ИНТЕРВЈУ со Биља Крстиќ: Ќе ви откријам една тајна, на новиот албум ќе се најдат три македонски песни

Ова е време кое нè повикува низ животот да одиме со ведар дух, срцето да ни биде топло и живо, исполнето со вера, надеж и љубов, способно да простува и да се кае, вели Крстиќ во интервјуто за „Слободен печат“.

Уметницата од светски глас Билјана Биља Крстиќ периодот на домашна изолација го минува креативно, се обидува да не шири страв и несигурност дома, го завршува изборот на песни за новиот албум на кој ќе се најдат дури три македонски песни – „Се посврши сербез Донка“, „Ти ли се најде Лено мори“ и „Калеш Анѓа“ но во потполно поинаков аранжман, а смета дека целата оваа ситуација која се случува во светот е големо искушение кое можеме да го победиме само со внатрешна револуција и работа на себе.

Ситуацијата со вирусот нè принуди да останеме дома, како поминува вашиот ден во изолација?

-Како и сите, се обидувам да не ширам страв и несигурност дома. Стравот е наша грижа и единствено можеме да го победиме со позитивни мисли, со некоја добра организација, со план. Многу е важно да се чувствуваме функционални зашто така се намалуваат емоциите на страв. Правам планови, измислувам и го користам ова време за некои креативни работи.

Сите културни настани во вашата, и во нашата земја, се откажани или се одложени. Имавте ли планови некаде да настапите да не се случеше оваа ситуација?

– Оваа година планиравме многу нешта..од нов албум па до славеничка турнеја по повод прославата 20 години постоење на „Бистрика“. Планиравме да одржиме низа концертни активности во нашата земја и во странство. Прв во низата беше закажаниот концерт во Лондон во престижната сала Union Chapel, кој некако успеавме да го поместиме за 19. февруари 2021 година. Ги откажавме сите концерти од почетокот на оваа година. Во Франкфурт, во мај, требаше да одржиме концерт, пред тоа во Нови Сад, Загреб…, но најважно е само да помине овој тежок период и од тоа да излеземе што побрзо.

Што мислите, што како луѓе може да научиме од целата оваа ситуација? 

– Ова се некои процеси и големи искушенија кои можеме само со внатрешна револуција и работа на себе да ги победиме. Ова е драгоцено време кое, и на овој начин, преку немили околности поради коронавирусот, ни е дадено. Ова време може да биде време на преиспитување, да се спознаеме подобро себе, едни други и светот околу себе. Ова е време кое нè повикува низ животот да одиме со ведар дух, срцето да ни биде топло и живо, исполнето со вера, надеж и љубов, способно да простува и да се кае.

Во последната деценија собирате неоткриени народни песни од блаканскиот регион, какви песни откривте од Македонија?

– Македонските песни се вдахнати со посебна убавина, имаат раскошни мелодии, богати ритмични поделби и многу се изискувачки за пеење. Во мојот дом отсекогаш се слушале песни од Кирил Манчевски, Александар Сариевски, Анка Гиева, Вања Лазарова…Овие денови го завршувам изборот на песни за новиот албум. Ќе ви откријам една тајна дека ќе се најдат три македонски песни. „Се посврши сербез Донка“, „Ти ли се најде Лено мори“ и посакав да ја пеам баш познатата и толку пати снимена песна „Калеш Анѓа“, но во потполно поинаков аранжман.

Остана позната вашата соработка со Тоше Проески, а во поново време и со Влатко Стефановски, што беше најубаво од овие две соработки? Со кои уште македонски музичари сакате да соработувате?

– Пресреќна сум што имав соработка со врвни македонски музичари како што се Тоше и Влатко, вонсериски и посебни. Тоа се незаборавни дружења, прекрасни изведби и не може со зборови да се опише таа радост и љубов додека ја делите сцената со такви музичари. Извонредна соработка имав и со прекрасните групи Синтезис и Љубојна, како и со Џез оркестарот. Голема ми е желбата, и се надевам, дека ќе се оствари соработка и со националниот ансамбл Танец и има навистина уште доста музичари со кои би сакала да соработувам, списокот е подолг.

Се најдовте на албумот за најдобри женски етно вокали во светот со песната Седи мома на високо. Албумот, инаку, ги велича жените и нивната сила. Во што, според вас, е вистинската сила на жената?

– Одговори има многу: силата на жената е во љубовта, одговорноста, убавината, самопочитувањето, почитувањето, во гласот… За тоа и порано сум зборувала дека женскиот глас, како жубор на вода или игра на ветрот, дава ритам на детските сништа и на домашните работи, глас за дружење и осаменост, за радост и сета, како тенка нитка таа е врска и за заедништво.

Што е тоа што е најмагично за странците во вашата етно музика?

– Магијата пред сè е во автентичните песни кои се со извонредна убавина и едноставност, во богатиот колорит на овој простор со техники и карактеристични орнаментации. Познато е дека женските балкански гласови имаат вокална особеност која се препознава и издвојува, па ете делумен одговор.

Што научивте и наследивте од својата мајка? Некаде прочитав дека од првата плата сте ѝ купиле шпорет?

– Научив многу нешта, дека треба да се бориш со добрина и доблести, дека е важно да знаеш да застанеш, да гледаш, наслушуваш, да почитуваш, да сакаш и најважно е да бидеш добар човек, во човекот да видиш човек наспрема себе. Ја наследив од мајка ми музикалноста и гласот, многумина велат и нејзиниот карактер. Од првиот голем хонорар купив шпорет и тоа беше прва работа која не беше купена на кредит во моето семејство.

Имате две ќерки, ќе ве наследат ли? Кој совет како жена на жени не пропуштате да им го дадете на своите ќерки?

– Милица и Ленка го одбраа својот животен повик и драго ми е што не се во музичките води. Тие се талентирани за музика, сакаат да пеат, но тоа што е важно имаат сериозни професии и не мораат да се натпреваруваат на музичката сцена. Советот кој го добив од мојата мајка го пренесов на моите ќерки. Да бидат истрајни на патот кој го одбрале и да не се откажуваат од целта. Да сакаат искрено и дека љубовта ќе им биде возвратена. Да чекорат на оваа планета со крупни чекори.

Кои жени најмногу ве инспирирале, а кои ви помогнале во вашиот живот и како жена и како музичарка?

– Мама Руса, сестрата Вера и тетка Јелка, секоја од нив влијаеше на мојот животен пат и многу ми помогнаа да сфатам што е тоа што ме води и заведува сите овие години, колку е важно да се постави цел, под услов да е остварлива, колку е важно да се биде истраен и самопрегорен и колку се потребни мирот и смиреноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот