Интервју со Ана Колевска, стјуардеса: Денес можеш да се разбудиш во Европа, утре во Азија, а задутре во Австралија
Да се биде стјуардеса не значи само да одиш на работа и да се вратиш дома. Твојот биоритам, празници, родендени, па дури и односите со луѓето се приспособуваат на распоредот на летови.
Ана Колевска од Скопје уште од детството сонувала за живот меѓу облаците, водена од желбата за слобода, патувања и нови хоризонти. Денес, таа е стјуардеса, која преку професијата што ја живее како животен стил, зад себе носи богато искуство од различни култури, дестинации и човечки приказни.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“ Ана искрено зборува за патот до небото, за предизвиците и за лекциите што ја обликувале и професионално и лично.
Што беше твојата прва мотивација да станеш стјуардеса и дали имаше некој што те инспирираше?
– Желбата да станам стјуардеса постои уште од моето детство. Првпат се роди откако го гледав филмот „Поглед од врвот“, кој раскажува приказна за девојка што сонува да стане интернационална стјуардеса и не се откажува без разлика на препреките. Тој филм некако ми го отвори хоризонтот и ми покажа дека светот е многу поголем од местото каде што сме родени. Немав конкретна личност како инспирација, туку самата идеја за слобода, патувања, нови култури и живот без граници беше мојот најголем мотив.

Оваа професија не е само работа, туку животен стил. Како би ја објаснила таа разлика?
– Да се биде стјуардеса не значи само да одиш на работа и да се вратиш дома. Тоа е начин на живот што бара постојана адаптација, дисциплина и отворен ум. Твојот биоритам, празници, родендени, па дури и односите со луѓето се прилагодуваат на распоредот на летови. Но, токму во тоа е убавината, учиш да живееш во моментот, да бидеш флексибилен и да го цениш времето на поинаков начин. Тоа е животен стил што те гради и те менува засекогаш.
Кои беа најголемите предизвици на почетокот од кариерата и дали постои момент што особено ти останал во сеќавање?
– Најголем предизвик на почетокот беше самиот процес, одбивањата од големите авиокомпании и моментите кога се прашував дали навистина сум доволно добра. Но, секое „не“ ме направи посилна. Моментот што засекогаш ќе ми остане врежан е повикот кога ми соопштија дека сум примена во „Флај Дубаи“. Тој ден знаев дека сите жртви и чекања конечно се исплатеа. Исто така, првиот пат кога ја облеков униформата и мојот прв лет, тоа се емоции што не можат да се опишат со зборови.

Како изгледа животот со постојани патувања и што е она што најмногу вреди во оваа работа?
– Животот со постојани патувања е динамичен, интензивен и никогаш монотон. Денес можеш да се разбудиш во Европа, утре во Азија, а задутре во Австралија. Она што најмногу вреди е богатството од искуства, луѓето што ги запознаваш, културите што ги доживуваш и спомените што ги собираш. Тоа е нешто што никој никогаш не може да ти го одземе.
Како изгледа балансирањето помеѓу професионалниот и приватниот живот?
– Балансирањето не е секогаш лесно, особено со долги летови и различни временски зони. Понекогаш пропушташ семејни настани и важни моменти, но со текот на времето учиш како да создадеш сопствен баланс. Квалитетното време со блиските, кога си дома, станува многу повредно. Оваа професија ме научи дека балансот не значи секогаш еднакво распределено време, туку свесно присуство таму каде што си.

Кое е најубавото место што си го посетила благодарение на професијата и што токму тоа го прави посебно и незаборавно за тебе?
– Има две места што за мене се подеднакво посебни, но од различни причини.
Првото е Мелбурн, Австралија, затоа што таму, благодарение на професијата, повторно се сретнав со моето семејство што го немав видено речиси осум години. Тоа беше момент што нема никаква врска со туристички атракции, туку со емоции, спој на умор од долг лет и неизмерна среќа што не може да се опише со зборови. Тоа засекогаш ќе остане еден од највредните спомени во мојата кариера.
Второто „место“ е всушност комбинација од Бали, Тајланд и Индија, дестинации во кои постојано се враќам, бидејќи имаат посебно место во моето срце. Таму ме привлекуваат духовноста, богатата култура, неверојатната храна и природата што буквално те остава без здив. Особено Краби во Тајланд, каде што околината ми делуваше нереално, како сцена од друг свет. Отсекогаш сум имала посебна љубов кон природата, а кога таа е споена со исклучителната гостопримливост на луѓето и нивната култура, добивам потсетник дека вистинската среќа доаѓа од едноставните нешта во животот.

Кое е најважното искуство или лекција што си ја научила како кабински екипаж?
– Најважната лекција е емпатијата. Научив дека секој човек носи своја приказна и дека трпението, разбирањето и смиреноста можат да променат многу ситуации. Исто така, научив да останам професионална и присебна дури и во најстресните моменти, вештина што ми користи и во приватниот живот.
Имаш ли некоја интересна или необична анегдота од летовите?
– Еден од најемотивните моменти беше кога, додека работев во Нигерија, успеав да организирам посета на авион за деца од сиропиталиште. Да се види нивната радост и возбуда кога за првпат влегоа во авион беше нешто што никогаш нема да го заборавам. Тоа ме потсети колку малите нешта можат да направат огромна разлика.

На кој начин професијата те промени – професионално и лично?
– Професионално ме направи самоуверена, дисциплинирана и многу поодговорна. Лично – ме научи да бидам храбра, независна и отворена кон различности. Денес гледам на светот со многу поширока перспектива и знам дека можам да се снајдам во речиси секоја ситуација.
Што би им порачала на младите што размислуваат за оваа професија?
– Би им порачала да не се плашат и да пробаат. Ако срцето ве влече кон небото – следете го. Патот можеби нема да биде лесен и ќе има одбивања, но токму тие ќе ве изградат. Оваа професија е едно од најбогатите животни искуства и ако ја сакате, ќе ве награди на начини што никогаш не сте ги замислувале.


