Интервју со Бојана Скендеровски: Сопругот Васко е мојот лек секогаш кога ќе се разочарам

Фото: Приватна архива

Со поп-пејачката Бојана Скендеровски во интервју за „Слободен печат“ разговараме на многу теми: од љубовта и бракот, до естетските корекции, убавината, дружбите со колегите, предизвици, препукувањата на социјалните мрежи….

Неодамна беше промоцијата на твојата песна „Лажни светови“. Кои се твоите впечатоци?

– Имам искрена песна, на која ѝ дадов многу душа и сум своја на своето, не се оптоварував да следам трендови, се слушав себеси и мојот вкус.

Фото: Приватна архива

Сметаш ли дека сега сè поретко има промоции, на кои ќе се соберат пријатели, колеги, новинари. Сега промоциите се сведоа само на Јутјуб?

– Да, живееме во малку депресивна атмосфера и како да сме зачудени ако некој прави физичка промоција, сè уште сметам дека личниот, непосреден контакт не може да го замени ниту еден дигитален свет. Сметам дека тие промоции сè уште се можност да се видиме со колегите, соработниците, да бидат можност за инспирирање соработки и слични нешта.

Фото: Приватна архива

Актуелно во изминатиов период беше карванот „Македонијо во срце те носиме“. Тешко ли беше да се соберат толку уметници на едно место и да се отпеат можеби и најубавите македонски песни?

– Можеби беше малку напорно за период од пет месеци да се снимат 12 преработки, 12 видеа и да се организираат 8 концерти, но не беше тешко. Уживав во работата со сите нив. Додека ги правевме концертите, имаше многу смеа, замор, дружба и навистина „кој пее зло не мисли“. Плоштадите беа полни со возрасти од 7 до 77, за мене тоа е најголемата победа, дека со македонската музика се полнат плоштади.

Фото: Приватна архива

Како поминуваа дружбите со колегите?

– Најубавиот дел за мене беше кога по секој концерт ќе седневме да одмориме и да вечераме, и тогаш пеевме за своја душа, во еден момент спонтано се почнуваше некоја песна и ја пееја сите, замислете 12 грла од познати пејачи во еден глас кога ги пеат најпознати македонски песни. Бесценети моменти.

Фото: Приватна архива

Колку години си во брак со сопругот Васко и како почна вашата љубовна приказна?

– Jас и Васко сме заедно веќе 10 години, ми се чини половина живот поминал, од толку многу нешта што сме ги поминале заедно, кои сме ги изградиле заедно. Се запознаваме случајно преку заеднички пријател, и ниту јас ниту тој не очекувавме дека во тој момент го запознаваме својот животен партнер.

Фото: Приватна архива

Со што те освои и што е она што најмногу го сакаш кај него?

– Васко е непоправлив оптимист, тој е буквално човек што има мото дека надежта последна умира и секогаш дава шанса уште еднаш, е таа негова упорност ме плени од прв момент. Јас сум уметник, емотивна и знам побрзо да се разочарам од неправди, тука балансирам со неговото влијание… Прекрасен татко е, добар и лојален пријател и голем професионалец во својата работа. Ние сме пар кој сака да учи еден од друг, затоа можеби сме добар тандем и приватно и професионално.

Фото: Приватна архива

Дали си строга мајка и како успеваш да ги ускладиш и мајчинството и кариерата? Колкава разлика се Искра и Ѓорѓи? Како е кај вас дома кога сте сите заедно?

– Строга мајка сум, сакам да се знаат границите, сакам да има ред, но сакам и премногу да гушкам, да пеам со нив, да ја гледам изложбата од цртежи на Искра, таа обожава да црта, Ѓорѓи обожава да црта Спајдермени… сакам нежности, но сакам и дисциплина. Искра има шест години, таа е првоодделенка, Ѓорѓи има четири и пол години, тие се мала разлика. А, дома е секогаш весело, бучно, креативно, позитивно и растурено.

Фото: Приватна архива

Колку често си на социјалните мрежи и колку се соочуваш со негативни или непристојни коментари?

– Социјалните мрежи се место каде што секој има право да го каже своето мислење, да го покаже своето воспитување или невоспитување, и својата позитивна или негативна енергија, да ги покаже своите доблести или, пак, фрустрации, па така секој со својот ум се претставува себеси… Нормално е да има секакви коментари, но многу често се тоа прекрасни коментари полни со љубов отколку лоши искуства.

Како и секоја жена, дали внимаваш на изгледот и како ја градиш самодоверба?

– Се разбира дека внимавам, освен од интелектуалната надоградба што сметам дека е многу важна, својата самодоверба ја црпам и од тоа колку сум задоволна од својот изглед, сепак, добриот изглед е уште еден факт колку се почитувате себеси и каква култура на живеење имате.

Фото: Приватна архива

Што мислиш за естетските корекции и дали си и ти од оние жени што сакаат на некој начин да ја одржат убавината и младешкиот изглед на овој начин?

– Во 21 век естетските корекции се можност да бидете уште повеќе задоволни од себе, но сè треба да има граници, тоа не значи дека треба да се претерува, да го смените личниот опис и да немате ништо свое, ако е така, тогаш проблемот не е само естетски. Поддржувам сè што може да ве направи позадоволни од себе, но во умерени граници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот