Интервју со Лилјана Пленз, инструкторка по јога: Јогата ја доживувам како подарок за светот

Лилјана Пленз
Лилјана Пленз / Фото: Приватна архива

Со вежбањето во вода се отфрла стресот со помалку оптеретување на зглобовите. Аква јогата ги комбинира корисните влијанија од класична и партер јога со бенефитите од водата, вели Лилјана.

Лилјана Пленз е инструкторка по спортски дисциплини со огромно искуство зад себе. Таа 16 години работи во јога „Студио Сурја“, кое патем го има и основано. Сега предава аква јога во „Хидротермал медикал центар – Цар Самуил“, Банско – Струмица и ни ги објаснува лековитите својства на симбиозата помеѓу водата и јогата.

Во 2007 година се стекнала со линценца по јога на англиската школа за природни здравствени науки, во доменот на алтернативна медицина во Лондон „Скул од натурал хелт саенсес“ (School of natural health sciences), Велика Британија. Предходно во Институтот за хумана јога студирала Традиционална јога кај д-р Владимир Пендовски.

Лилјана Пленз
Лилјана Пленз / Фото: Приватна архива

Посетувала безброј семинари, предавања од областа на алтернативна медицина, од учители по јога од Истокот, но и од Европа како: „Духовна јога“ кај проф. д-р Мастер Луонг Мин Даснг (Prof. Dr. Sir Master Luong Minh Dasng), „Квантна трансформација“ и „Интегративно дишење“ кај Соња Симоновска, „Клиринг и коучинг“ (Kliring и Coaching) кај Десимир Ивановиќ, „Мер Ка Ба“ (Mer Ka Bа) по школата на Друнвало (Drunvalo) кај Мишел Пачеко, иницирана е и во школата на „Бабаџи Крија Јога“ кај учителот Ингвар Вилидо (Ишварананда/Ishwarananda).

Што претставува јогата за вас и колку видови на јога постојат?

– Јогата е за мене подарок за светот. Наука која доаѓа од индиските мудреци кои ја развивале стотици и илјадници години од едноставна желба да помогнат на луѓето. Таа е метод кој зависи само од она кое веќе го поседуваме, односно располагаме: телото, умот и духот. Таа е едноставна, природна, како целовит систем кој води кон единство. Јогата стана интернационален поим за културно воздигнување, но иако веќе многумина слушнале за неа, многу од нив немаат вистинско познавање за неа. Таа, за жал, е осмислен метод за усовршување на телото, но јогата, сепак, е пред сѐ, наука. Наука за телото, умот и духот. Постојат осум до 10 основни типови на јога, но поради еволуцијата на човечкиот ум се развија многу, навистина многу подстилови, кои се модерни и не секогаш соодветни и за нас.

Лилјана Пленз
Лилјана Пленз / Фото: Приватна архива

Кои ги предавате вие?

– Покрај тоа што специјализирав разни видови на јога, по специјализација на клирингот природно започнав и со терапевтска јога. Во чекор со времето, благодарение на многуте јога кампови, ритрити, викенд сесии се пронајдов и во рекреативна јога. Во моите почетни чекори изучував: традиционална јога, хата јога, јога нидра, медитативна аштанга јога, флоу јога, јога за дишење – Крија јога. Пред три години навлегов и во методот на шумско капење, кој доаѓа од школата Дамар, Швајцарија. Инаку сум основач на јога „Студио Сурја“ (Сонце) во Скопје кое егзистира повеќе од 16 години. Во пракса низ ова студио поминаа стотици практиканти (вежбачи) од категорија на најмалата возраст, деца, до највозрасните, како и луѓе со посебни потреби. Моето искуство доаѓа како низ студиото, така и по спортски сали, базени, големи институции, корпорации итн. Одржував предавања од областа на хумана јога и јога како во Македонија, така и надвор од неа: Хрватска, Швајцарија.

Лилјана Пленз
Лилјана Пленз / Фото: Приватна архива

Причини зошто треба да се практикува јогата?

– Причините за вежбање јога може да бидат различни. За здравје, за концентрација, стекнување на мир и рамнотежа, но и како потреба за филозофски убедувања. Која и да е нашата цел, треба да се започне од основните вежби за телото и за дишење (асани и пранајама). Таа е природен пат и нејзините резултати се развиваат природно и постепено. Со неа не треба да се натпреваруваме. Мора да знаеме кои се нашите очекувања, што сакаме да постигнеме со неа? Од таму доаѓаме до изборот на јогата. Таа може да биде бавна или динамична, да биде повеќе за телото или за духот. Токму од оваа потреба се развиваат различни стилови на јогата, секако треба да кореспондира со нашите потреби. Треба да знаеме дека не смееме да вежбаме претерано, но не смееме да бидеме и неодговорни. Потребно е да бидеме трпеливи. Доколку се противиме на природата, ќе сносиме последици. Како што цвеќето не сака премногу залевање вода или премалку, туку умерено, така и нашето тело бара хармонија. Јогата не дава моментални одговори и решенија, но ако вежбаме правилно и секој ден, со верба, можеме да сметаме на напредок и да градиме темел за целовит живот, среќа и мир. Само така ќе успееме да ги собереме плодовите од нашиот труд. Совршенството не доаѓа преку ноќ.

Дали треба физичка и духовна подготвеност за да се практикува јога или може секој да вежба?

– Поради нашата љубопитност и неинформираност, можеме да одбереме погрешен тип на јога. Јога која не соодејствува ниту со нашето тело, ниту, пак, со умот и нашиот дух. Според мене, најдобро е да започнеме со традиционална јога. Таа ќе ни покаже кои се нашите можности на телото и во кој правец на јогата можеме да се движиме според нашиот ум и природата на духот. Доколку мудро и со трпение ги правиме чекорите, таа ќе биде наклонета кон секоја категорија на вежбачи како мали деца, млади, возрасни, па дури и луѓе со посебни потреби, болни луѓе.

Лилјана Пленз
Лилјана Пленз / Фото: Приватна архива

Што е аква-терма јога и за што се користи? Дали луѓе со болест или попреченост (не)треба да ја вежбаат? За кого е најполезна оваа гранка на јогата? Дали може да се користи за рекреација?

– Аква јога (Aqua yoga) или пак Термал аква јога е многу поефикасна од класичната јога. Со вежбањето во вода се отфрла стресот со помалку оптоварување на зглобовите. Аква јогата ги комбинира корисните влијанија од класична и партер јога со бенефитите од водата. Оваа јога станува сè попопуларна на западот, како и кај нас, но за првпат и во термалните води во „Хидротермал медикал центар – Цар Самуил“, Банско- Струмица. Знаеме дека термалната вода се користела уште во времето на старите Римјани во лековити цели. Таа покрај тоа што содржи минерали и е хипоалергна и бактериолошки чиста. Топлата вода која извира од термални извори, го загрева телото и овозможува подлабоко и побезбедно истегнување, ги тонизира мускулите, ја зголемува флексибилноста и силата. Таа носи бројни користи и за голем број на психофизички заболувања, за кои се потребни токму вакви активности. Придобивките од јогата се многу одамна познати и од таа причина се топло препорачани и од медицината, за многу широк спектар на болести или состојби кои бараат психофизичка стабилност и напредок. Термал аква јогата е идеална за луѓе со болки во зглобовите. Бидејќи во водата телото станува лесно, мускулите се опуштени и можат да се истегнат без ризик на повреда. Ова е многу важно за луѓето кои страдаат од артритис, ендопротеза на колкови, склероза, фибромијалгиа, мускулна дистрофија, анксиозност или депресија, пренетални, постхирушки, постнатални тешкотии. Исто така, оваа јога во комбинација со термална вода може да им помогне и на луѓе кои страдаат од ишијас или дискус хернија. Најубавото од сè е дека овој начин на вежбање јога може да ја користат сите категории на луѓе. Бидејќи ефектите од Аква термал јога се одличен метод за ослободување од напнатост, замор, намалување на стрес и помага за стекнување на физички, емоционални состојби и кондиција, таа е идеална и за рекреативни потреби, за ситегенерации.

Лилјана Пленз
Лилјана Пленз / Фото: Приватна архива

Што ве научило вашето долгогодишно искуство како ментор? Која е врската помеѓу духовното и физичкото искуство?

– Научив дека животот е пат кој треба да се култивира, а целта е да го надмине мозокот на егзистенцијална состојба и да дојде до човекот со хумана свесност. Низ моето долгогодишно искуство препознав две категории на луѓе – луѓе кои преживуваат и луѓе кои живеат. Радосна вест е дека сите имаме потенцијал да живееме како свесни хумани битија, а јогата е уште едно многу силно орудие, светилка која нежно нè води до целта. Асаните (физички вежби) кои се прилагодуваат како на партер така и во вода, концентрација и медитација се алатките кои ни помагаат на патот. Пранајамата (техники за дишење) ни помага да го зголемиме капацитетот на дишењето, кое во ова модерно време најмногу се дисфункционира. Со контрола на дишењето повторно се активираат инаку неактивните мускули на градите и го зголемуваат имуниот систем кај човекот. Крвта се прочистува од токсините, се стимулираат сите делови на телото, така почнуваме да функционираме како цело битие. Кога телото е здраво и нашиот дух е подигнат на повисоко, похумано ниво. Тие како две тела не можат едното без другото. Јогата е како мост кој ги поврзува да бидат во единство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот