Интервју со Јане Чаловски: Независниот културен сектор е уморен од празни ветувања

Со меѓународна кариера што трае веќе 20 години, Јане Чаловски има огромно и разновидно искуство како уметник, ментор и предавач, а неговото име се поврзува и со проектниот простор „Прес ту егзит“, здружението „Галикул“ и асоцијацијата „Јадро“.

Широка лепеза на теми се отвори во разговорот со визуелниот уметник Јане Чаловски. Првичниот повод за средба беа активностите на Здружението за култура, литература и уметност „Галикул“, во кои е вклучено целото семејство Чаловски. Како поголема тема се наметнаа активностите на „Јадро“ – Асоцијацијата на независната културна сцена, каде Чаловски е еден од основачите. На крајот го отворивме и прашањето за авторските ангажмани, визуелни проекти и презентација на сопствената уметничка дејност.

Минатата седмица „Галикул“ ја промовираше книгата на Долорес Атанасова – Лори, добитничка на наградата „Тодор Чаловски“, која „Галикул“ ја доделува од 2016 година. Со каква цел ја востановивте наградата пред пет години?

– Наградата ја востановивме есента 2015 година заедно со мојата мајка Билјана, сестра ми Данче и јас, во име на нашиот татко, еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945-2015), кој својот живот го посвети на поезијата и македонската литература. Наградата конкретно се доделува во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми. Во тие моменти сакавме да ја преточиме болката од неговото ненадејно заминување во нешто позитивно и соодветно на начинот на кој татко ни секојдневно живееше и ја славеше поезијата и литературата, дружењето со пријателите и љубовта кон неговиот роден Галичник.

Минатата седмица „Галикул“ ја промовираше книгата „Ќе фатит бран“ на Долорес Атанасова – Лори, добитничка на наградата „Тодор Чаловски“

Во наследство од вашиот татко Тодор Чаловски ви остана и Галичката книжевна колонија. Какви се плановите за нејзината понатамошна егзистенција?

– Галичката книжевна колонија тој ја востанови во 1992 година, со осамостојувањето на Македонија, во желба за повторно разоткривање на Галичник како инспиративен простор каде што писателите ќе се дружат, споделуваат и создаваат нова поезија. Со неверојатна посветеност и поддршка од нашата мајка Билјана, тој ја градеше оваа идеја заедно со неговите пријатели и колеги Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Илхами Емин, Луан Старова, Радован Павловски, Атанас Вангелов, Лилјана Дирјан, Гордана Михаилова Бошнаковска, Науме Радичевски, Венко Андоновски, Весна Мојсова Чепишевска, Владимир Мартиновски, и помладата генерација и добитници на наградата Долорес Атанасова-Лори, Биљана Стојановска, Иван Антоновски, Марта Маркоска, и многу други наши најзначајни писатели од сите генерации. Може многу да се разговара и раскаже за манифестацијата, која веќе ќе наполни 30 години од своето појавување во македонскиот културен простор. Морам да бидам искрен дека во денешни услови одржувањето на ваква значајна манифестација е комплексна продукција која бара и време и средства, и секако не е лесно без Чало и неговата неверојатна енергија, програмска визија и комплетна посветеност. Последниве пет години со моето семејство и со пријателите се трудиме да ја одржиме со многу љубов, разбирање и соработка од толку многу прекрасни луѓе, автори, пријатели и следбеници на делото на нашиот татко, за што сме бескрајно благодарни. Оваа година веќе ја планираме програмата за соодветно да го одбележиме овој значаен јубилеј – 30 години од првото одржување на Галичката книжевна колонија.

И наградата и колонијата се значајни настани на македонската културна мапа, но покрај нивното одржување, бевте вклучен во основањето на најголемата мрежа на културни организации, неформални групи и поединци кај нас, мрежата „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена. Речиси десетина години од нејзиното основање, успева ли мрежата да одговори на предизвиците на нашето време?

– „Јадро“ е организација што не само што успева да одолее на сите можни политички и финансиски предизвици, туку со заедничката заложба на своите членки и сојузници во регионот, успева да се одржи и да стане сѐ посилна во својата основна мисија – континуирано застапување за, и развојот на, независната – вонинституционална културна сцена. Секако, не е воопшто лесно и едноставно да се одржи и сочува сѐ што е создадено од нејзиното основање во 2012 до сега. Но, знаете „Јадро“ е своевиден феномен кај нас, бидејќи успеа да обедини голем број на организации, поединци и неформални групи од цела Македонија на основа на принципите на заедништво, солидарност и меѓусебна соработка, транспарентност во застапување на заедничкото добро, а не партикуларното, промоција на финансиски одржливи граѓанско-јавни форми на партнерство со заедницата, наспроти приватно-јавни форми на клиентелистички интереси. Овие принципиелни и идеолошки постулати се исклучително важни при создавањето на општествен дијалог и залагање за прогресивни социо-културолошки вредности и културни политики.

„Јадро“ е своевиден феномен кај нас, бидејќи успеа да обедини голем број организации, поединци и неформални групи од цела Македонија на основа на принципите на заедништво, солидарност и меѓусебна соработка

Во име на асоцијацијата „Јадро“ неодамна имавте јавна реакција и барање за средба со министерката за култура Ирена Стефоска, незадоволни од состојбите на културната сцена кај нас. Што беше причината за реакцијата?

– Како што знаете, јавната реакција беше сеопфатна во однос на забелешките. Иако со години се соочуваме со многу предизвици, меѓу кои: недоволното капацитирање на секторот, политизацијата и партизацијата на одлучувачките процеси, несоодветната бирократизација, работничките права и профилијацијата на независните културни работници како самостојни чинители на дејност, проблемите врзани со недоволната видливост, капацитирање и препознаеност на работата на организациите надвор од главниот град, несеопфатните мерки во однос на пандемијата, недоволниот ангажман околу анализирање на потребите, условите за работа, како и стандардот на живот и преживување на културните работници и соодветен системски и финансиски одржлив одговор кон истите. Сето тоа е од исклучително значење и изискува отворање на дијалог за заедно да се слушнеме, понудиме идеи и најдеме решенија.

Се оствари ли бараната средба?

– Бараната средба со министерката за култура се оствари, а со тоа се отвори и простор за серија последователни консултативни средби со различни сектори, со цел да се навлезе и во проблемите што се пречка за спроведувањето на добрите практики, какви што се: непотребна дополнителна бирократизација и отежнување на спроведување на проекти, неразбирањето на улогата на интердисциплинарната дејност, која конкретно е етаблирана да опслужува комплексни интерсекторски проекти со капацитирачки афинитети, нередовното исплаќање на средства за завршени проекти, ниту пак навремено отпочнување процеси на договори во новите проектни години, недостигот на поголема видливост и препознавање на организациите кои работат надвор од Скопје, професионализација на институциите што значи декларативно прекинување со партиски вработувања и со тоа препознавање на вистинските вредности на културните работници, и многу други прашања. Исто така, прашањето зошто се оддолжува гласањето на новиот закон за јавен интерес во културата и какви заткулисни и нетранспарентни појави го одложуваат тој процес. Иако ова што го набројувам е многу, тоа е, сепак, само дел од проблемите што се наталожени и за кои треба да се дискутира натпартиски и со учество на заедницата.

Членови на „Јадро“ имаа онлајн средба со претседателот Пендаровски, на која ги искажаа своите заложби за прогресивни културни политики и за одржлив развој на независниот културен сектор

Претставници на повеќе организации на „Јадро“ имаа онлајн средба и со претседателот Пендаровски. Какви беа заклучоците од таа средба?

– Со претседателот Пендаровски, исто така, одржавме средба за подобро да го запознаеме со случувањата на сцената и со предизвиците со кои независниот културен сектор се соочува. Таа средба, исто така, беше значајна, имавме можност да го запознаеме со состојбите на сцената и да ги слушне нашите гледишта и ставови. Очигледно е дека тој ја следи работата на „Јадро“, така што актуелните застапувачки активности не му беа непознати, напротив. Тој ја поддржува нашата заложба за прогресивни културни политики и за одржлив развој на независниот културен сектор и истакна дека и понатаму останува отворен за дијалог и дека ќе ги следи и поддржува понатамошните застапувачки активности на асоцијацијата.

На кој начин, според членовите на „Јадро“, може да се подобри состојбата на културната сцена кај нас?

– Состојбата може да се подобри со отворање на дијалог и искрена желба за промени во начинот на кој функционираат работите во институции како Министерството за култура, кои се темели на развојот на културните политики и одржлив развој, како на националните установи, така и на независниот културен сектор, кој е најдинамичен и најпрогресивен во однос на програмските содржини и квалитетот во понудата, како и во однос на отчетноста во работата. Сите ние делуваме во Македонија, која е неверојатно богата мултикултурна и мултиетничка држава, со извонредно вредни и талентирани поединци и организации, кои со години градат заедништво и јазик на солидарност, и на кои ниту наметнатата политизација спроведувана со години не може да им го наруши духот на заедничкото критичко промислување на културата. Членките на „Јадро“, но и сите останати активни во независниот културен сектор, се уморни од празни ветувања. Моја лична заложба и на „Јадро“ е да истраеме во процесите на директен дијалог, јавно информирање и споделување на сите отворени дијалози и барања на системски промени кои ќе ја подобрат работата на културните работници и независните организации и сите останати кои се чувствуваат засегнати и запоставени во сегашниот политички момент.

Резултат на дел од активностите на „Јадро“ се основањето на Културно-социјалните простори „Центар-Јадро“ во Скопје и „Подиум-Јадро“ во Кавадарци. Дали тоа значи дека локалната самоуправа е пофлексибилна во реализацијата на некои од вашите планови?

– И денес, како и досега, клучна активност на асоцијацијата е да се продолжи со залагање за создавање на услови за одржлив развој на уметничката сцена. Еден таков значаен исчекор е формирањето на инклузивни простори, јавни-граѓански партнерства каде што ќе се негува демократска и прогресивна култура, преку афирмација на автори и развој на уметнички и социо-културни практики во сооднос со локалната заедница. Локалната власт секогаш имала повеќе чувство за овој институционален модел, што е и очекувано. Клучно е што во сите одлуки директно се вклучени и граѓаните од заедницата, а тоа овозможува дијалогот за основање да тече транспарентно и да минува низ сите правни чекори со јавна дебата. Овој процес, според својата природа и методологија, е и едукативен за локалната заедница, бидејќи кај нас за прв пат во овој неолиберален систем бараме културата да се почитува како вредност реализирана преку принципот на цивилно-јавно партнерство, кој не е профитно ориентиран. Секако, кога нешто се прави за прв пат процесот трае подолго, но тоа е во ред, бидејќи подолгиот пат вреди да се изоди кога се залагаме за заедничкото добро. Тоа што е многу важно е дека локалната самоуправа станува свесна дека единствено одржливи се институциите кои можеме заедно да ги изградиме на правен основ, но и на одржлив и отчетен финансиски пристап кон заедницата. Заврши времето на трошење средства од граѓаните за неодржливи проектни модели на поединечни организации, па колку тие да биле краткорочно атрактивни поради својата локација или име. Време е да се вратиме на принципиелното и одржливо работење и на континуираното градење на взаемен дијалог, бидејќи создавање културни и општествени вредности за заедницата е од интерес на сите нас.

Со истражувачкиот проект „Недисциплинирана изградба на архив“ уметникот Јане Чаловски е претставен на групна изложба во Рим

Вашата примарна дејност е во областа на визуелните уметности. Заедно со Христина Иваноска сте дел од групна изложба во Националниот музеј MAXXI во Рим. Во последно време живеете на релација Скопје – Берлин. Кои проекти најмногу ве преокупираат во овој период?

– Ми претставува вистинска чест што дел од мојот обемен и долгогодишен истражувачки проект „Недисциплинирана изградба на архив“ (Undisciplined Construction of an Archive) е претставен на изложбата „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ во Националниот музеј на уметностите на 21. век – MAXXI во Рим. Изложбата е курирана од легендарната словенечка кураторка на современа уметност Зденка Бадовинац и беше задоволство да реализирам нова скулптурално-архитектонска инсталација во која е интегриран дел од архивскиот материјал од сега веќе непостоечкиот Завод за урбанизам и архитектура, а кој се однесува на постземјотресно Скопје. Христина Иваноска (сопруга на Јане, н.з.) се претстави со инсталација која се состои од печатен материјал и избор на видеа под наслов „Документот што недостасува“, кој се однесува на непостоечката, маргинализирана и заборавена историја на жените во Македонија.

Последниве девет месеци за Јане Чаловски, Христина Иваноска и синот Теодор се работно и приватно интензивни и инспиративни

Неодамна од печат излезе публикацијата „Македониум: Драматургија на недовршеното“, колаборативен авторски проект со Христина Иваноска за кој подготвуваме соодветна промоција во Скопје и Хановер. Интересно е што за минатата есен имавме можност со Христина и нашиот син Теодор да отпочнеме и студиски престој во Берлин, така што последниве девет месеци се навистина работно и приватно интензивни и инспиративни.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 84, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот