Интервју со Бени Шакири: Ни пес не може сам, ни требаат луѓе во животот

Фото: Приватна архива

Разговорот со Бени го почнавме спонтано, без прашања, со чај и кафе. По 20 години клупска и концертна музичка кариера, ме интересираше каде се наоѓа сега, во овој момент во животот.

Се познаваме од некои други времиња. Што мислиш за времево сегашно?

– Најголемиот комплекс на човекот е синдромот на Бога, желбата за моќ, за контрола. Напишав песна „Биди мудар, немој да се курчиш, не си створен за довека…“, ама никој на радијата не сакаше да ми ја пушти поради „курчиш“, демек било непристојно, а се работи за обична скопска фраза, сленг. А толку порнографија се пушта со еден клик! Мене не ми се проблем оние 2-3-30 нацисти што ги смислуваат криминалите, проблем е масата народ што стои по страна и послушно ги извршува. Немаат чувство дека треба да се побунат туку само сакаат да се прикачат на тоа. И јас сакам да имам „бентли“, ама не сакам да учествувам во таа игра. Има многу луѓе без емпатија, сочувство за другиот, а има толку многу луѓе страдни за основни работи во животот. Затоа не можеме да мрднеме како систем, од она „знаеш чие дете е тој?“. Таа негативна селекција нѐ урниса. А просто е: ако мечка игра во твојот двор, ќе заигра и во мојот. Секое зло влече друго зло. Тоа е синџир.

Тоа ни го прави и технологијата, социјалните мрежи…

– Јас сум човек верник, кога ќе се разбудам, му се заблагодарувам на Бога за уште еден убав ден, а алгоритамот веднаш снима и ми нуди соодветни содржини. Ние сме веќе под контрола со мобилните телефони, не треба да нѐ чипираат. Ама не ми е гајле, немам што да кријам. Што рекол Рамбо Амадеус за турбо-фолкот, тоа е некритична употреба на технологијата. Сите пронајдоци можат да служат и за добра и за лоша цел, зависи во чии раце се. Рамбо ми е најмудриот човек на Балканот, посебен е и многу сакам да го слушам. За човек да стане мудар, треба да поминат години, искуства, километража. Треба да се наредат коцкичките.

Фото: Приватна архива

До каде се твоите коцкички сега?

– Тука можеш да си ултраталентиран, исклучително паметен, или сосема глупав, системот нѐ сведува на исто. Затоа, коцката кај мене е таква каква е. Јас сум припадник на една генерација што е подготвувана за еден поинаков, би рекол подобар свет. Затоа имам проблем да се приспособам на овие услови, не кореспондирам со сегашната стварност. Не дека не можам, но имам отпор. Јас сум сосема аналоген човек. Немам капацитет да сфатам дека човек може некому да направи зло, мислам дека луѓето се добри во суштина. Не можам да сфатам толку криминал, војни, дрога, раселени луѓе, педофилија… Во детските приказни кои и ние сме ги слушале, секогаш се работи за борбата помеѓу доброто и злото, ама тоа сме го сфаќале некако апстрактно. Но, сега навистина го гледаме тоа, соголено. Тоа ми е мене водилка во животот, да бидам што подобар човек. Сега имам и деца, треба да им бидам урнек. Децата не се учат со зборување, туку со сопствен пример.

Посветен татко си. Дали ако на помлада возраст ги добиеше децата, ќе беше толку посветен?

– Јас сум емотивец, затоа ќе бев добар и ако бев помлад. Плус, ќе бев помалку нервозен. Сега трката за егзистенција ме направи малку нервозен. Но, не можам да легнам навечер ако не ги бакнам децата. Или наутро да ги разбудам нежно, да не им правам стрес од будењето.

Како функционираш сега?

– Исклучиво од музика. Имам свој бенд веќе 20 години и свириме во клубови и секаде каде што ќе нѐ поканат, во клубови, концертни сали, свириме и на свадби, но тоа се рок-свадби. Бев резидент во повеќе клубови, во „Маракана“, „Мусандра“, „Колосеум, „Гнездо“… Одбрав цел живот да се посветам на живи настапи, ама тоа мора да е со врвен квалитет, затоа секогаш свиревме во преполни сали. Не сакам газди, не сакам авторитети, затоа сум одбил и многу понуди за вработување. И тоа одлично функционираше до пандемијата. Тогаш работата сосема се сроза, но сега повторно фаќаме залет, се нормализираат работите. Главно, работам работа што си ја сакам. И ова го правам без ден музичко школо. Но, не сум единствен, повеќето рок-музичари не ги знаат нотите, па и светските ѕвезди.

Фото: Приватна архива

Имаше ли некој репер, на кого да се угледаш?

– Не, не, јас сум бандоглав. До 2005 година ги презирав клупските свирки. Тогаш правев некоја кариера со моја музика, но имав малку живи настапи, а тоа е потребно. Ќе се качев на сцена понекогаш со мои пријатели што свиреа по клубови и гледав дека публиката реагира. Така ми се отвори тој простор. Нѐ поканија во „Маракана“ да свириме постојано. Прифативме, но знаев дека мора да бидеме перфектни за да не го посрамотиме оригиналот, а и самите себеси. Сфатив дека можам да живеам од тоа. Потоа дојдоа други понуди и така се заредија работите. Мислам дека нема место во Македонија, сала, клуб, каде што не сум свирел, тоа се илјадници настапи. Можеби во Виница само не сум свирел, но само таму. Ја имам таа привилегија да можам да живеам од тоа што го сакам. Не можам да бидам некој вработен во пошта што во прва смена удира печати на коверти, а навечер е музичар. Сега-засега добро ми оди. Но, е многу изискувачко. Во нормалните средени општества снимаш авторски материјал, па тој ти носи тантиеми. Тука авторскиот материјал служи да те викнат по телевизии, да те видат дека си жив.

Би работел сѐ во врска со музиката. Можеби само турбо-фолк не би свирел. Но, сѐ друго во врска со музиката би работел, буквално сѐ, авторски, продуцентски, организациски. Само да сум во музиката. За тоа сум изгледа предодреден.

Што правиме со концертниот простор?

– Универзална сала одамна не функционира, со години божем ја реновираат, а не е до никаде. Салата „Борис Трајковски“ е сепак спортска сала, не е концертна. Салата на Филхармонија е дизајнирана строго за класична музика. Има таму прескапа опрема, микрофони, звучници, но кабината на тонците е горе, највисоко и далеку од сцената. Види ги тонците секаде во светот, тие се најблиску до бината. Не знам зошто не консултираат стручњаци, туку сѐ се сведува на импровизација. Само кај нас има такви нелогичности.

Правиш ли планови за иднината?

– Ако си сретнала човек што нема план, тоа сум јас. Барем не планирам долгорочно. Ако планираш долгорочно, па ти се изјалови, тоа е вовед во разочарување. Но краткорочно планирам. Планирам да реобјавам наш стар авторски материјал, малку продукциски освежен, да одбереме дваесетина наши песни и да поканам луѓе што ми се драги заедно да ги отпееме. А потоа да направам еден сериозен концерт. Не дека ми треба, сакам од ќеф да го направам тоа. Смислата на животот е да си ОК со луѓето, да си го гледаш семејството, пријателите. Ни пес не може сам, ни требаат луѓе во животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот