Интервју со Благој Мицевски: Сѐ потешко се постигнуваат и се одржуваат саканите стандарди

Еден од најкреативните и најплодни македонски костимографи, Благој Мицевски, чија матична сцена е Народниот театар во Битола, на 2 ноември одбележа 30 години творештво во областите на театарот, операта и танцот.

Костимографот Благој Мицевски во својата 30-годишна професионална работа на театарската сцена има креирано огромен број костими за театарски, оперски и танц претстави, а двапати има работено и на филм. Својот личен јубилеј го одбележа со изложба на костими во Офицерскиот дом во Битола, а отворањето на изложбата беше дополнето со изведба на кореографијата „Котел“ на Рисима Рисимкин во Домот на културата.

Настанот беше поддржан од Општина Битола, како дел од манифестациите што се одржуваа по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот Битола – 4 Ноември.

Триесет години работа во 54 години живот звучи како фантастично исполнето животно искуство. Како ја чувствувате изложбата на костими „Опера Драма Балет“, која на 2 ноември беше отворена во Офицерскиот дом во Битола?

– Кога се навраќам наназад на моите почетоци по враќањето од студиите во Загреб, а заради почетокот на распадот на тогашната држава и војната што започна во регионот, во целата несреќа имав огромна среќа многу брзо да станам дел од театарот во Битола, каде што сум до ден-денес и каде главно се реализирав како уметник и го стекнав тоа фантастично исполнето животно искуство, како што го нарекувате. Самата изложба ја доживувам како едно заокружување на работата во тој период од триесет години, на огромен број проекти, сега со посебен осврт на последната декада, затоа што најголемиот број проекти се обработени и се издадени во монографијата за седумдесет години на Битолскиот театар. Особено ми е драго што изложбата е дел од прославата на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот кому толку многу му дадов, а тој тоа го препознава.

Отворањето на изложбата во Офицерскиот дом во Битола го поздравија градоначалникот Тони Коњановски и директорката на КИЦ-Битола, Лили Бошевска / Фотографија: Кети Талевска Бакревска

На изложбата се претставени костими од три сценски уметности. Како да се почувствуваат нијансите во изработката на костимите за секоја уметност посебно? Можно ли е такво нешто?

– Секако. Операта, драмата и балетот имаат свои специфики што се однесуваат и на дизајнирањето и на изработката на костимите. Од изборот на материјали што се различни, функционалноста и начинот на изработка, па сѐ до она што костимот претставува на сцена при реализација на определен проект. Во драма, секако, е најважно костимот да определува одреден лик, во балет да е изработен од материјали што го овозможуваат движењето на танчарите, додека во опера, пак, најчесто имате и хор што со својата бројност значајно влијае врз целокупната слика во определен момент. Секако дека и во сите три уметности сме сведоци на осовременување на визуелниот израз, па потрагата по нови можности и начини на изработка на костими е постојан процес.

На кој начин беше направена селекцијата на претставените експонати на изложбата и кој беше првиот критериум при изборот?

– Изложбата се состои од два дела. Првиот дел се избрани костими на Народниот театар во Битола што се од претстави чии премиери се случиле на „Битола Шекспир Фестивал“, во периодот кога бев уметнички директор на театарот и го реализиравме фестивалот на кој амбициозно поставувавме Шекспирови дела. Станува збор за петнаесет костими од претставите „Антоние и Клеопатра“, „Сонети“ и „Сон на летната ноќ“, изложени на кукли. Вториот дел од изложбата се состои од триесет фотографии во голем формат што се од претстави во театри, опери и балети што сум ги работел кај нас и во странство, а публиката во Битола и пошироко немала можност да ги види во живо. Тие визуелно претставуваат една целина, но сепак, се само мал дел од сѐ што и каде сум работел.

Самата изложба ја доживувам како едно заокружување на работата во тој период од триесет години / Фотографија: Кети Талевска Бакревска

Како се случи вашиот животен избор професионално да се занимавате со костимографија? Што конкретно ве внесе во дизајнот на костими?

– Искрено кажано, сакав да бидам сликар, а сега понекогаш ми е криво што веднаш не станав режисер, сепак тоа е професија што ги обединува сите сегменти што ме интересираат во театарот. Уште како средношколец се дружев со луѓе што беа во и околу театарот, денес познати актери, режисери и сценографи со кои многу сме соработувале, па некако природно беше да се најдам и јас таму. Занаетот и интересот за материјали го наследив од мајка ми, а основите на дизајнот во Загреб, во престижната „Школа за дизајн на текстил и облека“, каде што дипломирав со костимографија за „Големиот Гетсби“.

Логистичката поддршка е најважна, а таа во Битола секогаш сум ја имал и затоа едни од најубавите костимографии се реализирани токму тука / Фотографија: Кети Талевска Бакревска

Вашата основна работна средина е во Народен театар Битола. Колку логистичката поддршка од самата установа е предуслов за успешна креација на костимите за претставите?

– Како што реков и на почетокот, имав огромна среќа да работам во театарот во Битола уште од самиот почеток на мојата кариера, период во кој Битолскиот театар имаше огромна продукција, соработуваше со најзначајните режисери од регионот и со многу гости од странство и беше присутен на многу фестивали. Тоа придонесе да запознам и да соработувам со многу автори и среќен сум дека бев дел од тимот што остави силен визуелен и препознатлив печат во македонскиот театар, но и пошироко. Логистичката поддршка е најважна, а таа во Битола секогаш сум ја имал и затоа едни од најубавите костимографии се реализирани токму тука, за што сведочат и многуте награди што сум ги добивал. За жал, во моментов финансиите и условите за работа сѐ помалку го дозволуваат тоа кај нас, а како пример за најдобра организација и услови за работа би ја истакнал работата на претставите во Словенија.

Меѓу значајните соработки на Благој Мицевски во странство е работата на операта „Дон Карлос“ во Братислава

Во странство најчесто имавте ангажмани во опери и во претстави на словенечкиот режисер Диего Де Бреа, а успешна соработка имавте и со американскиот режисер Џон Блондел. Како се случија тие соработки и какви искуства ви донесоа?

– Со Диего Де Бреа се запознавме кога го поканив кај нас да ја режира претставата „Отело“ и од тогаш, еве во период од десет години, сме соработувале на петнаесет претстави од кои, сепак, најзначајни се трите големи опери „Ромео и Јулија“, „Дон Џовани“ и „Дон Карлос“, реализирани во Љубљана и во Братислава. Отприлика истата приказна е и за соработката со Џон Блондел, која се интензивира по нашиот историски настап, и по мене најголем успех на македонскиот театар, во легендарниот театар „Глоуб“ во Лондон, во друштво од 37 компании на 37 јазици од целиот свет, со две изведби на претставата „Хенри Шести, трет дел“. До сега заедно сме реализирале петнаесет претстави, исто така.

На танц сцената најмногу соработки имате со кореографката Рисима Рисимкин. Кои се спецификите на изработката на костими за балетски претстави?

– Со Рисима Рисимкин соработувам безмалку на сите претстави каде што таа е во улога на кореограф и режисер и таа е виновна за мојата работа во балетот и балетскиот костим. Би ги издвоил заедничките соработки на претставите во Љубљана, Ротердам, Анталија и Пекинг, како и сите претстави на „Скопје танцов театар“ кај нас.

Важно е да се каже дека станува збор за современ балет, што е можеби идеалната комбинација од танц и театар за мене како костимограф. Заедно созревавме сите овие години на премиери, фестивали, гостувања што кулминираа годинава со настап на „Скопје танцовиот театар“ во престижниот театар за танц „Шајо“ во Париз. Во подготовка сме на нов проект во моментов, а работата на танцов костим иако е специфична и тешка, еве не престанува секогаш да биде нов предизвик.

Кореографката Рисима Рисимкин и костимографот Благој Мицевски на сцена со танчерите во „Котел“ / Фотографија: Кети Талевска Бакревска

Кои се вашите предуслови да прифатите соработка како костимограф за одреден проект, независно дали станува збор за опера, балет, театар или филм?

– Јас по природа сум прилично отворен за соработка и не поставувам некои предуслови доколку проектот и авторите сакаат да соработуваат со мене или јас почувствувам дека тука се раѓа нешто ново и интересно. Сум соработувал со многу режисери и кореографи и листата би била бесконечна ако ги набројувам, а не би сакал некого да испуштам. Нормално дека постојано имам обврски и кон матичниот театар, но и свои приоритети. Сепак, најдобро се снаоѓам во работата во театар, а најтешко ми било работењето на филм.

Како се случи во последниве години почесто да се потпишувате како театарски режисер? Колку тоа ви ја олеснува работата околу костимографијата во одреден сценски проект?

– Како режисер работам последните години и тоа започна случајно со мојата прва претстава „Повест за Соњечка“, која имаше голем успех, па продолжи натаму со претстави што се прикажуваа на фестивали кај нас и гостуваа во странство. Сепак, најголем успех досега доживеа претставата „Без паника“, која е добитник на Гран-при за најдобра претстава и доживеа 100 изведби, што ја прави трета таква претстава во историјата на Битолскиот театар. Би ја издвоил и мојата режија во„ Кралскиот театар“ во Цетиње. Во моментов е актуелна мојата претстава „Мајка“ во театарот во Битола.

Работата како режисер за мене е некаков логичен след на настаните, затоа што многупати и до сега сум бил дел од режисерските концепти и решенија што сега, ете, имам можност сам да ги донесувам и артикулирам во мои претстави. Секако дека тоа многу ми помага и во работата како костимограф, која сепак, сѐ уште е поголем дел од мојот опус, во смисла на тоа дека подетално и попрецизно се занимавам со таканаречената драматургија на костимографијата и сценографијата во една претстава. За крај, сакам само да напоменам дека во време во кое кај нас се случува, јас би рекол рециклиран театар во најлоша смисла на зборот, сѐ потешко се постигнуваат и се одржуваат саканите стандарди.

Фотографија: Диоген Хаџи-Коста Милевски

Танц перформансот „Котел“ беше изведен во чест на креативната соработка

Творечкиот јубилеј на костимографот Благој Мицевски беше одбележан со изложбата на костими во Офицерскиот дом во Битола, а истата вечер, на 2 ноември, специјално за оваа пригода беше изведен и танц перформансот „Котел“ на кореографката Рисима Рисимкин.

Креативната соработка меѓу Рисимкин и Мицевски датира од 1993 година, а од 1996 година интензивно соработуваат на речиси сите нејзини кореографии. Заедно имаат остварено преку 30 проекти, кои патуваат низ целиот свет.

Посебно значајно е гостувањето што Рисимкин и „Скопје танцовиот театар“ го остварија во март 2022 година, кога беа дел од сезоната на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, која париската критика ја нарече брилијантна и софистицирана, а Рисимкин како извонреден авангарден кореограф.

Кореографијата „Котел“ е создадена во 2018 години од Рисима Рисимкин за „Скопје танцовиот театар“ и премиерно е изведена на „Танц фест Скопје“. Оваа кратка кореографија, на музика на Тони Китановски, со костимите на Благој Мицевски е оценета како извонредно достигнување и е селектирана на повеќе светски фестивали.

Фотографија: Диоген Хаџи-Коста Милевски

Во изведбата на „Котел“ на сцената на Домот на културата во Битола, на 2 ноември настапија членовите на „Скопје танцовиот театар“: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска и Бобан Русески; како и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип: Сара Димовска, Викторија Коцева, Стефани Шаршмит, Клара Христова и Микаела Ангела Глигорова.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 153, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот