Интервју со Деспина Ангеловска: Самата сум прободена од убавината на драмското творештво
Книгата „Поетики на современата европска драма и театар“ од Деспина Ангеловска е резултат на повеќегодишни академски и стручни истражувања, но и на лични и селективни размислувања и записи на театарски читател и гледач.
Препорачано
Значајни драмски автори од нашето време се застапени во книгата на д-р Деспина Ангеловска, која длабоко е посветена на театарската уметност и работи како професор на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, каде што предава Историја на светската драма и театар.
Нејзината книга побуди силен интерес кај театарската јавност, а на промоцијата на 28 октомври во Францускиот институт во Скопје говореа Деканот на ФДУ, Бесфорт Идризи, потоа Лада Стевановиќ, научен советник на Етнографскиот институт САНУ во Белград, и писателот Гоце Смилевски. Со авторката Деспина Ангеловска направивме синтетизиран преглед на содржината на нејзината книга.
На промоцијата на книгата „Поетики на современата европска драма и театар“ кажавте дека нејзиното создавање е враќање долг. Каков и кон кого?
– Пишувањето на оваа книга, посветена на творештвото на клучни современи европски драмски и театарски автори, за мене е суштински поврзано со долгот што го чувствувам кон нив и кон нивното бесценето завештание. Станува збор за автори што безрезервно се посветиле на театарот и уметноста, не губејќи ја тврдоглавата утописка верба во важноста на мисијата на овие. Творци што не се двоумат да потонат до дното за да ни помогнат да отскокнеме, ниту да се соочат со екстремното за ни овозможат да избереме помеѓу правдата и неправдата, и да ја пронајдеме нашата човечност. Тие за мене ја враќаат смислата на човековото постоење.
Се обидов вистината, човечноста, силата и убавината кои извираат од нивните творби да никнат и во срцето на оваа книга која сведочи за нив. Впрочем кај самите автори долгот кон оние што им го „осветлиле патот“ е пресуден: така оној кон Бертолт Брехт за Хајнер Милер, кон Едвард Бонд за Сара Кејн, кон Џорџ Штајнер за Тијаго Родригеш, итн.

Каков ориентир користевте при правењето на неслучајниот избор на теми, автори и текстови објавени во книгата?
– Книгата се осврнува на еволуциите на современата европска драма и театар преку анализата на – неслучајно – избрани дела на реномирани европски драмски и театарски творци, какви што се: Хајнер Милер, Горан Стефановски, Сара Кејн, Едвард Бонд, Јасмина Реза, Јон Фосе, Тиаго Родригеш, Мило Рау, Тифен Рафје и Каролин Гиела Нгуен, водечки фигури на современата театарска сцена во последниве децении, а кои, сепак, сè уште не биле предмет на посеопфатни теориски проучувања и публикации во Македонија.
Притоа нишката на книгата ги следи заемните испреплетувања и рефлектирања меѓу нивните творештва, кои го сочинуваат заедничкото европско културно и театарско наследство, и ги осветлува врските и одеците меѓу авторите од 21 век со авторите од 20 век. Изборот ги синтетизира и сублимира клучните тенденции на драмата и театарот на крајот на 20 и почетокот на 21 век, во потрага по нови драмски и сценски форми во добата на крајот на големите нарации, глобализацијата, дигиталните технологии и вештачката интелигенција. Притоа, она што е пресудно во изборот на авторите, тоа е нивната ангажирана потрага по нови утопии, и нивното залагање за театар што ќе биде простор на уметнички и политички отпор, нешто што за мене има големо значење.
Книгата поврзува драмски автори од 20 и 21 век. Низ каква општествена градација минува театарската уметност во овој период, и во однос на драмските автори и во однос на трансформациите во театарот?
– Првото поглавје во книгата е посветено на Хајнер Милер и на неговата пиеса „Хамлет-Машина“ (1977), која е пресвртница во современата драматика, означувајќи го крајот на традиционалниот драмски театар на крајот на 20 век, и воведувајќи една иновативна сценска (постдрамска) драматургија.
Надоврзувајќи се на оваа оставнина, поетиките на авторите од почетокот на 21 век ги преиспитуваат конвенционалните поделби и хиерархии меѓу драмскиот текст/драмскиот писател и претставата/режисерот во современиот театар отворајќи се кон сè поголемиот удел на сцената во творечкиот процес.
Театарот, кој порано бил уметност „во две етапи“ – онаа на пишувањето на драмскиот текст и неговото поставување на сцената – се претвора денес во уметност во една единствена етапа, онаа на „сцената“. Драмскиот/театарскиот автор од 21 век, кој честопати е истовремено актер и/или режисер, се јавува како „писател на сцената/сценски писател“.
Новите сценски текстови на повеќестраните театарски автори, освен тоа, честопати се колективни креации, создадени во соработка со актерите. Следејќи ја понатаму еволуцијата, односно „дедраматизацијата“ на драмската форма, во книгата се разгледува и значајното место што го зазема денес адаптирањето на недрамските и романескните дела на театарската сцена.
Конечно, уште една клучна одлика на поетиката на театарот на 21 век, тоа е неговата мултимедијална хибридизација, каде видеото/филмот и дигиталните технологии заземаат значајно место.

Во книгата ги посочувате клучните револуции низ кои поминал театарот. Какви револуции може театарот да предизвика во општеството?
– Во книгата се осврнувам на ангажирани творци кои, во срцето на своите преокупации, го поставуваат прашањето за способноста на драмата и театарот, денес, да ја прикажат стварноста, но и да ја променат. Едвард Бонд, чиј ангажирана театарска поетика зазема централно место, пишува: „Без утопија не би можело да има приказни, ниту човечки битија“.
Авторите на кои се задржувам се стремат кон еден театар отаде постмодернизмот, кој игра клучна демократска улога во современото општество и се гради, пред сè, како простор на отпор. Притоа, почетокот на 21 век е особено обележан од еден глобално ангажиран театар, односно, од стремежот кон еден солидарен, утописки и катарзичен театар на иднината, кој е истовремено закотвен во стварноста на светот, како што тоа се гледа и низ примерот на активистичкиот театар на Мило Рау, кој нуди конкретни решенија наспроти итните глобални предизвици.
Во современата дигитална доба, главната моќ на театарскиот медиум лежи токму во фактот дека тој е „човечко собрание“, жива и пулсирачка „заедница лице в лице“ како што тоа го нагласува португалскиот режисер Родригеш. На прашањето, пак, дали театарот може да го промени светот, француската авторка и режисерка Нгуен одговара дека треба најпрво да се види како она што го прават ќе го смени животот на самите изведувачи и гледачи. Во своите креации, каде средбата со Другиот е клучна, таа му дава нов импулс на политичкиот театар со посредство на емоциите, претворајќи го во театар што ги допира луѓето право во срце, наведувајќи ги да дејствуваат.
Tеатарот кон кој се стремат анализираните автори ги менува животите на луѓето, и го менува светот. Ќе ја цитирам Сара Кејн, која, осврнувајќи се на претставата „Луд“ (1992) од Џереми Велер, ќе рече: „Тaа го промени мојот живот зашто го промени начинот на којшто размислувам, начинот на којшто се однесувам. Ако театарот може да менува животи, тој може да го промени и општеството“.
Покрај значајните европски драмски автори, во книгата одвојувате простор и за македонскиот автор Горан Стефановски и неговата пиеса „Одисеј“. Во каква релација го истражувавте Стефановски?
– Во книгата три од поглавјата се посветени на пиесите на Стефановски, кои ги разгледувам како особено репрезентативни за клучните тенденции во современата европска драматика. „Одисеј“ ја истражувам од еден посебен агол, оној на дестабилизирањето на еднозначните поимања на потеклото, идентитетот и родната земја во современиот свет на постојани миграции.
Отклонувањето и препрочитувањето на одисејската матрица што го прави Стефановски го надоврзувам на концептите на постколонијалната теорија и на современите рефлексии за егзилот и мигрантството. Така, го разгледувам невозможното враќање дома во пиесата на Стефановски, во која тоа се разоткрива како втор егзил: отсуството и времето ја промениле и поместиле сонуваната Итака што Одисеј повеќе не ја препознава како своја.
Тој, всушност, никогаш нема да може да се врати дома затоа што егзилот, отсега, се населил во самото срце на повратникот, но и на домот. Горановиот современ „theatrum mundi“ се јавува како проникнат од децентрираната визија на повеќедомноста, мигрантството и суштинската хибридност на идентитетите и културите, при што интеркултурниот театар осамнува како неговиот „усвоен дом“ и сонуваната Итака.

Книгата содржи 13 поглавја и епилог. Кому му го посветивте епилогот?
– Во книгата се вовлекува и своевиден „натрапник“, чие наследство го трансцендира времето и се разоткрива како клучно за современиот европски театар. Епилогот е посветен на препрочитувањето и претставувањето на пиесите на Чехов, и особено на „Вишновата градина“, преку нејзините клучни поставки од страна на големите европски театарски режисери во последните децении. Притоа пиесата тестамент на Чехов станува симбол на исчезнувањето што му се заканува на театарот денес, во ерата на дигиталната разонода.
Епилогот еднакво му го посветувам на мојот професор од универзитетот Нова Сорбона во Париз, театарскиот критичар и есеист, автор на повеќе од триесетина книги за театарот, Жорж Бани. Самиот Бани, осврнувајќи се на мисијата што си ја задава, да биде раскажувач и пренесувач на меморијата за театарот на нашето време, вели: „Во овој последен, нужен и добредојден, час, самиот си ја доделувам улогата на Хорацио за да ја зачувам оставината за која се чувствувам одговорен (…) Театарот сè уште не е претворен во пепел, туку е врела жар, чие гаснење се обидувам да го одложам“. Тоа е, можеби, и клучната задача што си ја задавам со оваа книга: да придонесам за пренесувањето на сеќавањето за театарот.
Дипломиравте на Универзитетот Нова Сорбона во Париз и долго време живеевте таму. Како се случи да се вратите во Македонија и да станете професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје?
– Всушност, живеењето, истражувањето и творењето на крстопатот на културите, меѓу Македонија и Франција, е нешто што ме придружува уште од мали нозе. Станува збор за она што Едвард Саид го дефинира како состојба на бидување „меѓу-светови“ и која за мене е клучна творечка и животна позиција, нешто што има свои предности и недостатоци, но се работи за конститутивно децентрирање во мојов случај. Саид така зборува за „контрапункциската“ односно децентрираната и удвоена визија на мигрантот или егзилантот, кој, живеејќи меѓу два света, е секогаш свесен за постоењето на барем два дома.
Поконкретно, по повеќегодишно живеење во Париз, почнав да предавам на ФДУ во 2021 г., во контекст на епидемијата на ковид-19. Морам да кажам дека студентите и професорската професија имаат мошне силна привлечна сила на која тешко може да се одолее. Една од моите задачи е да им го пренесам на студентите заедничкото светско театарско наследство.

При посетата на реномираниот француски театролог Патрис Павис во Скопје координиравте повеќе негови активности на ФДУ, УКИМ и во Францускиот институт. Какво значење има неговата посета за академската средина во Македонија?
– Павис, еден од најзначајните театролози во светски рамки, последнава година во два наврата гостуваше на Факултетот за драмски уметности. Најпрво, во мај 2025 г., кога одржа тридневна работилница со учество на студентите од нашиот факултет и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, во чие конципирање и организирање бев максимално вклучена. Дополнително, ја обмислив и трибината што се одржа во Францускиот институт во Скопје, на која на публиката ѝ беше претставено неговото творештво.
Конечно, на 21 октомври 2025 на Павис му беше доделена титулата почесен доктор на УКИМ, и повторно бев интензивно вклучена во овој процес. Павис е првиот почесен доктор на Факултетот за драмски уметности и тоа за нас претставува огромна чест и придобивка за меѓународно позиционирање на нашата институција.

Убавината во Вашата книга се наоѓа во убавината на драмските дела спомнати во неа. Каде и како Вие ја пронаоѓате убавината во театарот и во светот?
– Ќе се повикам на концептот на пунктум што го разработува Ролан Барт во „Светла комора“ подразбирајќи крајно лично значење, втемелено во детаљот, кој неочекувано го привлекува и го задржува погледот на гледачот, душевно „прободувајќи го“ или „ранувајќи го“ како „стрела“.
Во записите за театарот на Жорж Бани, пунктумот станува она што го осветлува мигот и го прави незаборавен, како во примерот на расцутениот бел овоштарник што ја проникнува првичната визија на Чехов за „Вишновата градина“.
Така, и јас самата сум прободена од убавината на творештвото на Чехов и на авторите на кои ја посветив оваа книга, како и на многу други автори за кои им предавам и на студентите на ФДУ.
Проникната сум и од убавината на природата, на дрвјата, толку поеволуирани од нас, складирајќи го и преработувајќи го јаглерод диоксидот од нашата атмосфера, но кои денес, за жал, масовно страдаат од дефорестацијата и од глобалното затоплување. Водно е мојата вишнова градина, на која, за жал денес ѝ се заканува исчезнување. Благородното лице и погледот на животните ме прободува исто.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 306, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.11.2025)


