Интервју со Јан Стефановски и Иван Кукиќ: Да се биде дел од Влатко Стефановски трио, пред сѐ, е чест и задоволство

Сон на секој музичар е да настапи со филхармониски оркестар, а на младите Јан Стефановски и Иван Кукиќ тој сон веќе им се оствари со концертот на Влатко Стефановски трио со оркестарот на Филхармонија на РСМ под диригентската палка на Џијан Емин во организација на „Баги комуникации“.

Прославувањето на 30-годишнината од независноста на Македонија даде силен поттик културните оператори да организираат настани што ќе бидат достојни на големиот јубилеј. Меѓу најзначајните и најатрактивни концерти беше настапот на Влатко Стефановски трио со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Џијан Емин. Концертот имаше одличен одзив во јавноста, а новите аранжмани за симфониски оркестар на дел од песните на „Леб и сол“ и на најголемите хитови од албумите на Влатко Стефановски предизвикаа френетично воодушевување кај публиката.

Дополнителна доза атракција дава и фактот што гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски во последниве две години во своето трио вклучи двајца млади и исклучително талентирани музичари. Јан Стефановски, кој настапува на тапани, е негов син и повеќе од очигледно станува чија генетска структура носи во својот организам. Покрај неформалното музичко образование што Јан го стекнувал во својот дом во текот на целиот живот, тој студира на Музичката академија во Штип, на насоката џез-тапани.

На бас-гитара во триото свири Иван Кукиќ, кој исто така потекнува од познато музичко семејство. Кукиќ студира Музичка продукција и дизајн на звук во Белград. Од почетокот на 2019 година двајцата млади музичари заедно со Влатко Стефановски настапија на повеќе од 50 концерти кај нас и во регионот. Концертот со филхармониски оркестар со сигурност можеме да кажеме дека е врв во нивната досегашна кариера. Со намера да го опипаме актуелниот музички пулс, но и да им дадеме поттик за понатамошен развој, разговаравме со Јан Стефановски и со Иван Кукиќ.

Какво беше вашето чувство и со какви искуства се здобивте со концертот на Влатко Стефановски трио со оркестарот на Македонската филхармонија на 6 септември годинава?

Јан: Изведување и делење сцена со Македонската филхармонија беше спектакуларно доживување. Секако, за тоа е заслужен маестрото господин Џијан Емин, чијашто идеја беше да дојдеме јас и Кукиќ и да бидеме дел од овој прекрасен настан. Морам да признаам дека пред концертот ми се појавија неколку пеперутки во стомакот, но, како што почнавме, сета таа „трема“ спадна на минимално ниво. Инаку, јас лично се чувствував прекрасно додека ги свиревме композициите, бидејќи самиот сум огромен фан на целото творештво на татко ми и може да се каже дека сите негови песни и албуми ги имам преслушувано и анализирано до степен да ги знам повеќето напамет.

Иван: Тоа чувство не се опишува со зборови, треба само да се почувствува. Едно огромно искуство за мене и огромна чест и одговорност да се споделат тонови со оркестарот на Македонската филхармонија и да се свири музика од легендарните „Леб и сол“ заедно со Влатко Стефановски во живо. Имам, можеби, малку искуство со оркестар како контрабасист од средношколските денови, но за првпат ја почувствував магијата и одговорноста кога помеѓу цел оркестар басот зависи од мене и тоа е баш возбудливо, кога мораш да внимаваш на секој чекор за да го зачуваш призвукот на оригиналната музика и да биде добро за слушателите и за целата екипа на сцената.

Со текот на годините со триото стигнуваме до високо ниво на музичка интуиција, разбирање и меѓусебна комуникација, и на сцена и во студио / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Двајцата сте дел од Влатко Стефановски трио веќе неколку години. Како го прифативте предизвикот на млади години да бидете дел од групата на еден од најпознатите гитаристи на ова време? Дали за Јан како негов син тоа беше логичен редослед или нешто друго влијаеше врз одлуката?

Јан: Мислам дека голема олеснителна околност беше тоа што и јас и Кукиќ бевме и уште сме големи фанови на татко ми. Како што кажав погоре, знаејќи ги 90 отсто од неговите песни и многуте албуми на „Леб и сол“, ми претставуваше огромно задоволство и среќа што добивам шанса да ги изведувам ем со него ем во живо. Секако, на почетокот имав повеќе трема, и општо ни требаше некој период додека се „залепиме“ како трио, но, ете, полека со годините стигнуваме до високо ниво на музичка интуиција, разбирање и меѓусебна комуникација, и на сцена и во студио.

Иван: Да се биде дел од Влатко Стефановски трио за мене, пред сѐ, е чест и задоволство, предизвикот беше огромен да се прифати реалноста. Реалност баш затоа што кога почнавме да настапуваме заедно и кога ќе погледнав кој стои на другата страна од сцената, ми беше како филм и неверување, но како што велат – времето си го прави своето, па така јас денес сум уверен во тоа што се случува и сум пресреќен што имам можност да учам од најдобриот. Тоа искуство и таа енергија што ни ја пренесува маестро Влатко Стефановски на мене и на Јан е еден од клучните моменти во нашиот живот и во музичката кариера, како начин на размислување и носење правилни одлуки во различни ситуации. Тоа не се учи на ниеден факултет и го нема во ниедна книга, затоа сум среќен и горд што, ете, така требало да биде и дека во годините на развој учиме многу.

Иван Кукиќ – Искуството и енергијата што ни ги пренесува маестро Влатко Стефановски на мене и на Јан е еден од клучните моменти во нашиот живот и во музичката кариера / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Што значи да си дете на Влатко Стефановски, односно на Ленче и Горан Кукиќ? Колку „сенката“ на родителите ви оди во прилог за вашиот личен развој како музичари и дали и колку родителите имаа улога во вашата определба да се занимавате со музика?

Јан: Цел живот сум заљубен во тапани, од мал се сеќавам дека кога татко ми имаше проби, јас како хипнотизиран се ѕверев во тапаните. Што значи, „сенката“ на татко ми баш и немаше влијание врз тоа како ми се развиваа интересите за музика и инструменти, но верувам дека генетиката има поголема улога во тој аспект. А, инаку, „сенката“ на татко ми почна да игра улога откога сме заедно во бенд, да си дел од Влатко Стефановски трио, секако, бара едно ниво на дисциплина, точност, подготвеност и снаодливост. Но, фала богу, секогаш ако ни треба некој совет или помош за кое било прашање, спремен е да зборува од неговото 40-годишно искуство и да ми помогне и мене и на Кукиќ.

Иван: Моите родители се мојата најголема поддршка и секогаш ги добивам најдобрите совети од нив и, се разбира, секогаш стојат зад тоа што јас го правам, така што таа „сенка“ мене ми е на некој начин животен пат, бидејќи уште од мал го следам патот на моите родители и така и ќе продолжам.

Јан Стефановски – Едноставно, се покажа дека мојата привлечност кон тапаните е, всушност, вродена / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Зошто токму тапани, односно бас-гитара? Кога и зошто одлучивте токму тие да бидат вашиот инструмент?

Јан: Како што споменав и погоре, откога знам за себе, знам и за тапани. Имам едно многу јасно сеќавање од далечната 2003 година, кога во нашето студио се одржуваше проба на татко ми со тогашното трио. Паметам дека како вџасен гледав во тапаните и тапанарот и веднаш знаев дека сакам на некаков начин и јас да се занимавам со тоа. Татко ми ја забележа таа моја љубов и за мојот петти роденден ми купи мал сет џез-тапани што ги свирев сè до 2019 година. Едноставно, се покажа дека мојата привлечност кон тапаните е, всушност, вродена.

Иван: Пресудниот момент за да почнам да свирам бас-гитара беше доста интересен. Кај нас во студиото се снимаше еден материјал каде што мојот чичко Зоран Кукиќ, инаку басист на група „Јупитер“, свиреше бас-гитара и имаше една нумера каде што басот имаше фантастична линија интерпретирана од чичко ми и јас буквално секој ден го слушав тоа. Еден ден ми дојде идеја да ја земам гитарата од чичко ми и да пробам јас да го свирам истото. Со многу труд успеав во тоа и оттогаш бас-гитарата ми стана прв инструмент.

Покрај родителите, кои се вашите музички идоли, автори и групи, кои сакате да ги слушате и од кои сте учеле финеси за свирење на вашите инструменти тапани, односно бас-гитара?

Јан: Можам да кажам дека најголемата отскочна штица кон посериозните тапанарски води ми беше, и сè уште ми е, Џеф Поркаро, односно поранешниот тапанар на американската група „Тото“. Кога го слушнав неговото исклучително иновативно решение на песната „Росана“, веднаш се заљубив во неговиот стил, имиџ и творештво. Кога почнаа да ми се шират малку повеќе музичките хоризонти, многу го засакав Стјуарт Коупленд од многу познатата група „Полис“. Со текот на времето почнав да слушам уште многу бендови со многу добри тапанари, меѓу кои денес омилени ми се: Вини Колајута, Били Кобам, Гевин Харисон, Тод Сукерман, Ману Каче и други. Секако и од нашата земја има тапанари што ми имаат оставено огромен печат во моето развивање како тапанар, а тоа се: Гарабет Гаро Тавитјан и Михаил Парушев.

Иван: Уште како мал слушав секаков вид музика и можам да кажам дека пораснав со квалитетна музика и до денес не можам да се определам стилски точно што слушам и што свирам. Музиката е љубов, емоција, хармонија, музиката може да направи чуда, така што сè што е добра музика, јас сакам да ја слушам и да учам и да интерпретирам.

Да си дел од Влатко Стефановски трио, секако бара едно ниво на дисциплина, точност, подготвеност и снаодливост / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Каде себеси се гледате како инструменталисти во наредниве години и какви се вашите планови? Дали планирате да останете во Македонија или како и многу млади луѓе сакате кариерата да ја градите во странство?

Јан: Сè уште не се брзам да достигам високи врвови по секоја цена. Верувам дека со текот на времето, тоа што треба животот да ми го приреди, ќе ми го приреди. Нормално, планирам да се занимавам со тапаните цел живот, бидејќи се активност што најмногу ме исполнува, но сакам да кажам дека полека и сигурно освојувам нови полиња и предизвици. Идеалната професија кон која се стремам е да сум таканаречен „Session and Studio Drummer“, што значи дека покрај тоа што стабилно ќе свирам во 3-4 бендови, ќе бидам достапен да снимам и да гостувам за разноразни артисти за разновидни жанрови музика.

Иван: Искрено би оставил патот што го одам да ме извади на вистинското место, немам посебни планови. Нормално, сите си имаме фантазии и се трудиме да ги оствариме, но сега не би планирал ништо посебно. Едноставно, ќе оставам времето да си го каже своето.

Која е вашата порака до младите во Македонија?

Јан: Јас, сè уште, спаѓам во младото население на Македонија, така што ќе кажам што мислам дека сум научил во минатите години. Можеби ќе звучи многу банално и клише, но кога ќе фатиш да се занимаваш со нешто, не го пуштај на првата препрека, туркај се сам себеси да совладаш колку можеш повеќе и гледај да вложуваш многу љубов и труд во тоа што си наумил да го правиш.

Иван: Мојата порака до младите е да почнат да слушаат квалитетна музика и да се трудат да ги разберат вистинските вредности на уметноста. За жал, живееме во едно време каде што сè што е квалитетно е во заднина и тоа мене ми прави некаква грижа за тоа што би се случувало со генерациите што допрва доаѓаат. Секоја чест на исклучоците што ја негуваат уметноста на вистински начин, а јас би сакал моите генерации да го свртат погледот на една друга страна, затоа што сè што е во мода, не значи дека е најдобро.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот