статусот на велесила што го доби француската репрезентација не се случајни. Имаат 26 гранки во различни региони и држави како Мартиник..во кои се работи со 20 до 26 ракометари на возраст од 14-18 години или 26 x 20-26, околу 550-600 ракометарки кои ги сочинуваат кадетската и младинската репрезентација, но иста еден дел стануваат идни професионалци. Значи, тоа е проект и инвестиција на министерството за спорт заедно со федерацијата кој што може да дава само подобри резултати.

Во врска со останатите спортови, битно е да се каже дека неколку години министерството за спорт работи на проект „медали 2024“ и се мисли на Олимпијадата. Нивната цел е да освојат што повеќе, затоа инволвираните имаат за задача да ги идентификуваат потенцијалните кандидати и да ги следат и помагаат нивните припреми и резултати.

Како професионален ракометар, игравте во Франција, за екипите на Вилфанш, Гонфровил, Монтелимар и Ст. Егрев. Споделете ни го тоа искуство, колку навистина францускиот ракомет помага, дали би препорачале доколку македонски ракометари и ракометарки имаат желба, да одлучат да направат трансфер таму?

-Да, првото искуство го имав во Вилфанш блиску Лион и во Д1 играчки беше добро искуство и мислам дека ја оправдав довербата на клубот. Во поглед на развојот на мојата кариера како играч,  на крај се покажа дека изборот не беше баш најдобар, затоа што клубот отиде во стечај после 10 месеци, плус тоа го кажаа во месец мај кога сите екипи до Д1 веќе ги завршија трансферите, така што не ми преостана ништо освен да се симнам за едно ниво подолу и да потпишам за Гонфровил Д2 каде останав една сезона. Но, од подолгорочен аспект, значи денес, се покажа дека изборот Франција беше добар затоа што денес сеуште сум тука егзистирам како тренер.

Во Д2 целта која беше опстанок беше остварена, но тоа беше 2009 кога се појави финансиската криза и сите буџети претрпеа рестрикции и јас како најплатен морав да си барам друга дестинација. Но, и покрај тоа имам добри сувенири како спортски, така и приватни од таа година, затоа што таму го добив мојот втор син Меглен. Летото 2009 скоро и да потпишав повторно со Тутунски Комбинат Прилеп, но во последен момент одлучив да се вратам во Франција и да продолжам во Монтелимар во четвртата лига, но со друга цел, прогресивно да се спремам за премин од играч во тренер. Таму останав две години  и ги добив првите лиценци и искуство како тренер. Ја тренирав втората екипа која играше во седмата лига и која што покрај јазичната бариера успеав да ја подигнам една лига погоре. Таа година научив најмногу работи посебно во пренесувањето на пораката тренер-играч и тоа искуство никогаш нема да го заборавам.

Во 2011 отидов во Ст Егрев кој стана мојот втор дом после Кавадарци. Првите шест месеци беа тешки за интеграција затоа што првпат во мојот живот работев, играв за првата, а ја тренирав втората екипа. Деновите беа долги и напорни, ама се воспостави дека не беа залудни. Втората година 2012 претседателот на клубот ми го понуди тренерското место на првата, но и да бидам одговорен за развојот на спортскиот дел во клубот.

Клубот инвестираше две Формации од по една година во мене, а јас ми се оддолжив со што се најдовме двапати во третата лига и испишавме нова клупска историја. Но, за мене поважно беше тоа што кога го напуштив клубот, екипата беше составена од 75% играчи од нашата школа што е голема реткост во Франција. Во 2016 добив понуда од Ница која што ја прифатив и влегов во женскиот ракомет кој што е сосема друга историја која трае до ден денес.

За секој што сака да успее сигурно Франција може да му овозможи добри услови затоа што повеќето клубови од првата до четвртата лига се коректно организирани, но мора да знаат и бидат подготвени дека Франција е специфична земја во споредба со нашиот менталитет, затоа или ја сакаш или не, нема измеѓу.

Франција на репрезентативно ниво во машка и женска конкуренција скоро константно е на врвот, што мислите според вас што е клучно за таквите добри резултати со селектори како Гијом Жил и Оливие Крумхолц? –

-Нивниот систем на работа и селектирање кој постои околу 20 години, исто така константниот развој и напредување на првенството и клубовите , прават редовно има квалитетни играчки и не се случајно се на врвот. Имаат добри школи и што е многу важно им даваат време и поддршка на селекторите. Но, од многу редовни резултати мислам и самите се опуштија и во последните големи натпреварувања разочараа. Тоа опуштање некои ги чинеше оставки, а Федерацијата мораше да даде објаснувања до министерската за спорт. Моментно се во криза и имаат голем притисок пред олимписките квалификации.

фото: рфм

Како поранешен репрезентативец, како моментно ги гледате нештата во машката ракометна репрезентација предводена од Данило Брестовац. Не ја поминавме групата на ЕП 2020, ќе следува нова шанса за СП во Египет 2021. Имаме млади ракометари како Талески, Кузмановски, Велковски, Поповски, Танкоски, самиот Брестовац кажа дека треба малку трпение со помладите, од друга страна ги имаме искусните Лазаров, Ристовски, Манасков, Стоилов, Митревски…

-Помина доста време од кога бев репрезентативец и од кога последен пат играв и живеев во Македонија. Сето тоа не ми дава за право да давам анализи во врска со работата и селекцијата на играчи. Знам дека има доста таленти кои немаат доволно минутажа и важни улоги во нивните клубови во странство и дека македонската лига е во стагнирање. Знаејќи дека кај нас за управите е вообичаено и нормално да носат странски играчи со дискутабилно ниво и немаат трпение да конструираат околу талентираните, но сеуште несозреани играчи, нормално е да има проблем со квалитетот на игра кога играме со репрезентации кои имаат традиција или посилни првенства.

Но, тоа е помалку страшно од комуникацијата и притисокот кој се прави и создава кај нас! Веднаш после самата ждрепка, веќе сме во полуфинале, ние сме најсилни, сега или никогаш, мораме да освоиме медал, итн. Со таквата комуникација се создава огромен притисок за неискусните млади играчи и транзицијата сигурно станува уште потешка. Значи нема некоја координирана, поумерена и пореална комуникација што ќе ги растерети ракометарите. Друг параметар е тоа што сите оние нации што за нас, пред 10. Години беа слабо рангирани, сите тие во меѓувреме направија проекти и инвестираа во развојот и организацијата на ракометот и денес дојдоа на наш или повисок ранк што прави да се чувствуваме послаби и послаби.

Знам дека реалноста боли, но без силно првенство и координирана стратегија помеѓу РФМ и клубовите во врска на пласирање и трансфери на македонските играчи, работите ќе стануваат потешки и затоа што последниот стадиум на развојот на играчите не може да биде реализиран, значи ќе имаме само таленти кои никогаш нема да прераснат во врвни играчи. Но, зборуваме за еден сложен процес за кој е неопходен долгорочен проект.

Вистина е дека имаме интересна репрезентација со голем потенцијал и како група, но јас не ги селектирам играчите на млади и стари, туку на добри или помалку добри, исто така на искусни или помалку искусни. Не секогаш годините го кажуваат квалитетот и искуството, затоа што Лазаров уште на 20 години веќе беше добар и поискусен од сите нас постарите, Алушовски, Марковски исто така. Невозможно е да нема разлика во години и искуство, тоа е природен процес, но за мене поважно е внатрешното почитување, функционирање и зацртаниот објектив на една група. Затоа што без тие вредност, тешко се доаѓа до резултат.

До 2021 може да биде успешна доколку играчите и стручниот штаб извлечат поука од нивната анализа. До година нормално сите би биле поискусни и играчите, но и селекторот со неговиот стручен штаб. Од страна гледано слободно можам да кажам дека за една мала Македонија имаме доста млади играчи со добри квалитети што е за поздравување, ама кои секогаш во клучните моменти или имаат недостасток во преземање на одговорност или кога ќе преземат што имаше во повеќе случаи и што е за охрабрување, немаше ефикасност. Тоа кажува дека моменталниот квалитет според мене е на едно позитивно ниво кое треба да продолжи да се развива и почитува.

Кога сме веќе кај Кирил Лазаров, и на 39 години игра во добра форма во екипата на Нант. Врвен стрелец, еден од најдобрите на својата позиција, што можете да кажете за него, и секако за неговиот карактер како човек кој инспирира?

Мачката (Кире Л) сеуште многу добро се држи и доби голем респект во Франција, впрочем како и во другите земји каде што играше. Добро е што сеуште е гладен за успеси и се надевам дека нема да се најде некој или некоја ситуација да му го убие гладот. Работите се едноставни за помладите кои сакаат да успеат во нивните кариери затоа што имаат жив пример покрај нив и треба само да ги копираат неговите професионални навики, но не и играчки потези, бидеќи можеби ќе загубат многу време. Понекогаш се прашувам дали неговата присутност, природниот авторитет и  CV се ненамерна пречка за преземање на одговорност кај останатиот дел од репрезентацијата.

rkvardar.mk

Вардар за три години успеа двапати да ја освои Лигата на шампионите, како гледате на тие успеси, воедно се зборува дека од лани се соочува со финансиски проблеми, како да се сочува тој бренд, кој веќе стана дел од многу верни фанови?

Голема штета посебно за играчи кои што секој ден напорно тренираат, а немаат никаква сигурност за нивната иднина и покрај одличните резултат. Според мене има проблем помеѓу сопственикот и државата. Се додека беше едната гарнитура, сè беше ок, кога промените дојдоа, дојдоа и проблемите, колку што јас знам и тука треба да се бара решението, но тоа кој е во право е превисоко ниво за нас обичните. Мислам дека се додека Господинот Михајло Михајловски е почесен претседател, РК Вардар ќе постои и покрај проблемите. РК Вардар е неговата неизлечива болест.

Eдно стагнирање се случува кај женската сениорска репрезентација, подолго време немаме учество на големи натпреварувања, но затоа заедно со Словенија и Црна Гора ќе биде домаќини на ЕП 2022, како можеме да ја искористиме оваа шанса?

-Па, сè зависи како федерацијата сака да се претстави. Дали сака 100% македонски производ или што подобар резултат. После дефинињето на цела, за мене ситуацијата е едноставна, доколку целта е 100% МКД производ треба само да се адаптира комуникацијата спрема јавноста и да се продолжи со континуирана работа, но доколку целта е што подобар резултат, 2022 е „утре“ и прашање е дали за две години можеме да создадеме квалитетни играчи на позиции кои се дефицитарни во поглед на квалитет или играчи со врвен квалитет кои ќе можат да го подигнат колективниот квалитет. Мислам дека е тешко возможно, затоа можеби привремена натурализација за која што не сум голем фан, на неколку играчи на одредени позиции може да биде привремена солуција. Но, во секој случај континуираната работа да продолжи.

фото: РФМ

Но, и во двата случаи треба да се добие што е можно повеќе на популарност и ангажирање на млади ракометарки за да се создаде квантитет кој што еден ден може да даде и квалитет.

Но, внимавајте, можете да организирате и десет големи првенства, но доколку нема вистинска желба, стратегија и инвестиција за развој од страна на Федерацијата и Агенцијата за млади и спорт, ситуацијата нема да се промени.

Околу финансиските ваучери…

-Во врска со развојот и популарноста на ракометот, слушнав за делење на финансиски ваучери. Тоа е добра можност да се развијат клубовите, но само доколку има добра контрола за начинот на трошење. Инаку проектот може да премине во паразитски проект, кои ќе постои се додека има пари. Со тие ваучери треба да се обврзат клубовите со константен развој. Затоа можеби треба да се размисли како може да бидат загарантирано финансирани најмалку три работни места во секој клуб што има право на ваучер.

Нормално станува збор за оние што треба да добијат ваучер со сума што ќе го дозволи тоа. На пример, да се одреди висината на платата (за наши услови) на Секретар, тренер и одговорен за маркетинг во споменатите клубови, и таа сума од ваучерот да му се префрла секој месец. Со тоа ќе има нови вработувања, загарантирано функционирање (Вработен Секретар и мотивиран тренер) и комуникација помеѓу федерацијата и клубовите, но што е исто многу важно ќе има одговорен за маркетинг кој треба да има за цел да го развие финансискиот сектор на клубот. Кога еднаш се постават тие темели тогаш можеби развојот може да стане пореален. Сигурно дека идејата бара добра анализа на теренот и дискусија помеѓу повеќе структури во државата, пред да биде одреден начинот на реализирање.

Освен организирањето на кампови во Македонија, како можеме уште повеќе да го кренеме ракометот, доколку сакаме да остане како еден од најпопуларните спортови во нашата земја?

-За мене камповите се доста интересни и сигурно придонесуваат за популарноста на ракометот, но за развој на ракометот мислам дека треба многу повеќе.

Има две можности или да преземете и адаптирате некој веќе успешен пример од некоја земја што го применила или да исмислите ваш личен.

Сите ги ставаат финансиите како прва пречка и знам дека е тешко во поглед на финансии, но сепак не мислам дека тоа е првата пречка. Знам спортисти што успеале и со еден пар патики годишно, но исто така знам спортисти што менуваа по три-четири пара, но сепак не направија кариера. Според мене, зависи колку навистина сакаме да го развиеме или задржиме темпото на развој на ракометот. На пример, во 2015 година пробав да направам контакт со федерацијата и да им понудам проект за развој сличен на францускиот и нормално адаптиран на нашите услови. Требаше да се сретнеме за да го презентирам, но во последен момент состанокот беше откажам (може да му се случи секому) и ми беше побарано да го пратам проектот по мејл што нормално одбив. После тоа, никој не покажа интерес да воспостави повторен контакт и покрај тоа што зборувавме за национален проект кој што доаѓа од земја која со него стана велесила. За мене во тој момент тоа беше знак на немање волја за развој.

Што би им препорачале на младите генерации кои сакаат да се занимаваат со ракометот и воопшто во спортот. Што треба да го краси еден спортист, за да постигне успеси, врвни резултати?

-Од аспект на обичен граѓанин би им порачал: Гледајќи дека медицината препорачува да се спортува за да се заштитиме од некои болести и за да си го продолжиме животот би им препорачал да се занимаваат со било кој спорт за да профитираат подолго во животот покрај нивните најмили.

Од попрофесионален аспект би им порачал прво да си постават лична цел која ќе биде што е можно пореална и умерена. Мислам дека доколку си реален со самиот себе можеш полесно да успееш, но и спротивно, доколку не успееш од „икс“ причини секогаш е полесно да најдеш сили за други предизвици, затоа што има живот и после спортот и неуспехот.

Како второ, да бидат одлучни и спремни за физичко и психолошко инвестирање. Без тоа шансите за успех загарантирано се мали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот